Регион

Фалбаџиското однесување на Србија го открива неуспехот на Обвинителството

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Пишуваат: Марија Ристиќ, Свен Милекиќ, Денис Џидиќ, Дие Морина – Белград, Загреб, Сараево, Приштина 

И покрај тврдењето на српскиот премиер, Александар Вучиќ, дека неговата земја има најдобри резултати во процесирањето на воените злосторства на Балканот, податоците покажуваат дека Србија, всушност, заостанува зад своите соседи, Босна и Херцеговина и Хрватска

Обвиненија за воени злосторства подигнати во периодот 2013-2015. Извори: Документа, ФХП Косово, Обвинителство за воени злосторства на Србија, Обвинителство на БиХ

Обвиненија за воени злосторства подигнати во периодот 2013-2015. Извори: Документа, ФХП Косово, Обвинителство за воени злосторства на Србија, Обвинителство на БиХ

Изјавата на Александар Вучиќ, што тој ја даде оваа недела, во која нема многу вистина, дека Србија е лидер во регионот кога станува збор за воените злосторства, повторно го актуелизира прашањето за тоа колку земјите на Балканот се ангажираат за да ги процесираат одговорните за злосторствата и злоупотребите извршени за време на распадот на Југославија.

По војните во 90-тите години, кои зад себе оставија повеќе од 130.000 мртви, напредокот на ова поле е бавен, а меѓународните набљудувачи честопати ги критикуваа обвинителствата поради нивните слаби резултати.

Вучиќ, сепак, тврди дека Србија е исклучок.

“Во Србија за воени злосторства се осудени 153 лица, Срби, додека во Хрватска можат да се избројат на прстите од едната рака“, изјави тој на прес-конференција, откако хрватскиот суд ја поништи пресудата што му беше изречена на хрватскиот воен генерал, Бранимир Главаш, за злосторства над Србите.

Србија процесирала повеќе Срби, отколку Хрватска Хрвати, но прегледувајќи ги судските списи и мониторинг извештаи за воените злосторства, БИРН востанови дека Србија не е водечка земја на Балканот, ниту пак процесирала повеќе луѓе од Хрватска.

Од своето основање во 2003 година, Обвинителството за воени злосторства на Србија, подигнало обвиненија против 184 лица во 64 предмети. Од нив досега се осудени вкупно 84 лица.

Обвинителите на БиХ подигнаа обвиненија против повеќе од 550 лица, а во Хрватска во 141 предмет, се обвинети над 400 лица.

На поголемиот дел од обвинетите во Хрватска, им се судеше во отсуство, бидејќи тие се наоѓаат во Србија.

Во последниве години, обвинителствата се помалку се занимаваат со обвиненија за воени злосторства, со исклучок на Босна и Херцеговина, која има заостанати истраги за неколку илјади наводни сторители.

Од 2013 до 2015 година, БиХ за воени злосторства обвини 260 лица. Следи Хрватска со 105 обвиненија, потоа Србија со обвиненија подигнати против 23 лица и, последно е Косово, кое подигнало само 21 обвинение. Сепак, овие бројки сами по себе не даваат никаква индикација за тежината на злосторствата или за рангот на осомничените.

Поголем дел од обвинетите во Хрватска биле Срби, иако минатата година за воени злосторства беа обвинети поранешен припадник на хрватската војска, двајца поранешни припадници на хрватската полиција и двајца поранешни припадници на Хрватскиот совет за одбрана (ХВО).

Повеќето случаи подигнати во Србија во последните три години, се во врска со војната во БиХ. Обвинителството за воени злосторства на Србија, во 2015 година, не подигнало ниту еден обвинителен акт.

Во 2014 година, обвинети се девет лица. Според мониторинг извештајот на Фондот за хуманитарно право, сите овие случаи се релативно едноставни, а половина од нив се занимаваат со злосторства со една или најмногу пет жртви.

Само едно од овие обвиненија се против тројца поранешни војници на Војската на Југославија, ВЈ, во врска со злосторства извршени за време на војната во Косово, а четири случаи се префрлени од Босна и Херцеговина.

Обвинителство во 2013 година подигнало осум обвиненија против 14 лица, главно, за воени злосторства извршени во Босна и Херцеговина.

Мисијата на ОБСЕ во Србија, го критикуваше Белград заради недоволниот број на нови предмети на воени злосторства, но, и затоа што не се гонат високо рангирани осомничени лица од конфликтите во 90-тите.

Според извештајот на ОБСЕ објавен минатата година, ниту едно од досега обвинетите лица во Србија, во времето на злосторството, не било на висока позиција, а само 10 проценти од нив биле средно рангирани.

Во извештајот исто така се наведува дека српските институции кои се занимаваат со воени злосторства, „уште од самото нивно формирање се предмет на политички притисок” и дека од 2010 година се бележи значителен пад на бројот на нови обвиненија. Српската напредна партија на Вучиќ е на власт од 2012 година.

Косово, кое од 2013 до 2015 година, има најмал број на обвиненија за воени злосторства, сѐ уште е единствената земја од поранешна Југославија, во која судскиот систем го водат меѓународни мисии.

Локалните обвинители треба допрва да започнат со нивните случаи, а кон крајот на оваа година ќе се отвори и специјалниот суд за воени злосторства во Хаг, пред кој ќе им се суди на високи членови на Ослободителната војска на Косово, бидејќи се покажа дека е невозможно ова да се спроведе на домашен терен, со оглед дека секој обид се смета за навреда на ОВК и на нејзината борба против српската власт.

Иако Босна и Херцеговина може да се пофали со најголем број на обвиненија, таа има најголем број на заостанати предмети, поради што босанските обвинители беа критикувани заради нивната бавност и неефикасност.

Освен релативно малиот број на обвинители, комплексноста на истрагите, како и фактот дека некои од осомничените избегаа во соседните земји, а некои сведоци починаа, БиХ се соочува и со недостиг на политичка поддршка во гонењето на високите сторители, но и со очигледно немање волја кај обвинителите.

За време на минатогодишната посетата на Босна и Херцеговина, главниот обвинител на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), Серж Брамерц, за БИРН изјави дека судството во оваа земја, не е доволно посветено на воените злосторства.

“Морам да кажам, со сета почит кон моите колеги обвинители, дека не секогаш бев убеден оти сите му се посветени на решавањето на случаите на воени злосторства”, рече Брамерц.

Истрагите за воените злосторства во Босна и Херцеговина, со кои се опфатени најмалку 7.000 лица, треба да бидат завршени до декември 2023 година. Сепак, иако Министерството за правда на БиХ соопшти дека оваа цел може да се постигне, некои набљудувачи се скептични.

Текстот е објавен на Балканска транзициска правда