Обвинителката на ЕУ, која обвини судија дека примил мито за ослободување на осомничени лица, за БИРН изјави дека таа проговорила, бидејќи ЕУЛЕКС не ги испитал нејзините тврдења за постоење на корупција
Суспендираната специјална обвинителка на Мисијата на ЕУ за владеење на правото во Косово, ЕУЛЕКС, Марија
Бами, во средата изјави дека европската судска организација толерира корупција, бидејќи не ги испитала нејзините наводи и наместо тоа, ја суспендирала од работа.
„Тие на овој начин праќаат порака дека не се сериозни во врска со борбата против корупцијата, бидејќи ако беа сериозни, во ЕУЛЕКС ќе се занимаваа со тоа“, вели Бами за БИРН.
„Во Косово, во справување со корупцијата се потпираме на информаторите и ако тие одат наоколу и ги казнуваат, тогаш ставаат до знаење дека е во ред да се казнуваат луѓе кои ќе проговорат за корупцијата“, рече таа.
Бами го обвини својот колега од ЕУЛЕКС, италијанскиот судија Франческо Флорит, за примање поткуп од 300.000 евра, за да ослободи лица обвинети за убиство.
Но Флорит, кој сега работи како судија во Удине, Италија, за БИРН Косово, изјави дека бил сослушан од ЕУЛЕКС и оти не биле најдени докази дека тој е корумпиран.
„Никогаш не сум добил, ниту ми бил понуден поткуп од некого“, рече Флорит.
Истакна дека е подготвен да дојде во Косово и да одговори на сите прашања во врска со обвинувањата.
„Ви велам, тоа се лаги. Ви тврдам дека нема ни трошка вистина во тоа“, рече тој.
Бами го обвини ЕУЛЕКС дека константно не правел ништо во врска со нејзините сомнежи за Флорит.
„Две години се обидував да ги натерам да направат нешто во врска со моите откритија. Постоеше доволно сомневање да се отвори истрага, но тие никогаш не го направија тоа“, рече таа.
Сепак, Флорит изјави дека ЕУЛЕКС спровел „административна истрага“, но оти таа завршила бидејќи не бил најден доказ дека тој зел поткуп.
„ ЕУЛЕКС ме контактираше и јас дојдов во Приштина на разговор. Во тоа време, тоа беше внатрешна истрага“, рече тој.
И ЕУ соопшти дека биле проверени тврдењата за корупција.
„Од 2013 година, ЕУЛЕКС и косовските судски власти, вршат заедничка истрага врзано за овие тврдења. Темелно се применети детални истражувања, во согласност со она што е сржта на напорите на ЕУЛЕКС, а тоа е борбата против корупцијата и неказнивоста“, се наведува во соопштението на ЕУ во Брисел.
Наводите за корупција беа обелоденети во јавноста, откако весникот Коха Диторе, неделава објави некои доверливи документи.
Бами негираше дека таа ги дала документите на весникот и нагласи оти решила само да проговори, бидејќи ЕУЛЕКС ја суспендирал.
„Тие ме суспендираа за давање документи на весникот, што јас не сум го сторила. Никогаш на Коха Диторе не сум им дала документи. Суспензијата го уништи мојот углед во Косово, па затоа морав да истапам во јавноста“, вели Бами.
Таа го обвини ЕУЛЕКС дека и се заканувале со апсење заради кршење на законот за тајност, поради објавувањето на доверливите документи.
Таа рече дека заканата, по интернет пошта, била пратена до сите вработени на ЕУЛЕКС, и дека во неа се вели: „Секое објавување на било кој документ на КСОК [Канцеларијата на специјалното обвинителство на Косово] ќе се смета за повреда на тајноста на постапката, што е прекршок во Косово, и на тоа лице ќе му биде одземен имунитетот и ќе бидат уапсено“.
„Ова беше упатено до мене“, изјави Бами. “Единствениот начин да се заштитам себе си беше да проговорам јавно“.
ЕУЛЕКС одби директно да ги коментира нејзините тврдења, но соопшти оти таа е суспендирана заради истрагата која се води околу протекување на документите во косовските медиуми.
„Откривањето на информации не значи дека може на медиумите да им давате доверливи документи, особено кога организацијата веќе работи на тој случај“, се вели во соопштението на ЕУЛЕКС, објавено од новинската агенција АФП.
Бами претходно рече дека од евиденцијата на телефонските прислушувања во случаите што таа ги истражувала, открила дека италијанскиот судија Флорит, заминал во Албанија, каде примил поткуп од 300.000 евра, за да ослободи три лица осомничени за убиство, што таа го истражувала. Сепак, само еден од нив бил ослободен.
Флурим Хасани, брат на еден од осомничените, за БИРН изјави дека на 25 јуни минатата година, дал изјава за ЕУЛЕКС, во која признал дека парите на Флорит му биле предадени во Драч, Албанија, за да ги ослободи Бесник Хасани, Шпенд Ќерими и Нусрет Цена.
„Мислевме дека 300.000 евра ќе бидат доволни за ослободување на тројцата, но наместо тоа, адвокатот ни кажа дека сумата била доволна за ослободување само на едно лице, па така, беше ослободен само Нусрет Цена, а брат ми сé уште е во затвор за убиство што не го извршил“, рече Хасани.
Бами, исто така, го обвини Флорит дека барал поткуп во друг случај што таа го истражувала, против генералниот секретар на Министерството за здравство, Илир Толај, кој бил осомничен за коруптивни зделки со медицински тендери.
Флорит, пак, изјави дека Бами го обвинува, бидејќи е несреќна поради начинот на кој била третирана од ЕУЛЕКС.
„Според мое мислење, ова е нејзина одмазда. Затоа што таа имаше проблеми во нејзината канцеларија и на крајот беше суспендирана“, рече тој.
ЕУЛЕКС се занимава со случаи на организиран криминал, корупција и воени злосторства, кои се сметаат за премногу важни или чувствителни за да ги обработува косовското судство.
Текстот е објавен на страницата на Балканска транзициска правда.