Репортажи

Груевски за прв пат отаде барикадите

Протест за поддршка на собраниските „ќосиња“

Утринската акција на полицијата во која беа приведени 30-тина лица поврзани со нападите во Собранието на 27. април годинава, меѓу кои пратеници и организатори на протестите За заедничка Македонија, ги извади поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ на улица пред Кривичниот суд во Скопје.

Таму се појави и експремиерот и партискиот лидер Никола Груевски кој десетина минути стоеше пред барикадите на судот, а потоа застана на улица. Ги ислуша сите што му придоа и кусо им коментираше.

Груевски повеќе слушаше, помалку зборуваше

„Тоа е големата игра што стои зад сите овие игри“, ѝ одговори на една од жените која му пријде со муабетот дека апсењата се со цел да се покријат двојазичноста и промената на името.

На таа линија беа и коментарите на говорниците. Пратеникот Крсто Јовановски прогласи почеток на крајот на демократијата и на македонизмот, остварување на мрачниот план за промена на името и воведување на двојазичноста, а се послужи и со зборовите на Гоце Делчев:

„Не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите како македонскиот“.

Звучна поддршка за приведените

Филип Петровски, пак, рече дека легнал во Македонија, а се разбудил во Белорусија и додаде дека во државава се инсталирала полициска хунта која на сила дошла на власт. Тој побара ВМРО-ДПМНЕ да ги напушти институциите и да излезе на улица, да постави шатори пред Собранието и пред судот.

На партискиот повик попладнево се одзваа неколку стотина граѓани

Меѓу присутните владееше разочарување зошто пред судот до доцна попладнето се појавија само неколку стотини поддржувачи, а сите имаа различни објаснувања зошто е тоа така. Според едни младите разочарале, а според други требале барем да дојдат 2.000 директори од времето кога на власт била ВМРО-ДПМНЕ.