Регион

Хрватска ги замрзна цените на горивата на 30 дена

Цените на горивата достигнаа историски рекорд во вторникот | Фото: ИНА

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ најави дека цените на бензинот и на дизелот ќе бидат замрзнати во следните 30 дена, како дел од обидите да се стави под контрола поскапувањето на енергенсите.

„Имајќи ги предвид економските услови и непредвидливоста на цените на нафтата, а со цел да го одржиме економското закрепнување, одлучивме да ги стабилизираме цените на бензинот и на дизелот“, рече тој.

„Ќе ставиме плафон на цените на 11,10 куни (1,48 евра) за еден литар бензин и, а 11 куни (1,46 евра) за дизелот“, рече Пленковиќ. Тој додаде дека владата одблиску ќе ја следи ситуацијата и трендовите на светските пазари и ќе преземат и други мерки ако е неопходно.

Министерот за економија и за одржлив развој, Томислав Ќориќ додаде дека има индиции дека цените на горивата ќе продолжат да растат „поради што решивме да ги искористиме законските можности за замрзнување на продажната цена. Веруваме дека цените ќе се стабилизираат во следните 30 дена и дека по тој период економијата ќе продолжи да функционира нормално. Исто така, веруваме дека можеме да го издржиме трошокот, односно последиците од ова административно ограничување“, рече тој.

Медиумите пренесоа изјава од првиот човек на синдикатот на Загрепскиот електричен трамвај (ЗЕТ), Дражен Јовиќ, кој вели дека цените на билетите за трамвај и за автобус во Загреб ќе мора да се зголемат поради растот на цената на енергенсите и на градежните материјали, како и поради инфлацијата. Сега билетот за половина час возење чини четири куни, што е прифатлива цена за граѓаните.

Цените на горивата значително пораснаа во Хрватска, во вторникот, достигнувајќи историски рекорд. Според интернет-порталот cijenegoriva.info, еуросупер 95 поскапел за околу 0,35 евра, дизелот за повеќе од половина евро, а автоплинот за 0,17 евра.

Во вторникот, Сојузот на самостојни синдикати на Хрватска, СССХ, побара од владата да ги замрзне цените на бензинот и на дизелот, додавајќи дека поскапувањето дополнително ќе ги оптовари бизнис-секторот и граѓаните, и ќе го наруши животниот стандард. Во средата, владата се сретна со синдикалните лидери и со претставници од Организацијата на работодавачи на состанок на Економско-социјалниот совет, каде што се дискутираше за зголемувањето на цените.

Матеа Гргуриновиќ