Актуелно

Дипломатска офанзива за роковите од Пржино

Брисел не е задоволен од исполнувањето на обврските од Договорот од Пржино. Европарламентарците во Скопје го потврдија комбинираниот притисок од ЕУ и од САД кој се сведува на една единствена порака: иднината зависи од целосната имплементација на Договорот.

На прашањето дали се разговарало за поместување на датумот на изборите, европратеникот Ховит не ни даде конкретен одговор | Фото: МИА

На прашањето дали се разговарало за поместување на датумот на изборите, европратеникот Ховит не ни даде конкретен одговор | Фото: МИА

Договорот од Пржино не е целосно исполнет, инаку немаше да бидеме тука, директно ја дијагностицираше причината за посетата на европската тројка на Македонија Ричард Ховит кој, заедно со Едвард Кукан и Иво Вајгл денеска ја заврши дводневната посета на земјава.

„Оваа недела ќе видите комбиниран меѓународен притисок од ЕУ, од нашите пријатели во САД, од Европскиот парламент, а подоцна неделава од г. Хан. Секој од нас ја кажува истата порака: дека единствената иднина на оваа држава е имплеметација на Договорот од Пржино“ изјави Ховит.

Главната дилема што се поставува – дали Груевски неделава ќе поднесе оставка, и дали во случај да не се повлече од функцијата, тоа би значело одложување на изборите, не беше одговорена на денешната прес конференција на која како приоритети за исполнувањето на Пржино беа посочени медиумските реформи и прочистувањето на избирачкиот список.

На прашањето дали се разговарало за поместување на датумот на изборите, европратеникот Ховит не ни даде конкретен одговор.

„Исполнувањето на Договорот од Пржино зависи од оние кои го потпишаа“, кратко искоментира Ховит.

Под прашалник се доведува препораката за преговори

Воздржаниот тон со јасни квалификации за „одвај започнати или недоволно спроведени“ реформи на тројцата европратеници на денешната прес-конференција покажува дека Брисел не е задоволен како се движат работите во спроведувањето на обврските и роковите на Договорот од Пржино.

Секој од нас ја кажува истата порака: дека единствената иднина на оваа држава е имплеметација на Договорот од Пржино, изјави Ховит | Фото: МИА

Секој од нас ја кажува истата порака: дека единствената иднина на оваа држава е имплеметација на Договорот од Пржино, изјави Ховит | Фото: МИА

„Заостануваме, но се уште постои процес што се одвива и треба рационално да се искористи времето, а партиите да бидат посветени кон главниот интерес на земјата“, кажа европратеникот Иво Вајгл.

Од придржувањето до договореното зависи и препораката за преговори со Македонија, отворено порача Ховит со образложение дека таквите последици „мора да бидат навестени“.

„Нашето присуство овде е со цел да кажеме дека договорот е клучен за иднината на Македонија во евроатлантските интеграции“, подвлече европратеникот Едвард Кукан.

Поддршка за Јанева и Ван Хојте

Европратениците соопштија дека повторно ќе дојдат во Скопје за да видат како се одвива реформскиот процес. Во меѓувреме не пропуштија јавно да ја нагласат поддршката за специјалното јавно обвинителство на Картица Јанева, како и улогата на посредникот во политичките преговори, Питер Ван Хојте.

„Питер Ван Хојте ја има целосно нашата поддршка и доверба. Една од работите која им ја кажавме на политичките партии е дека сакаме целосна посветеност во работните групи, дури и во изборниот период, колку и да е тоа тешко“ изјави Ховит.

Европратениците соопштија дека повторно ќе дојдат во Скопје за да видат како се одвива реформскиот процес | Фото: МИА

Европратениците соопштија дека повторно ќе дојдат во Скопје за да видат како се одвива реформскиот процес | Фото: МИА

На средбата со претставниците на партиите, според неговите зборови, била побарана и поддршката за амандманите за Законот за заштита на сведоци и за специјалната обвинителка која, како што рече им пренела дека „судовите правеле опструкции за предавањето на некои докази“.

Договорот од Пржино на маса и во Вашингтон

Груевски во неделата кога се очекува разврска околу тоа дали тој ќе поднесе оставка и дали ќе се одложи одржувањето на изборите, вчера замина во Вашингтон на средба со потпретседателот Џо Бајден која ја оцени како „одлична и пријателска“. Премиерот го спомена Договорот од Пржино како една од темите за кои се разговарале со Бајден, но заедно со низа други теми како економската соработка, безбедносните предизвици и членството на Македонија во ЕУ и во НАТО. Потенцира дека и во иднина ќе продолжи соработката со САД, особено на полето на влезот на земјата во НАТО и во ЕУ.

Од американска страна во кусото соопштение што го објави Белата куќа се става акцент на договорот од Пржино.

„Потпретседателот и премиерот се согласија околу важноста за континуирана имплементација на Договорот од Пржино и од превземањето на дејствија кои се потребни за да обезбедат веродостојни избори “, стои во соопштението од Белата куќа.