Зошто Шарена револуција? Шарената револуција во Македонија е најблага форма на отпор што граѓаните на една вака срамно столчена земја можат да ја дадат. Ама најблага! Најслатка и најфина, културна и речиси човек да помисли дека живее во Шведска, а не 25 години во грабеж, срамно понижување на Македонецот од секоја општествена сфера.
Шарената револуција има повод и причина, повод е руинирањето на правната држава и институциите, причините се многу подлабоки. Дел сум од оваа револуција не заради поводот туку заради причините. Не верувам (лично) во некорумпирани институции (особено судството), тоа е мое лично убедување и би сакала некоја идна владејачка гарнитура да ми го промени.
Но, причините и тоа како се поважни и подлабоки. Верувам во оваа револуција која дојде како резултат на: 25 години морничава сиромаштија, корупција, затвореност на државата, убиства, медиумски мрак, полициска бруталност, задолженост, безочно лажење итн. Шарената револуција секој при здрава свест во оваа држава треба апсолутно да ја поддржи откако ќе погледне во својот паричник, својот пасош, околу себе и во своите деца.
За прв пат граѓаните на оваа земја не попуштаат пред „владетелите“ и тоа е за огромна почит и голем чекор за граѓанскиот концепт во оваа наша до сега жално назадна земја, зошто прв пат покажуваме дека кој и да дојде на власт никогаш, ама никогаш, не смее да повтори вакво зло, никогаш повеќе да не дозволиме некој да нѐ гази додека не ни ги искрши сите коски.
Верувам дека тука е крајот на пропагандата, омразата и кичот, а почеток на свесноста, почитувањето и вистинските вредности
Сега покажуваме дека многу побрзо на следниот ќе му се случи ова и многу пожестоко, нема веќе трпење. Ако сака некој да „владее“ со парите на граѓаните има сериозно да се „испоти“ за „платиче“ какво што е македонското, нели, нема да тепа од ќеф, ниту пак, ќе има ингеренции подалеку од описот на неговото работно место (читај: влијание врз медиуми, култура, бизнис сектор, професионалци, индивидуи).
И, конечно, ќе ги примораме политичарите да ѝ служат на вистината, зашто од вистината нема бегање, во ова „наше маало“, особено со целата технологија и доаѓањето на новите генерации, жално е некој иден политичар да мисли дека ѓубрето што го остава зад себе ќе му „помине“ незабележано.
Верувам дека тука е крајот на пропагандата, омразата и кичот, а почеток на свесноста, почитувањето и вистинските вредности.