Анализи

Година што не смее да биде изедена од скакулци

Во календарот на бриселските дипломати неформално циркулира „резервен датум“ за избори во јуни. Но, ако се има предвид учинокот на „четворката“ во изминатите пет месеци, само неупатен во „искрената волја“ на домашните лидери, може да поверува дека одложувањето на изборите за два месеца квалитативно ќе ги смени состојбите.

Каков ќе биде следот на настаните, ќе може да се насети по јануарската посета на еврокомесарот Јоханес Хан

Каков ќе биде следот на настаните, ќе може да се насети по јануарската посета на еврокомесарот Јоханес Хан

Што нѐ чека во 2016 година? Ова не е прашање за милион долари, како што многумина симболично се изразуваат. Ова е прашање за 5 милијарди долари колку што се изнесени од земјата за повеќе од една деценија.

Годинава, колку што Македонија ќе одбележи 25 години независност, толку ќе одбележи и лет во место, поточно назадување наместо напредување, и политичка криза чијшто расплет сѐ уште не е на повидок.

Каков ќе биде следот на настаните, ќе може да се насети по јануарската посета на еврокомесарот Јоханес Хан, кој треба да помогне во надминување на актуелната статус-кво ситуација и да го извлече од длабока хибернацијата неговото политичко чедо – Договорот од Пржино.

Но, за да може да се разговара за можните сценарија, првин ќе мора да се прифатат неколку ноторни факти: дека политичката криза нема да заврши дури и да има избори во април, бидејќи не е започнат процес на департизација на државата; медиумите и натаму се контролирани од власта, народот е поларизиран, цивилното општество пасивизирано, а политичарите не се раководат од интересот на Македонија туку од личните кариери.

Во такви услови, со сигурност може да се прогнозира дека 2016 ќе биде уште една турбулентна, но и година за клучни одлуки за Македонија.

Номинални или реални промени?

Јасно е дека Договорот од Пржино сам по себе не може да обезбеди ни брзи, ни суштински промени во начинот на кој функционира нашето општество туку само почетни чекори за еден вид политичко хуманизирање на условите што водат кон таа цел. Некаков елементарен минимум.

Но, ни тоа досега не е постигното. Дури и да беше исполнет Договорот до последниот збор, тоа ќе беше успех до ниво на увертира: ставање на земјата на демократски шини. Толку. И на претставниците на меѓународната заедница и на домашните актери им е јасно, дека за да се стигне до демократија со полн капацитет, потребно е и време и многу реформи.

Во тој контекст, датумот за избори не означува никаков меѓник, во смисла дека по изборите земјата ќе се смета за зрела демократија. Напротив. Изборите се само една станица по должината на тој долг колосек, кои треба да понудат гаранции дека возот нема да излета од шините поради разни видови саботажи на пругата.

Нивната регуларност не може да обезбеди комплетна демократска лиценца за државата. Тоа е само едно камче од големиот мозаик,каде што доказ за квалитет треба да обезбедат и судството, и медиумите, и функционалните институции, и департизираната држава, и дијалогот, и реформите, и реален, а не биполарен плурализам во чијшто омнибус се прикачени куп мали политички партии.

Но, кога никој не ја гледа големата слика, тогаш очекувано е главното прашање да биде – ќе има ли избори во април? Никој не прашува што се очекува од изборите: само номинален победник или и реални промени?

Во Македонија интересот е насочен исклучиво кон првото. Опседнатоста со анкети за партиски рејтинзи, пресметките кој колку би добил, кој со кого, кој против кого, покажуваат дека политичката криза не само што не ги еманципирала македонските политичари туку по Пржино уште повеќе излегоа на виделина византиските методи во практикувањето на политиката.

Резервен датум за избори

Можеме да добиеме технички добро организирани избори, но нема да добиеме потврда за кредибилни избори, токму заради таа капарисана армија од субвенционирани или заплашени гласачи / Фото: mohammadali / Foter.com

Можеме да добиеме технички добро организирани избори, но нема да добиеме потврда за кредибилни избори, токму заради таа капарисана армија од субвенционирани или заплашени гласачи / Фото: mohammadali / Foter.com

Ако нештата ги гледаме од аспект на неопходната демократизација на земјата, не се важни изборите туку реформите. Каква е состојбата сега? Заради дел нереализирани обврски од Договорот, не е обезбеден неопходниот минимум кој ќе гарантира кредибилни избори на 24 април. За жал, ни краткорочното одложување не може драматично да ги измени состојбите.

