„Рокот“ (временската рамка) во правото е светост! Секој човек може да биде сто насто во право, но доколку навреме не поднесе барање, тужба, жалба или кој било друг редовен или вонреден правен лек, ќе го загуби правото на водење постапка, а со тоа и можноста да го оствари или докаже своето право.
Роковите во судските постапки почнуваат најчесто од 8, 12, 24 и 48 часа во притворските предмети, до 8, 15 или 30 дена кај роковите за жалби или вонредни правни средства. Секое пропуштање на овие рокови, значи зaгубена битка без борба за граѓаните.
Роковите се преклузивни (перемпторни), што значи дека нивното пропуштање води кон преклузија како процесна санкција, односно неможност за повторно преземање на процесното дејствие, на пример, рокот од 15 дена за поднесување жалба на процесни решенија или на пресудата.
Ако е така, ако граѓанинот е стегнат во временски теснец за доставување на поднесоците, дали и судот, исто така, има рокови во кои треба да одлучи, да ги напише решението и пресудата и да ги достави до странките, или судиите се комотни на своите позиции и за нив не важат никакви рокови?
Секако дека и за судот има рокови, во последно време многу заострени, кои дури се и основа за разрешување на судијата, доколку предметот не се закаже во рок, доколку не се напише пресудата или ако поминат повеќе од триесет дена од едно до друго судење, постапката повторно почнува од почеток, што е еден вид опомена за судијата дека мора да внимава на роковите, а доколку не го прави тоа, по сила на законот ќе мора два или повеќе пати да ја работи истата работа, по системот „пиши-бриши“.
Од ова станува очигледно колку се важни пропишаните рокови во правото. Ако го пропуштите рокот, секој понатамошен обид за докажување на вистината ви е залуден. Тоа би личело како да се обидувате водата која протекла вчера низ Вардар во Скопје, денеска да ја вратите назад.
Роковите ни се силен повод за објаснување на судската процедура поради однесувањето на Апелацискиот суд во Скопје и неговиот принцип на „топло-ладно“ во случајот „Ликвидација“, каде што е осуден новинарот Томислав Кежаровски, заедно со судии, обвинители, адвокати. Познато е дека судот на 24 октомври 2014 година одржа јавна седница на која ги разгледа жалбите на обвинетите и нивните адвокати, но одлуката, барем до денеска, и покрај сите најави, не е објавена.
Судот во неколку наврати од почетокот на декември најавуваше дека ќе ја донесе или дека ја донел одлуката, но неа и по најавите дека ќе биде доставена до Кривичниот суд пред крајот на 2014 година, сè уште ја нема.
Доколку прашате тројца правници: дали има рок во кој второстепениот суд треба да одлучи по жалбите и да ја напише пресудата, нека не ве изненади ако добиете четири одговори. Сепак, во оваа прилика, морам да констатирам дека, иако Законот за кривична постапка не поставил стриктни рокови за одлучување по жалбата, и за овие судии важат општите рокови за изготвување на пресудите од 15 или 60 дена за сложените предмети, па оттаму, секој ден одложување е грубо непочитување на Законот за кривична постапка и на Судскиот деловник.
Накратко ќе објаснам што се случува откако жалбата на првостепената пресуда ќе дојде до Апелацискиот суд, без да навлегувам во цитирање на членови и ставови, каде што некој може да се фати за толкувањето на запирките во реченицата. Ќе говорам само за постапката, од каде што ќе се види дека судиите на второстепениот суд си дале преголема комоција во овој предмет досега.
Законот познава два рока за изготвување на пресудите/одлуките: 15 дена за сите пресуди, освен за сложените предмети за кои е предвиден рок до 60 дена. Доколку во овие два рока, судијата не ја напише пресудата, должен е да го извести претседателот на судот за причините, а овој, веднаш и без одлагање, мора да му ги обезбеди сите услови за итно завршување на пресудата, како што се стручен соработник, записничар, технички услови или други средства. Доколку се пробие рокот, според законот, тоа е основа за санкционирање на судијата, што може да заврши со негово разрешување. Комисија на Судскиот совет неодамна иницираше постапка за санкционирање на судијата кој не ја напишал пресудата за „Монструм“ во рокот од 60 дена, но во последен момент, со надгласување беше спасен од казна.
Бидејќи овие рокови се наведени за првостепените судии, тогаш нив, со максимум 60 дена за сложени предмети, ќе ги пресметаме и за апелациските судии. Рокот од 60 дена, ако сметаме само од одржување на јавната седница, одамна помина. Сепак, овој рок е за писмено изготвување на одлуката, а на судот, ниту еден закон, или пак деловник, не му забранува да ја соопшти одлуката.
Првостепениот суд што ја донел одлуката, ја доставува второстепената пресуда до обвинетите, но нема законска обврска јавно да ја објави. Оваа обврска му останува на второстепениот суд, кој од само за него познати причини не практикува и јавно да ја објави. Да не зборуваме дека е обврзан да ја постави на веб-страницата на судот и тоа во краток рок од два дена, зашто, ако се погледна веб-страницата на судот, ќе видиме дека времето на објавување застанало години наназад.
Во предметот „Ликвидација“ постапката по жалба трае многу подолго од определениот рок од 6 месеци за кој треба да завршуваат жалбените постапки, или многу пати подолго од рокот од 45 дена што го предвидува Законот за кривична постапка, доколку обвинетиот е во притвор.
