Актуелно

Груевски ги отфрли барањата на Заев

Избори нема да има, ниту нов обвинител, преодна влада само без ВМРО ДПМНЕ- порача премиерот Груевски на денешниот собир во салата Борис Трајковски, замислен како своевиден одговор на политичките бомби на опозицијата. Тој обвини за смислено сценарио за дестабилизација на земјата и борба со проекти, нови вработувања и инвестиции.

Со формирањето на преодна влада, се отвора простор за сериозен преседан кој потоа лесно може да биде предмет на конфликтност меѓу партиите, рече Груевски | Фото: Г.Ризаов

Со формирањето на преодна влада, се отвора простор за сериозен преседан кој потоа лесно може да биде предмет на конфликтност меѓу партиите, рече Груевски | Фото: Г.Ризаов

Иако се чини дека најголемите македонски политички партии се во предизборна кампања, избори нема да има, но може да има преодна влада без ВМРО-ДПМНЕ во неа. Ова го најави премиерот и претседател на партијата на власт, Никола Груевски на денешниот собир во салата Борис Трајковски одговарајќи на условите кои лидерот на опозицијата Зоран Заев му ги постави пред една седмица. За политичката криза во која се наоѓа Македонија, премиерот најави само правна завршница со учество на меѓународната заедница.

Меѓу богатата културно-уметничка програма, со песни и танци исполнети со борбен набој и националистички пароли, пред насобраните илјадници граѓани, во својот говор што траеше повеќе од еден час, Груевски упати седум политички пораки.

Најактуелна и најбитна за државата е шестата порака, во која премиерот одговори на трите барања на опозиционерот Заев од објавувањето на осмата „бомба“ за изборна измама: оставка на јавниот обвинител, оставка на директорот на МРТВ и преодна влада.

Пред премиерот говореа Љубиша Георгиевски, Јохан Тарчуловски и Тони Михајловски, а во првиот ред беше целото раководство на партијата, вклучувајќи ги најчесто слушаните гласови во „бомбите“ | Фото: Г.Ризаов

Пред премиерот говореа Љубиша Георгиевски, Јохан Тарчуловски и Тони Михајловски, а во првиот ред беше целото раководство на партијата, вклучувајќи ги најчесто слушаните гласови во „бомбите“ | Фото: Г.Ризаов

„Барањето за преодна влада во Македонија е можно и остварливо, но без ВМРО-ДПМНЕ во неа“, рече Груевски. Тој посочи дека нивната партија смета дека народот е тој кој дава мандат и легитимитет на избори.

„Со формирањето на преодна влада, се отвора простор за сериозен преседан кој потоа лесно може да биде предмет на конфликтност меѓу партиите“, рече Груевски додавајќи дека Заев побарал таа влада да решава големи прашања и да се оди напред.

Премерот посочи дека ВМРО-ДПМНЕ „за големите прашања“ има „јасен и прецизен став“, објавен во нивната програма, нема да прифатат промена на Уставот со цел промена на уставното име. Не прифаќаат идеи и предлози што би го загрозиле македонскиот народ и македонскиот национален идентитет, засебноста на македонската нација и македонскиот јазик и култура. Исто така, не прифаќаат „какво било решение за спорот кој го наметна Грција“ без граѓаните да излезат на референдум и мнозинството да гласа „За“.

„Најважно за нашиот народ е прашањето како сето ова ќе заврши, рече премиерот во својот говор. Според него, најновата афера прислушување ќе заврши со правна постапка согласно законите во Македонија.

Но, тој додаде дека е подготвен за дијалог „на принципиелни основи, согласно до сега јавно изнесените позиции“. Рече дека сакаат да дискутираат за прашањата кои опозицијата ги отвора, за изборите, медиумите и слично, но никогаш нема да прифатат условувања и уцени.

За барањето на Заев за нов обвинител, Груевски одговори оти е „важно обвинителот да се однесува по словото на законот“. Тој е убеден дека сегашниот обвинител Марко Зврлевски, тоа го прави. „Бидејќи има такви докази против лицето Зоран Заев, што и Вице, брат му да е обвинител, ќе му биде непријатно кога ќе ги види“, рече Груевски.

ВМРО-ДПМНЕ не прифаќа какво било решение на спорот за името што го наметна Грција без референдум Фото: | Г. Ризаов

ВМРО-ДПМНЕ не прифаќа какво било решение на спорот за името што го наметна Грција без референдум Фото: | Г. Ризаов

Во однос на барањето за оставка на директорот на МРТВ, премиерот не даде конкретен одговор само се зачуди како може директорот на јавниот сервис да стане главна фигура. Потоа го спомена поранешниот претседател на СДСМ Бранко Црвенковски, кој поставувал посериозни барања, а сегашното раководство на партијата толку се плаши „од Бранко што дури признаа дека ги сечат материјалите. Си рекле подобро дополнително да се избрукаме и да признаеме дека сечеме и монтираме отколку Б.Ц. да се поднаљути“.

Политичките поенти кои премиерот ги презентираше денеска пред преполната сака на спортскиот центар Борис Трајковски, покрај нападите кон Зоран Заев и Радмила Шекеринска, се однесуваа на слободата на медиумите, меѓуетничките односи, лажната битка за живот или смрт.