Во календарот на бриселските дипломати, неформално циркулира „резервен датум“ за избори во јуни. Но, ако се има предвид учинокот на „четворката“ од 2 јуни, односно 15 јули, досега (пет месеци), само наивен или неупатен во „искрената волја“ на домашните лидери, може да поверува дека одложувањето на изборите за два месеца квалитативно ќе ги смени состојбите.

Тој период единствено може да биде корисен за потемелно прочистување на избирачкиот список од лажни и мртви гласачи, но никако не може да влијае врз чистење и на претходно резервираната волја на гласачите преку сет клиентелистички привилегии. Односно, можеме да добиеме технички добро организирани избори, но нема да добиеме потврда за кредибилни избори, токму заради таа капарисана армија од субвенционирани или заплашени гласачи.

Ако на овие девијации не се укаже во старт и се прифати учество на изборите, директно ќе се легитимира таков суптилно спроведен изборен фалсификат.

Политичките актери навреме мора да ги соопштат своите позиции по ова прашање, со дебело образложение, но и со програма што ќе го оправда евентуалното одложување или подолгорочно откажување на изборите. Бидејќи ако изборите се одложат, а во меѓувреме не се работи на поправање на системските деформации, тогаш резултатот ќе биде двојна нула.

Стратегија „колку-толку“

Застапниците на тезата дека мора да има избори во април, ставот го темелат врз неопходноста да се стави крај на агонијата со вонинституционалното заседавање на „четворката“ и конечно да се избере власт што ќе има легитимитет да ја води земјата.

Во наши услови ова е изветвена фраза. Имено, од 2006 година Македонија е раководена од неколку влади на Никола Груевски. Сите имаа легитимитет и стабилно мнозинство, но не ѝ донесоа ни стабилност на земјата, ни напредок на интеграцискиот пат, па дури ни стагнација туку – назадување.

Колку за илустрација: Кога во 2005 година Македонија доби кандидатски статус и важеше за лидер во регионот, Црна Гора сѐ уште беше во рамките на СРЈ. Самостојна држава стана во 2007 година, а во јуни 2012 година и официјално ги почна преговорите со ЕУ. Хрватска стана членка на ЕУ на 1 јули 2013 година. Србија доби кандидатски статус во март 2012 година, а од наредната ги започна преговорите со Унијата.

Македонија, по 72 години државност и четврт век самостојност, годинава може да се пофали „само“ со 11 години кандидатски статус. Седмата препорака за преговори целосно е доведена во прашање и зависи од реализирањето на Договорот од Пржино.

Зошто легитимниот премиер Груевски ни за десет години не успеа да ја помрдне Македонија чекор напред? Значи не е во прашање легитиметотот туку вредностите кои ги промовира и практикува. А тие се далеку од европските.

Но, ако и покрај нереализираните обврски, гарантите на Договорот притиснат изборите да се одржат во април или во јуни, сеедно, тоа значи дека се уверени оти ниту Брисел има ефикасен лек за „македонцките работи“, ниту гледаат капацитет внатре во земјата. Ќе се трудат процесот да го заокружат макар и со недоволни, килави резултати, а како компензација за пропустите, по изборите уште посилно да го засилат мониторингот врз реформите во земјава.

Тоа би значело колку-толку пристојни избори, колку-толку стабилност, колку-толку привиден мир. Тоа би бил срамен компромис со заложбата за европски вредности, но во изборот помеѓу „повеќе европски вредности“ или „помалку македонски главоболки“, привремено и принудно ќе се задоволат со второто.

Опасност од интраетнички судири

Од настаните во Куманово / Фото: БИРН

Од настаните во Куманово / Фото: БИРН

Извесно е дека Груевски нема да се повлече од функцијата пред посетата на Хан, односно пред да добие цврсти гаранции дека изборите ќе се одржат во договорениот термин. Или ако се повлече, ќе бара тоа да биде соодветно и на евентуалното пролонгирање на тој датум.

Какво било друго сценарио, кое би го оставило Груевски надвор од Владата, а без да се одржат избори, може да се претвори во македонска крвава свадба: од „спонтани“ протести на партиското членство („народот“), до ескалација на тензиите – преку изолирани инциденти до поголеми интраетнички судири.

