Замисли си

На барање на граѓаните, Владата се откажа од ДДВ-то за донации за настраданите од поплавите. Министерството за култура ја поздрави иницијативата за Вања Лазарова. Ќе ѝ додели национална пензија. Студентите се во право. Премиерот најави целосна реконструкција на студентскиот дом „Гоце Делчев“.

Изгледаше дека се зачинети со кромид, но овие наслови станаа вистина. Штом тргна така, ајде за момент да си замислиме дека така и ќе продолжи. Кога би бил можен пресврт, вака ја замислувам втората половина на Македонија 2014-та.

Студентскиот дом Гоце Делчев ќе се пренамени во Дом на млади на Македонија

После направената анализа, Владата ја промени одлуката за студентскиот дом Гоце Делчев. Запуштениот објект целосно ќе се реновира, но ќе се пренамени во младински комплекс за развој на претприемништво, уметност и неформално образование. Студентите ќе се преселат во нов студентски дом кој експресно ќе биде изграден во текот на летото.

Новиот Дом на млади на Македонија ќе го задржи името „Гоце Делчев“, а просторот од четирите 13-катници ќе биде пренаменет во бизнис инкубатори конференциски сали, музички сцени, дизајнерски студија, кино сали, компјутерски лаборатории, простории за невладини организации и за други потреби на младинските заедници.

Анализите покажале дека ваквите инвестиции во развој на младинскиот сектор се единствен начин да се влијае врз одливот на мозоци од државата. Новите младински простори ќе обезбедат услови за развој на работни и животни вештини, ќе овозможат повеќе пракса, ќе поддржат развој на бизниси водени од млади.

Учениците може да стивнат, екстерното ќе биде пробно

После низата проблеми и при годинашното тестирање, Министерството за образование и наука одлучи дека екстерното ќе биде пробно во следните две години, со цел да се редефинираат целите, да се подготви модел кој ќе овозможи подобрување на образованието и учениците да ослободат од неколку месечниот стрес. Од МОН процениле дека постојаните реакции на учениците, професорите и родителите се основани, дека 25-те илјади граѓани кои се потпишаа на ланската петиција праќаат сериозна порака и затоа екстерното нема да се официјализира сè додека не се најде решение кое е прифатливо и за учениците и за професорите.

Чист воздух и чиста вода за сите граѓани

Ова е еден од приоритетите на новата Влада. Откако граѓаните почнаа да се здружуваат и да реагираат на масовните загадувачи на животната средина, Министерството за животна средина се одлучи на пресвртница во еколошките политики. Се најавуваат серија мерки кои ќе бидат одговор сите досегашни барања на граѓаните за кои известуваа медиумите. На краток рок, се очекува целосна забрана за градење објекти на планината Водно и итна инвестиција за обезбедување филтри за заштита од загадувањето на Железара и ФЕНИ. До крајот на годината ќе се направи и ревизија на одлуките кои предизвикуваат девијација на водите на Радика, ќе се обезбеди нов водовод во Гевгелија за граѓаните да се заштита од тековно присутниот арсен во водата, а Тетово ќе добие дополнителен приход на вода за да се задоволат потребите на сите граѓани.

Пописот ќе се спроведе на есен

Македонија веќе нема да ја споредуваат со Сомалија. Пописот ќе биде спроведен во октомври, со цел државата да не трпи веќе штети од погрешните статистички податоци и да може да се потпре на реални параметри при своите анализи. Аналитичарите ја поздравија ваквата одлука, потсетувајќи дека пописот ќе влијае врз пречистување на избирачкиот список и обезбедувањето фер избори, ќе овозможи проценка, следење и влијание врз намалување на одливот на мозоци, како и информации за подобрување на образованието и економскиот амбиент во државата. Пописот ќе се спроведе преку методологија која претходно ќе биде консултирана со сите политички фактори во Македонија.

Измислица, сон, вистина или предизвик? Замисли си.

Колумната е објавена на страницата на Радио Слободна Европа.