Досега, за реконструкција на фасади во центарот на Скопје, се потрошени 10,2 милиони евра. Ако на ова се додадат дополнителните 6,6 милиони евра (кои засега се на ниво на проценета вредност), барокните фасади само во централното градско подрачје ќе достигнат сума од околу 17 милиони евра.
Во тек е прибирањето понуди од фирмите на огласи со проценета вредност од 6,6 милиони евра што ги распишува Град Скопје за реконструкција на фасади во центарот на Скопје. Според податоците од веб-страницата на Бирото за јавни набавки, ќе се реконструираат фасади на девет објекти, од кои најголем дел се на улица Македонија.
Истовремено, течат 4 конкурси за идејни решенија за менување на дополнителни 12 фасади, што значи дека наскоро центарот на Скопје ќе добие нови, барокни фасади на повеќе од 20 згради.
Досега, за реконструкција на фасади во центарот на метрополата, според базата на податоци „Скопје 2014 под лупа“,се потрошени 10,2 милиони евра. Ако на ова се додадат дополнителните 6,6 милиони евра (кои засега се на ниво на проценета вредност), барокните фасади само во централното градско подрачје ќе достигнат сума од околу 17 милиони евра.
Иако проценетата вредност во тендерите за актуелните огласи за фасади изнесува 6,6 милиони евра, од Градот Скопје ни одговорија дека во Буџетот на Град Скопје за 2016 година се предвидени 30 милиони денари (околу половина милиони евра) за проектни решенија и 320 милиони денари (околу 5 милиони евра) за реконструкција на фасади.
„Средствата се директен трансфер на средства за капитални инвестиции од централно на локално ниво, што значи дека не се од изворните приходи на Град Скопје“, стои во одговорот.
Освен шесте згради на улица Македонија за кои во моментов тече оглас за прибирање понуди, ќе се реконструира и објектот на Стопанска комора на Македонија, за која е предвидено да се потрошат 718 илјади евра.
Според одлуката на градот Скопје, ќе се менуваат и фасади на две згради на улицата „Даме Груев“. Понудите треба да се достават најдоцна до 14 март годинава. Голем дел од избраните идејни решенија за новите фасади се изработени од „Архитектоника“, фирма на браќата Никола и Жарко Чаушевски.
Според базата на податоци „Скопје 2014 под лупа“, доколку се исклучат новите конкурси кои се во тек, само за фасади, од буџетот се потрошени над 37 милиони евра.
Оваа компанија стои зад изгледот на најголем број барокни фасади во Скопје. Доколку се погледнат финансиските извештаи на компанијата, може да се види дека во 2014 таа остварила приходи од 768 илјади евра, а во 2013 година, од двојно помалку, околу 352 илјади евра.
Се повторуваат имињата на авторите
За изработката на новите идејни решенија во центарот на главниот град, дел архитекти ќе добијат награди од 10 илјади евра. Едни исти имиња на архитекти постојано се провлекуваат како изработувачи на идејните решенија со кои зградите на улица Македонија, Даме Груев и други централни места во Скопје се преоблекуваат во барок.
Првиот конкурс за идејно решение предвидува барокна фасада на објектот на „Трготекстил“ трае до 1 април годинава. Наградата за авторот изнесува 150.000 денари или околу 2,4 илјади евра.
Толкава награда ќе добие и најдобриот понудувач кој ќе изработи идејно решние за реконструкција и доградба на две фасади на плоштад Македонија.
Кон крајот на минатата година распишан беше и конкурсот за избор на идејно решение за реконструкција на фасадите на објекти на плоштадот Мајка Тереза и објектот на Стопанска банка во рамките на ГТЦ. Во мај годинава ќе се знае кој ја добил наградата за ова идејно решение која чини 10.730 евра.
Авторот на конкурсот за идејно решение за реконструкција на три фасади на плоштадот ВМРО, пак, ќе добие награда од 50.000 денари за секоја фасада, односно вкупно 150.000 денари.
Наскоро центарот на Скопје ќе добие нови, барокни фасади на повеќе од 20 згради
Според пресметките на БИРН и според базата на податоци „Скопје 2014“ под лупа, досега, само за награди за идејни решенија за реконструкција на фасади, најплатени автори се Жарко Чаушевски и тандемот Лазар Димов и Никола Стаминов.
Чаушевски е „заслужен“ за поголемиот број фасади на повеќе објекти на улица Македонија, на плоштадот ВМРО, кејот 13-ти Ноември и на улицата „Димитрие Чуповски“.
Лазар Димов и Никола Стакинов претежно се задолжени за фасадите на улицата Црвена скопска општина, фасадите на објектот „Ибни Пајко“, на плоштадот ВМРО, како и на булеварот „Илинден“.
Повеќе од 37 милиони евра досега дадени за фасади
И покрај огромниот број критики за парите што се даваат од буџетот за менување на изгледот на Скопје, Градот Скопје очигледно решил да оди докрај. Опозициската СДСМ веќе реагираше дека од буџетот се трошат преголеми суми за менување на фасадите и преоблекување на градот во барок.
Големи реакции во јавноста предизвикаа и неодамнешното поставување на скулптурите како дел од новата барокна фасада на објектот „Сити Галери“, односно поранешна Стоковна куќа на плоштад Македонија, кои испаднале повисоки од планираното, па на местата каде што се поставени, „скастрена“ е фасадата.
Освен десетте милиони евра кои досега беа потрошени за фасади во центарот на Скопје, менувани беа и фасадите на повеќе други клучни објекти.
Фасадата на Владата и нејзиното уредување чини околу 16 милиони евра, фасадата на Министерството за правда околу 3,5 милиони евра, фасадата на Министерството за транспорт 5,7 милиони евра, а фасадата на Пелагонија речиси 2 милиони евра.
Според базата на податоци „Скопје 2014 под лупа“, доколку се исклучат новите конкурси кои се во тек, само за фасади, од буџетот се потрошени над 37 милиони евра.