Прво, според него, „на сите им е јасно што се случува и кој е таргетот на оваа канонада“. Лицето Зоран Заев, како што рече, е дел од активностите кои имаат за цел дестабилизација на државата.

„Одработува агенда која не ја разбира“, а тоа се гледа од изразот на неговото лице, грчот, лажната насмевка. „Се за една работа, токму заради работата од која е таргетиран од инспираторите, кои го смислиле сето ова: неговата алчност за власт, пари и моќ и неговиот очај да покаже пред неговите членови одговор зошто народот не го бира. Нема програма и не е конкурентен на избори“, рече премиерот Груевски.

Тој го обвини Заев дека заборава кој е тој всушност, „човек кој брутално ја злоупотребува својата положба во општината за да стекне пари и богатство“.

Во салата Борис Трајковски имаше десетина илјади граѓани, главно дојдени во Скопје од внатрешноста со организиран превоз Фото: | Г. Ризаов

Во салата Борис Трајковски имаше десетина илјади граѓани, главно дојдени во Скопје од внатрешноста со организиран превоз Фото: | Г. Ризаов

„Денес го гледам уплашен до даска од нашиот собир и побрзал порано да одржи прес. Тоа говори за него, за неговиот страв дека е фатен жив, има непобитни докази за тоа кој е Зоран Заев и што прави, дека опаѓа вниманието од неговите теми, времето го гази, во тоа ние не можеме да му помогнеме“, рече Груевски.

Втора порака, премиерот смета дека опозицијата се жали дека нема слобода на медиуми, а истовремено „води хајка против нас во нивните медиуми, медиуми што се под контрола на СДСМ, оние слободните и професионалните што ги кажуваат, што примаат пари од разни фондови и фондации, ги знаеме сите“.

Според него, најголемиот демант на тоа дека нема слобода е токму „гласноста на темата која ја пласираат и гнасните кампањи кои што ги водат. Замислете, точно 22 медиуми говорат дека нема слобода. Тоа само по себе е чудна ситуација“.

Третата порака на Груевски, се однесуваше на меѓуетничките односи. Тој смета дека опозицијата ќе се обиде да влијае врз нив. Затоа порача „мора да сме мирни и да не потпаѓаме на провокации. Тие нема да добијат македонско-македонски конфликт па ќе пробаат нешто друго, но нема да дозволиме“.

Груевски сакаше на сите да им разјасни дека е „лажна претставата дека ова е битка за живот или смрт“. Тој смета дека сè е сосема едноставно и зависи од една одлука на граѓаните да не му обрнуваат внимание на „овој човек марионета“. Тој побара луѓето да се вратат на реалните потреби и проблеми во државата. „Да бараме решенија како нашите граѓани да имаат подобар и поквалитетен живот“, рече Груевски.

Тој имаше порака и до членството на СДСМ „и до сите оние кај кои има некаква неизвесност“. Вели, ги прифаќа нивните критики. Но по ниедна цена нема да дозволи „да нè закрват“. „Во името на се она во што верувам, во името на идеалите на историското ВМРО и патриотите, нема да дозволиме да нè закрват и испровоцираат“, рече Груевски.

Иако целта на оние што „го измислија ова е и да се замрзнат вработувањата, инвестициите, сите проекти, е тоа нема да пројде, нема да дозволиме“, рече премиерот.

Седмата и последна порака на Никола Груевски е дека е неправедно ова што ѝ се случува на нашата земја, но нема да молчиме и да тонеме во агонија, туку ќе се бориме.

„Тој што го наумил сето ова јако се излажал, сите нè потценил сите нас, не ја зел предвид љубовта на нашиот народ кон сопствената држава и иднина. Затоа ќе победиме, сите граѓани ќе победат“, рече премиерот и со ги повика сите националности кои живеат во земјата да станат на нозе.

Некои од поддржувачите на владејачката партија дури пуштија солза-радосница Фото: | Г. Ризаов

Некои од поддржувачите на владејачката партија дури пуштија солза-радосница Фото: | Г. Ризаов

„Нè чека поход“, рече Груевски, „од град во град, многу работа, многу нови проекти, нови моменти за гордост, кренете ја главата и да покажеме дека Македноја е многу повеќе од она што сакаат да ја направат, многу повеќе од ситните интереси од некои луѓе, многу посилна од разни сценарија и туѓи агенди, дека сме храбри и честити луѓе, дека нема да ја скршат Македонија, не во нашето време, не додека дише и последниот од нас“.

Тој вети борба „со ништо друго и за ништо друго“, туку со дела.

Пред премиерот говореа Љубиша Георгиевски, Јохан Тарчуловски и Тони Михајловски, а во првиот ред беше целото раководство на партијата, вклучувајќи ги најчесто слушаните гласови во „бомбите“, министерката за одбрана Гордана Јанкулоска, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, министерот за здравство Никола Тодоров, и многу други.

Груевски покрај нови 6 странски инвеститори најави вкупно 4,500 нови вработувања во следниот период, а и не пропушти да се пофали и со над 130.000 вработувања од 2006 година наваму.

Исто така, најави „бесплатен таблет компјутер со тастатура за сите студенти во државните и приватни универзитети, кои за прв пат запишале трета или четврта година чии родители немаат примања над просечна плата околу 21.500 денари“.