Актуелно

Година на премрежија, страв и храброст

Преку фотографии ја прикажуваме годината на многу премрежија, протести, но и година кога голем број граѓани го кренаа гласот против неправдите во секоја сфера од општеството.

Преку фотографиите на Роберт Атанасовски ги прикажуваме настаните што ја одбележаа 2015 – година на многу премрежија, протести, но и година кога голем број граѓани го кренаа гласот против неправдите во секоја сфера од општеството.

„Студентскиот пленум“ и студентските протести покажаа што значи гласот на младината и борбата против партиските и политичките етикетирања. Покажаа што значи единство и волја за борба за правата што им следуваат. Им се приклучија и средношколците. Протестираа новинарите во заштита на својот колега Томислав Кежаровски, а гласот го кренаа ихонорарците. Граѓаните го гушкаа ГТЦ и одбиваа тој да биде завиткан во „барокно“ руво. Се бараше професионализам од МРТВ, се протестираше пред јавниот сервис, се бараше оставка од министерот Никола Тодоров по смртта на малата Тамара која не дочека да се лекува во странство.

„Пукнаа“ бомбите на опозицијата. Слушавме за „малите човечиња“, за наместените вработувања, за нарачки на судски пресуди, за тврдоглавата борба за власт и добивањето избори. И новинарите и членовите на невладините организации, и амбасадорите си ги добија „дипломите“ од прислушуваните разговори. Виновникот за прислушувањето сè уште се бара, но тоа не ги спречи граѓаните да излезат на масовни протести, можеби едни од најголемите во историјата на Македонија. Во сиот хаос, Македонија се соочи и со вооружени конфликти во Куманово и бранот бегалци кои транзитираа низ земјава.

Доживеавме да видиме кампери пред Владата и контра – кампери пред Собранието, што беше суптилен „уличен“ судир меѓу власта и опозицијата, кој заврши со Договорот од Пржино– договор кој сè уште виси на конец.

Онака како што завршува 2015, така и почнува 2016 година – со многу неизвесност, но и надеж за поспокојна живеачка.