Вести

ДУИ напразно го повикува ФБИ за случајот „Монструм“

Правно е невозможно Федералното биро за истражување на САД (ФБИ) да се вклучи во истрагата за случајот „Монструм“ на барање на ДУИ – коментираат познавачите, додека Владата се воздржува од коментар. 

Владимир Пивоваров: ДУИ е дел од власта, а со овој чекор покажува дека не си верува самата на себе | Фото: Јутјуб принтскрин

Владимир Пивоваров: ДУИ не си верува самата на себе | Фото: Јутјуб принтскрин

Напразен е повикот на најголемата албанската партијата да побара меѓународна експертиза за судскиот случај во кој шест лица беа осудени на доживотна затворска казна за петкратното убиство кај Смилковското Езеро, вели за БИРН Владимир Пивоваров, професор на Факултетот за безбедност.

„Партијата сигурно има правен сектор за да знае дека такво нешто е невозможно. Евентуална опција постои ако Македонија склучила договор со САД, но колку што ми е познато, такво нешто немаме. Освен тоа, не може партија да истапува во име на цела власт, тоа е сулудо“,  коментира Пивоваров

Тој смета дека со ваквиот чекор албанската партија се негира самата себе, бидејќи е дел од владината коалиција, а членови од ДУИ се на високи позиции во правосудството.

„Со оглед на тоа што ДУИ е дел од власта, со овој чекор покажува дека не си верува самата на себе. Можат да пишат претставка до Судскиот совет, и таму имаат нивни членови. Министерот за правда е од ДУИ. А со ова, тие како да ја негираат државата и власта од која и самите се дел“, смета Пивоваров.

Според нашите сознанија, за да се побара вклучување на ФБИ во одредена истрага, прашањето треба да биде покренато од Владата, на ниво на држава, а не од политичка партија.

Засега од Владата се воздржуваат од коментар за тоа дали било покренато прашањето за меѓународна експертиза за случајот „Монструм“. Александар Ѓорѓиев, портпарол на Владата, кратко ни изјави дека набрзо ќе излезе со подетални информации.

Од друга страна пак, како што вчера објави БИРН, од американската амбасада во Скопје изјавиле дека не е стигнато формално барање од владата.

„Членови на ДУИ разговараа со нас за можноста ФБИ да има улога за поддршка во истрагата за „Монструм“, но амбасадата нема добиено формално барање од Владата за ваква поддршка“, изјавија од американската амбасада за БИРН.

За вклучување на ФБИ во случајот Монструм се разговарало на средбата со Нуланд | Фото: ДУИ

За вклучување на ФБИ во случајот Монструм се разговарало на средбата со Нуланд | Фото: ДУИ

Артан Груби, шеф на кабинетот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети за БИРН  изјави дека прашањето било покренато на највисоко можно ниво, за време на посетата на американскиот помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања, Викторија Нуланд.

Останува неизвесно каква е улогата на Владата во сето ова, со оглед на тоа што лидерот на ДУИ Али Ахмети изјави дека премиерот Никола Груевски дал согласност за инволвирање на ФБИ, а од Владата се уште не се изјаснуваат.

Алил Демири, Африм Исмаиловоќ, Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута беа прогласени за виновни за тероризам и осудени на доживотна казна затвор за случајот „Монструм“. Двајца од осудените, Демири и Африм Исмаиловиќ се наоѓаат на издржување казна затвор во Косово за други кривични дела и ним им беше судено во отстуство.

Пресудите предизвикаа остри реакции кај албанската заедница кои ескалираа во масовни протести.