Во Македонија минатата година најчесто доаѓаа дипломати со задача да ги изгаснат „политичките пожари“. Еврокомесарот Хан во 2015 година дојде дури пет пати, а се очекува да биде првиот повисок гостин годинава. Пред Хан, во Македонија пристигнуваат тројца европратеници – Вајгл, Ховит и Кукан, кои со политичките лидери треба да разговараат околу спроведувањето на Договорот од Пржино
Српскиот премир Александар Вучиќ е единствениот премиер на странска држава кој дошол во Македонија во 2015 година, а претседателот Ѓорге Иванов не бил домаќин на ниту еден претседател.
Поради политичката криза, во Скопје најчест гостин бил еврокомесарот за проширување Јоханес Хан кој дури пет пати дојде во земјава: во февруари, јуни, јули, септември и во октомври. Меѓу највисоките гости кои годинава допатуваа во Скопје се Викторија Нуланд, американски помошник државен секретар, како и Доналд Туск, претседател на Советот на ЕУ. Во изминатите 12 месеци во Скопје, но и во Атина, не допатува посредникот за името, Метју Нимиц, што се толкува како сигнал дека нема раздвижување за спорот за името.
Од кабинетите на премиерот Никола Груевски и на претседателот Ѓорге Иванов, не ни дадоа коментар околу малкуте средби со високи странски државници во Скопје.
Средби со вицепремиери и министри
Според она што е објавено на интернет-страниците на Владата и на претседателот на државата, Груевски и Иванов најчесто биле домаќини на вицепремиери и на министри.
Изминатава година во Скопје се одржа втора заедничка седница помеѓу македонската и српската влада, а Македонија како земја претседавач со Централно-европската иницијатива (ЦЕИ) беше домаќин на министерскиот состанок на шефовите на дипломатиите на државите-членки на ЦЕИ. Груевски и Иванов се сретнаа со генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер, кој беше во посета на Скопје.
Гостин во Владата на премиерот, освен Вучиќ, му беше и министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, кој беше во Македонија во својство на претседавач на ОБСЕ. Груевски се сретна и со потпретседателот на владата на Турција, Јалчин Акдоган, со потпретседателот на косовската влада, Хашим Тачи, и му беше домаќин на Арлем Дезир, државен секретар за европски прашања во француското МНР.
Груевски во Скопје го прими шефот на бугарската дипломатија, Даниел Митов, но и грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕиас. Меѓу министрите со кои се среќавал премиерот се шефовите на австриската и на црногорската дипломатија, Себастијан Курц и Игор Лукшиќ, министерите за одбрана на Хрватска и на Албанија, Анте Контромановиќ и Мими Кодели. Премиерот во изминатите 12 месеци во Скопје се виде и со ко-претседавачот на Мешовитиот парламентарен комитет на Македонија и ЕУ, Алојз Петерле и со претставници од работната група на Европскиот совет задолжени за проширување на Европската унија. Во земјава во изминатава година гостин беше и Хојт Ји, заменик помошник државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања.
Меркел и Кери ја заобиколија Македонија
Странските гости со кои изминатава година се среќавал претседателот Ѓорге Иванов биле на слично ниво како оние на кои им бил домаќин Груевски. Од Грција, освен шефот на дипломатијата, Коѕиас, кај Иванов беше и градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис. Иванов го прими и Михаил Швидкој, специјален претставник на Путин за меѓународна културна соработка.
Гостин на Иванов беше и Ерик Фурниер, директор за континентална Европа при МНР на Франција. Во април, шефот на државата се сретна и со началникот на ГШ на вооружените сили на Бугарија, Румен Николов. На листата со странски гости на Иванов е и Жан Марк Тодешини, државен секретар во Министерството за одбрана на Франција, како и министерот за одбрана на Хрватска, Анте Контромановиќ.
Изминатава година Македонија не се најде на мапата на германската канцеларка Ангела Меркел која во јули беше во Србија, Албанија и во Босна и Херцеговина, а нашата држава не се најде ниту на агендата на Џон Кери, американскиот државен секретар, кој ги посети Србија, Косово и Грција.