Актуелно

ФОТОГАЛЕРИЈА: Стотици економски мигранти петти ден заглавени на македонска граница

Мигрантите од Иран, Мароко, Либан, Пакистан, Бангладеш и други држави, веќе неколку дена одбиваат да се вратат назад. Дождливото и ладно време во последниве два дена уште повеќе ја влошува ситуацијата.

Стотици економски мигранти веќе петти ден протестираат во меѓузоната, на границата меѓу Македонија и Грција. Тие одбиваат храна, вода и било каква помош од хуманитарните организации.

Македонската полиција не дозволува влез на мигранти кои не доаѓаат од подрачјата каде што има војна. Се пуштаат само бегалци од Сирија, Авганистан и Ирак, кои имаат валидни документи.

Мигрантите од Иран, Мароко, Либан, Пакистан, Бангладеш и други држави, веќе неколку дена одбиваат да се вратат назад. Дождливото и ладно време во последниве два дена уште повеќе ја влошува ситуацијата. Дел од економските мигранти за медиумите тврдат дека немаат пари за да се вратат назад, дел велат дека немаат повеќе што да загубат, а дел протестираат поради нарушување на основното човеково право за слободно движење.

Евидентно е зголеменото присуство на полиција на македонската граница, но засега нема никакви полициски интервенции, бидејќи мигрантите протестираат мирно, по должината на железничката пруга.

Македонија ја донесе одлуката да не пропушта економски мигранти откако доби писмено известување од Хрватска, дека таа земја ќе ги враќа назад мигрантите кои не доаѓаат од воените жаришта, а такво известување било добиено и од Србија, по телефонски пат.

Фотографиите на Роберт Атанасовски сведочат за атмосферата во меѓузоната во последниве два дена.