Анализи

Годината низ наша призма

Последниве 12 месеци ги одбележаа завршници на неколку наши истражувања. Обвинителствата и останатите државни институции реагираа врз основа на сознанијата во нашите текстови, нешто што беше исклучително ретко во минатото.

Најеклатантен пример е истражувањето за рудникот Казандол, од кој валандовчани стравуваа дека ќе им ги уништи околината и земјоделското производство.

БИРН уште во јануари докажа дека концесионерот на рудникот не исполнил услов предвиден во договорот со Владата и затоа сметавме дека „Казандол“ може да се затвори уште пред да проработи.

Два месеца по нашето истражување, Владата го раскина договорот врз основа на наодите за кои пишувавме и во Валандово ќе нема рудник.

Обвинителството за организиран криминал годинава подигна обвинение за случајот со сомнителниот тендер за чистење на владините простории, кој во 2015 година го доби фирмата „Секјуриком“.

Аферата тешка повеќе од 10 милиони евра ја отвори БИРН пред три години.

Годинава разговаравме со сопственикот и обвинет во случајот „Секјуриком“, Волфганг Гампер, откако тој избега во родната Австрија. Во интервјуто тој тврдеше дека во Македонија го рекетирале луѓе блиски до сегашната власт, а за возврат му понудиле да не оди в затвор.

Крајот на годината ја донесе и истрагата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) за мрежата фирми поврзани со поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков и бизнисменот Орце Камчев. Двајцата се во притвор, а СЈО веќе ја испитува работата на фирмите за кои Призма и уште неколку медиуми известуваа со години.

Спорни тендери и конкурси

Анѓушев беше дел од скандалот со Фондот за иновации | Фото: Flickr на Влада на РМ

Летоска БИРН откри дека фирма во која малцински сопственик е вицепремиерот Кочо Анѓушев треба да земе 160.000 евра од државата, во вид на поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој.

По објавувањето на сторијата, фирмата на Анѓушев се повлече од конкурсот.

Пишувавме и дека МВР без тендер купило 45 „шкоди“ од фирма-донатор на владејачката СДСМ со парите донирани од Република Чешка.

На истата тема, партиски донатори и јавни набавки, објавивме и за тетовската фирма „Арбериа Десигн“.

Од една страна, компанија најмногу од приходите ги добива преку договорите со државни институции раководени од ДУИ, а од друга страна интегративците ја пријавиле како партиски донатор.

Откривме дека бизнисот со миење автомобили, во времето кога државниот ГТЦ беше под контрола на Амди Бајрам, во два наврата го добиле фирми што се врзуваат со неговиот син.

Ако во овој случај провејува непотизмот, фаворизирање на роднините, годинава пишувавме и за сличната појава која вклучува фаворизирање на пријателите, позната и како кронизам. Имено, Стојан Иванов, другарот од детството на премиерот Зоран Заев годинава добил два партнерски бизниси со Владата.

Ја третиравме и темата за сѐ попопуларниот бизнис со марихуана за медицински цели.

Во производството на канабис, што се очекува да донесе стотици милиони евра, влегоа познати бизнисмени, поранешни функционери и пратеници, а најинтересен пример е семејството на премиерот Зоран Заев.

Со текстот „Закон по мерка на Мериот“откривме дека државата сменила закон за да не го земе назад земјиштето на кое денес се наоѓа „Мериот“, иако инвеститорот ги пречекорил роковите.

БИРН и во Македонија и во Унгарија го истражуваше влезот на унгарскиот капитал и мотивите на Унгарците што се поврзуваат со тамошниот премиер Виктор Орбан да вложуваат во медиуми, како што се телевизијата Алфа и веб-порталите Република и Курир.

ДУП-ови и урбан хаос

Ветувањата за запирање на градежната експанзија се претвораат во оправдувања од типот „врзани ни се рацете“ | Фото: БИРН

Годинава, посебно внимание посветивме на урбанизмот во главниот град, на сите неисполнети ветувања за запирање на градежната експанзија и за тоа што нѐ очекува според она што е запишано во ДУП-овите.

Предупредивме дека, и покрај интензивното градење во изминатите две децении во Скопје, сѐ уште постојат стотици неискористени градежни маркички во деталните урбанистички планови.

Во рамките на оваа тема информиравме дека доколку се подигнат сите згради предвидени со деталниот урбанистички план во домовите во скопско Маџир маало, нема да продира дневна светлина ниту една минута во зима.

Анализиравме зошто предизборните ветувања за запирање на градежната експанзија се претвораат во постизборни оправдувања од типот „врзани ни се рацете“.

Истражувајќи ги ваквите оправдувања, наспроти изјавите на одговорните, дека земјиштето кај „Холидеј ин“ воопшто не морало да се продаде и дека власта имала начин да го заштити јавниот интерес во овој случај.

Еден од текстовите што предизвика најмногу внимание е сторијата посветена на справувањето со загадувањето.

Нашето истражување низ судската архива покажа дека случаи главно се водат против поединци или против помали фирми, додека големите загадувачи, или ги нема, или се извлекуваат.

Големо внимание предизвика и истражувањето што откри дека возачите што усмртуваат некого се казнуваат условно или најмногу со две години затвор. И дека „најголемите“ казни се досудуваат на тие што направиле сообраќајка под дејство на алкохол.

Укажавме и на тоа дека не функционира системот за справување со бездомните животни и нивното згрижување.

Истражувавме дека од една страна градските власти во Скопје сè уште посегнуваат по безмилосното еутанизирање, а од друга страна сè повеќе има бездомни кучиња.

Интервјуа и анализи 

Столтенберг: Договорот за името е единствениот пат до НАТО | Фото: Роберт Атанасовски

Актуелните случувања, како референдумот за името, превирањата околу 27 април и амнестијата, бегството на Груевски и бранувањата во ВМРО-ДПМНЕ ги проследивме со интервјуа, анализи и со репортажи.

Од разговорите може да ги издвоиме оние со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и со посредникот на Обединетите нации во преговорите за името, Метју Нимиц.