Многу скоро после војната, големите американски корпорации пристигнаа во Ирак и земјите во соседството. Војската има потреба од храна, одржување на камповите и услуги коишто во американскиот систем можеа да се набават само на еден начин: преку склопување на тендери со приватниот сектор. Но, американскиот приватен сектор не функционира само со Американци, и тоа не само надвор од Америка. Помалку платените позиции, исто како во секој мал ресторан на аглите на Петтата авенија, се пополнуваат со не-Американци. Луѓе од сите краишта на светот работат во економскиот проект наречен „Соединетите Американски Држави“.
И така, таа далечна 2004-та година, луѓе што работеа во тогаш веќе затворената американска база на аеродромот Петровец, добија понуди да работат на Блискиот Исток. По катастрофалните 90-ти, шокирачката 2001-ва, економски истоштените рани 2000-ти не беа среќно време за повеќето семејства во државава ни. Можноста да работат за плати по 10-15 пати поголеми од просекот беше неповторлива можност. Многумина заминаа и многумина беа баш од Куманово.
Во време кога ЗИК (Земјоделска Индустрија Куманово) ги произведе последните шишенца сокче од јагода во стакло, кога ЧИК (Чевларска Индустрија Куманово) ги пушти во продажба последниот пар гумени влечки, а Бучен Козјак беше само семејна млекара две улички под Зелениот пазар, парите од војната во Ирак беа неверојатен нов приход во овој град. Многу пати, посебно кога ќе поминував низ градовите низ Источна Македонија, се прашував како ли ќе изгледаше Куманово да не одлучеше Буш Помладиот дека Садам Хусеин има оружје за масовно уништување.
Една од првите големи промени за оние што Југославија ја познаваа само од учебниците по историја беше отворањето на првиот пливачки клуб за деца. Добро, претходно постоеше една мала група „нечии деца“, но вистинскиот бум настана по заминувањето на печалбарите низ Блискиот Исток. 40-тина деца, на возраст од 9-10 до кај 15-16 години почнаа да тренираат пливање, во олимписки базен, со тренер и евентуално учество на натпревари. Едно од децата бев и јас. Кога татко ми замина за Кувајт, мајка ми ме праша дали сакам да одам на пливање. Како и за повеќето работи како дете, не размислував многу-многу дали сакам или не. Ми помина низ глава дека одев на гимнастика во стара Соколана и се откажав бидејќи немаше стакло на прозорците и ми студеше во зима. Ми текна и колку време татко ми ми беше лут што се откажав. А, кога веќе тргнав еднаш и почнавме да броиме кој колку должини испливал, веќе не мораше ништо повеќе да ме инспирира. Потребата да се натпреварувам си исплива на површина и јас бев дел од пливачкиот клуб.
Единствениот проблем во тоа време беше што Куманово немаше базен.
Па така, секоја сабота и недела се собиравме во 7 наутро пред старата цвеќара (освен кога се менуваше саатот, тогаш стоев од 6), се качувавме во изнајмен автобус (што во тоа време беше луксуз) и патувавме до Олимпискиот базен во Скопје. Стигавме околу 8, се пресоблекувавме до кај 8 и пол и пливавме до кај 10. До 11 се сушевме и пакувавме и стигавме назад во Куманово околу 12. И така секоја сабота и недела.
Не сум сигурна која беше тогашната правна состојба на Олимпискиот базен, но веројатно беше тука некаде со фактичката. Тушеви немаше (или не работеа, не сум сигурна). Соблекувални имаше премалку, па ако некогаш се поклопевме со скопските клубови, се пресоблекувавме пред влезот во соблекувалните, сите на купче (и ден денес можам целосно да се пресоблечам без никакви инциденти, само со пешкир. Нешто како бурлескно шоу, само многу подосадно.) Не ретко бевме премногу луѓе во една лента за пливање. Фенови за коса си носевме од дома (нормално).