За ваков епилог не е потребно дури ни одлагање на изборите. Искрата која може да се претвори во пожар би бил и обидот на надлежните да ја урнат бесправно изградената тераса на партиското седиште на ДПМНЕ.

И во двата случаја, неизвесно е како ќе се однесува полицијата, односно делот на МВРО-ВМРО во неа: дали ќе дозволи блиска средба на демонстранти од „двете страни“? Ако тоа се случи, најмал проблем е дали ќе биде дискредитиран социјалдемократскиот министер во МВР како неспособен да ја контролира ситуацијата.

Евентуалното откажување послушност од страна на полицијата би значело своевиден пуч врз социјалдемократскиот дел од преодната влада. Тогаш ќе се види кој и од каде ја командува полицијата, но и дека Македонија брзо може да се најде на работ од длабока безбедносна провалија, по што тешко ќе се врати назад.

Да се укине Катица?

Секој политичар кој ќе побара да се укине Специјалното обвинителство, јавно ќе признае дека се плаши од владеењето на правото / Фото: МИА

Секој политичар кој ќе побара да се укине Специјалното обвинителство, јавно ќе признае дека се плаши од владеењето на правото / Фото: МИА

Паралелно со предупредувањата за вакви сценарија, сѐ погласно се заговара и тезата, дека ако не се спроведат избори во април, Договорот треба да се прогласи за неважечки, па автоматски да се укине и Специјалното обвинителство.

Договорот може да се прогласи за неуспешен, но никогаш не се поништуваат постигнати решенија кои водат кон стандард плус во општеството. И без Договорот од Пржино, обврска на Македонија е да го расветли скандалот со прислушкувањето, што децидно е нагласено и во Извештајот на Прибе: „Скандалот со прислушкувањето откри масивно прекршување на основните права, вклучително и правото да се учествува во јавните работи и правото на глас, правото на еднаков пристап до јавните услуги, правото на приватност и заштитата на личните податоци, како и правото на независно и непристрасно судење. Напредокот во истражувањето и обвиненијата за објавените злоупотреби во поглед на прислушкувањето ќе треба да биде надгледуван, вклучително и во рамките на различните институционални контакти на ЕУ со земјата“.

Структурите кои сакаат да ги избегнат пржинските обврски, ќе мора да сфатат дека тоа е речиси невозможно, бидејќи тие се нотирани и во Извештајот на ЕК.

Затоа, секој политичар кој ќе побара да се укине Специјалното обвинителство, јавно ќе признае дека се плаши од владеењето на правото. Ќе го минимизира својот кредибилитет за бавење со политичка активност и де факто ќе ѝ соопшти на ЕУ дека од него не треба да очекува реализирање на таков европски стандард. Тоа би бил своевиден „момент на вистината“.

Политиката да стане неинтересна!

На крајот, кога сѐќе се сумира, повторно се враќаме на почетниот заклучок. Ниеден договор не може да произведе демократија, ниту да ја увезе. Потребата од демократија мора да произлезе однатре. И со „Пржино“ и без него, реформите мора да започнат, бидејќи сѐ друго води кон незадоволство што предолго тлее и се заканува да експлодира.

Проблемите со кои денес се соочува Македонија се многу длабоки за можат да се решат до април. Тие бараат посветеност и широк општествен консензус, кој сега го нема. Едни се возат на реформите како алиби за да ја зачуваат власта, други за да дојдат до неа. Засега нема видливи знаци дека реформите се цел. Туку само средство.

На Македонија, по потрошени 25 години ѝ треба и време, и сериозно лидерство. Додека тоа лидерство да се профилира или препознае, можеби е најдобро демократските промени да ги започне влада на национален спас која би добила мандат од најмалку една до две години.

Така ќе се демотивираат тензиите околу тоа што ќе донесат изборите. Ќе спласне електрицитетот, ќе изгуби на значење клиентелизмот и партиското лешинарство, ќе опадне интересот за партиите и за политиката во која не може да се профитира на немириторен начин, а ќе се отвори можност да се одвои зрното од каколот, како и од скакулците што го уништија родот во изминатите години.

За почеток и тоа е нешто. Всушност, многу повеќе од сѐ досега.