Протестите на студентите, симболичните „окупации“ и „автономни зони“ на УКИМ се настани кои заслужуваат респект и раѓаат надеж дека Македонија, и покрај сѐ, има сила да излезе од вртлогот на зачмаеноста и бесперспективноста.
За разлика од некои нивни претходници, кои својата автономија ја проектираа во ограничувањето на правата на „другите“, овие студентски протести досега широко ги надминуваат тесните националистички и митологизирани балкански предрасуди.
Голем успех досега е што тие успеаја да останат имуни на партиските и политички влијанија. Тоа не е беззначајно во земја каде со децении партиската книшка е единица мерка за квалитет, знаење, моќ, па и за правото на протест.
Тоа е добар сигнал – знак дека во Македонија се раѓа една нова генерација која не прифаќа дефинирање на универзитетот, државата, па и на нивниот живот, низ призмата на нечиј диктат и нереализирани амбиции, туку на темелите врз кои некои минати генерации во Европа го градеа својот сон: слобода, правда и еднаквост.
Тоа нема да биде ни лесен, ниту брз процес. Македонија дури денес го доживува она што некои генерации студенти го живееја во далечната ´68. Тоа не треба никого да обесхрабри, туку напротив, да покаже дека Македонија треба и мора да се менува. Фактот што тоа требаше одамна да се случи не е товар за овие студенти, туку само болно потсетување за нивните претходници, кои не се ни обиделе нешто да сменат.
Првиот чекор е направен
Надежта дека првиот чекор на тој долг пат е направен, се токму симболичните окупации на студентите. Велат дека им е доста – и во право се.
Македонија денес е на европското дно според повеќето релевантни параметри – економски, социјални, демократски. Држава која е далеку од нормалниот свет, држава со архитектонски „потфати“ кои западниот печат ги прогласува за „историски кич“, а нејзиниот премиер го опишува како „мал диктатор“.
Македонија денес во очите на светот е уште една балканска земја во која гробовите и спомениците на, наводно, славните предци, се позначајни од иднината на нејзините граѓани.
Протестите на студентите можеби нема да донесат радикални промени, но тие се сигнал дека промени се можни. Тие се надеж дека во Македонија, сепак, постои критична маса на слободоумни, образовани млади луѓе ослободени од партиски стеги, но не и од политичката и општествена свест која налага не само отпор кон неправдата, туку и борба за едно ново општество во кое ќе биде можен нормален живот.
Коментарот е објавен на страницата на Сервисот на Дојче веле на македонски јазик