Но, можеби ништо не беше толку лошо како водата. Тогаш за прв пат се запознав со поимот НПО или „непознат плoвечки објект“. Тоа е некоја комбинација на човечка коса, нечистотија и останати непознати состојки коишто пловат низ водата. Изгледа по малку како дипето што се собира по ќошињата ако не чистиш по дома редовно, само во поелегантна варијанта. Е сега, и НПО беше донекаде „прифатливо“ кога имаше греење на базенот. Се сеќавам дека имаше еден месец кога едноставо немаше греење на базенот. И тоа во зима. И тоа не зборувам за греење на водата, туку на просториите. Водата секогаш беше ладна. Но, кога немаше греење стануваше толку ладна што ни 8-те должини краул за загревање (8х50м) не те загреваа. Еднаш, еден од скопските тренери (кој веројатно сметаше дека педагогијата е форма на античка борбена вештина), во обид да не натера да пливаме, го грабна цревото од чешмата и почна да не прска за да пливаме. Многу убаво ни дојде оти водата од чешма во зима беше потопла од водата во базенот.
По година, година и пол имав таква легендарна повреда на коленото што никогаш повторно не се вратив да пливам во мојот клуб. Знам дека ми кажуваа оти условите се подобриле, колку толку. Години подоцна, Куманово изгради затворен базен. Повремено ми излегува по некое инста стори од луѓе што пливаат и ептен ми е мерак.
Деновиве живеам во Њујорк и студирам на Универзитетот во Њујорк. Лоциран во Гринич вилиџ, околу Вашингтон Сквер Парк. Огромен универзитет (за мое поимање), со безброј додипломци и постдипломци, со програми за најразлични области, од вокален перформанс до меѓународни односи. Ни се извинија некои професори на почетокот оти се гради нова теретана во нова зграда, па до тогаш мораме да ги користиме старите. Минатиот семестар одев на кик бокс во една од старите на улицата Лафајет и семестаров решив да почнам пак да пливам. Близу Јунион Сквер-от.
Враќањето во вода беше едно такво емотивно искуство што ги спамирав моите дома следните два дена. Не затоа што прва пат сериозно почнував да пливам после повредата. Туку затоа што на 27 години, за прв пат пливав во услови коишто се човечки, а се светлосни години одалечени од она што го сметав за нормално.
Што да ви кажувам… Посебни шкафчиња за секого со катанче, огледала, ваги за мерење, туш кабини со гел за туширање со мирис на јаболко. Водата чиста, да не мириса на хлор, да се напиеш. Не знаат што е НПО. Секоја можна пловка и помагало што можеш да го замислиш. Тајмер што можеш да го следиш дур пливаш за да си го мериш времето. Загреана просторија.
Излегов првиот пат и ми докриве. Не поради мене, оти ниту бев некаков си талент за пливање, а ниту почнав на време со тренирање. Но, ми докриве за сите оние талентирани деца што мораа да пливаат во нехумани услови бидејќи го сакаа пливањето до тој степен. Ми стана криво за сите оние што со години вложуваа и даваа се од себе во таа вода, за да се откажат после 10-12 години оти ниту трудот им се ценеше, ниту перспектива имаа, ниту некој се потруди да им обезбеди барем чиста вода.
И да, финансиите се важна работа, но исто толку важен е менаџментот. Не може да се управува како се стигне со јавни добра и да се очекува дека ќе има и за следните генерации. Не може да не се вложува во идните генерации и да се очекува дека „ќе се снајдат“. Сите ние заслужуваме подобро. Наше е да го бараме, да го очекуваме и да работиме на тоа за да се оствари.
Во градот што беше зачетокот на војните во Авганистан и Ирак продолжувам да пливам бидејќи научив да пливам благодарејќи на војната и моите родители коишто размислуваа доволно долгорочно. Не знам уште како да ја процесирам оваа реченица.
(Пред неколку недели сфатив дека има и фенови за да не носат од дома студентите. Вчера сфатив дека има машина – центрифуга за цедење на костимот пред да си го спакуваш.)