Вести

ЕСМ ќе купува своја опрема

„Целосно ќе се ослободи потребата од надворешна механизација“, Васко Ковачевски | Фото: Flickr на Владата на РСМ

Една недела по истражувањето на БИРН, кое покажа дека и наспроти предизборните ветувања на СДСМ продолжува скапата пракса приватници да копаат јаглен за РЕК Битола, денеска директорот на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), Васко Ковачевски објави дека компанијата ја почнала постапката за набавка на помошна механизација.

Преку првиот тендер, кој според најавите е објавен денеска, треба да се набават вкупно 47 парчиња опрема за потребите на рудниците со јаглен и тие ќе ја чинат државната компанија за производство на струја 19 милиони евра. Ковачевски најави дека идната година, ЕСМ ќе објави оглас и за набавка на таканаречена циклична механизација за потребите на рудникот, Брод – Гнеотино во вредност од 26 милиони евра.

Тоа значи дека заклучно со идната година, набавката на целата нова механизација би требало да ја чини ЕСМ 45 милиони евра.

Ковачевски денеска во прес-салата на Владата, заедно со премиерот Зоран Заев, објасни дека во третата фаза ќе се купуваат машини од двата вида, помошна или циклична, во зависност од тоа дали праксата ќе покаже дека има потреба за тоа.

„На тој начин, целосно ќе се ослободи потребата од надворешна механизација и РЕК Битола целосно сама ќе го спроведува ископот на јаглен“, вети директорот Ковачевски.

РЕК Битола | Фото: БИРН

Во текстот „Жив и надграден: Лукративниот бизнис-клуб околу РЕК Битола“ анализиравме дека од доаѓањето на власт на СДСМ, во средината на 2017 година до денес, поништени се два огласа за купување на најавуваната опрема, а резултатот од пролонгирањата повторно е изразен во многу милиони евра.

Цехот на пролонгирањето јасно се гледа во годинешниве бројки. БИРН пресмета дека годинава ЕСМ има договори тежок 39,7 милиони евра, со приватници за копање јаглен и јаловина и за помошна механизација. Тоа се околу 88 проценти од 45-те милиони потребни за сопствена механизација што би се користела повеќе години.

Покрај пропаднатите огласи во истражувањето што го објавиме минатата недела, БИРН откри и како еден релативно анонимен „играч“ се етаблира во клубот бизнисмени што профитираат од тоа што ЕСМ сѐ уште нема доволно своја механизација.