Без разлика што притворот на Кежаровски е „куќен“, сепак тоа е притвор. Другите обвинети на кои им беше продолжен притворот до правосилноста на пресудата, побарале да почнат да ја издржуваат казната и тоа може да биде „олеснителна“ околност за Скопскиот апелациски суд, но не и оправдувачка, бидејќи сепак станува збор за притворски предмет.
Штом ќе пристигне жалбата пред второстепениот суд, претседателот на советот (суди совет од петмина судии) одредува судија – известител (сега преку модерниот компјутерски систем „акмис“) кој презема процесни дејствија: прегледува дали предметот е комплетен со сите жалби и потребни списи, ја проучува содржината на жалбите која потоа ја изнесува на јавната седница (ако е побарана таква) и го доставува предметот на мислење до Вишиот јавен обвинител. И обвинителот нема рок за одговор на жалбата, но ако се следи рокот од 15 дена кој им е даден на адвокатите и на обвинетите за жалба на пресудата, во овие рамки треба да се движи и рокот за изјаснување на Вишиот јавен обвинител. Откако ќе се пратат покани до странките и до обвинителот, судот ја одржува јавната седница.
Седницата на второстепениот суд е јавна, а јавноста може да се исклучи само во случаи стриктно одредени со закон. На седницата, судијата известител го реферира предметот, давајќи им објаснувања на другите членови на советот за што се работи. На седницата на советот се води записник кој се приклучува кон списите. ЗКП предвидува обврска за второстепениот суд, ако утврди дека фактичката состојба била погрешно или нецелосно утврдена, при повторно одлучување за ист предмет да одржи претрес и да донесе пресуда според одредбите на ЗКП, за да нема постојано укинување и враќање на повторно судење, но оваа практика речиси е непозната за апелациските судии, кои не се расположени да судат во прв степен и на тој начин да отворат пат нивните одлуки директно по жалбата да одат пред Врховниот суд.
Законот предвидува дека второстепениот суд треба да му ги врати сите списи на судот од прв степен со доволен број заверени преписи на својата одлука и тоа што е најважно: Ако обвинетиот е во притвор, второстепениот суд е должен својата одлука со списите да ја достави до судот од прв степен најдоцна во рок од 45 дена од денот кога ги примил списите од тој суд.
По одржување на јавната седница, судиите гласаат за одлуката. Од пет судии, мора да гласаат најмалку тројца за да биде валидна одредената одлука. Тие што не се согласуваат, можат да издвојат мислење. Законот ја регулира постапката на гласање, па, на пример, доколку петте судии во случајот „Ликвидација“ не можеле да одлучат дали некој е виновен или не, гласаат додека не се добие мнозинство.
Ако мнозинството оценило дека има вина, тогаш само мнозинството гласа и за тоа колкава казна да се определи (за секое дело поединечно и на крај вкупно). Претседателот на советот гласа последен, а се гласа за сите прашања, на пример, и за висината на паричната казна доколку е одредена и таква казна, покрај главната, за одземање и конфискација на имотот, за забрана за вршење професија и други прашања за кои треба да се изјаснат судиите.
„Гласањето е конкретно определување на секој член на советот за определено решение, а со тоа и за определена содржина на одлуката. Гласањето следува по завршеното советување. Одлуката е донесена кога за неа гласало мнозинството од членовите на советот. Ако во поглед на одделни прашања за кои се гласа се поделат гласовите на повеќе мислења, така што ниедно од нив нема мнозинство, ќе се раздвојат прашањата и гласањето ќе се повторува додека не се постигне мнозинство“, предвидуваат законските одредби.
Гласањето до усогласување на ставовите може да се повтори неколку пати, но таа одлука во никој случај не се носи 2 месеца по одржување на седницата. Роковите од 15 и 60 дена што ги дава Законот се за пишување на одлуката. Овие рокови, ако броиме од 24 октомври 2014 година се пречекорени, а ако рокот се брои од денот кога е поднесена жалбата, како што е според Законот, тогаш тој е десеткратно надминат!
Пресудата која е објавена мора писмено да се изработи во рок од 15 дена по објавувањето, а по исклучок кај посложените предмети, во рок од 60 дена, предвидува Законот за кривична постапка (ЗКП).
Според аналогија на она што го пропишува ЗКП за објавување на првостепена пресуда, рокот е веднаш по завршување на судењето или најдоцна 3 дена подоцна. Пресудата секогаш мора да биде јавно објавена, независно дали обвинетот е присутен или не. Оттука, во ниту една одредба, Законот не го спречува судот да ја објави својата одлука и да ја извести јавноста за неа. Повеќе од јасно е дека Скопскиот апелациски суд не почитувал ниту еден од овие рокови, а не одговара ниту на прашањата до кога планира да ги чува одлуката и предметот кај себе и да не ги доставува. И, дали куќниот притвор определен „до правосилноста на пресудата може да трае до недоглед“, без можност да се преиспита во меѓувреме или да се замени со друга мерка, гаранција или со одземање патна исправа и јавување пред надлежен орган.
Доколку одлуката, според сите очекувања е укинувачка, предметот треба да се врати на повторно судење, сè да почне отпочеток и набрзина да заврши до мај годинава, кога истекуваат двете години од поднесувањето на обвинението и до кога законски може да се продолжува притворот!
Авторот е новинар