Поранешниот српски паравоен командант, Драган Васиљковиќ, познат како Капетан Драган, кој беше осуден за воени злосторства над хрватски цивили и воени затвореници извршени во 1991 година, во саботата наутро беше ослободен од затворот во Лепоглава, северна Хрватска, откако ја отслужи својата 13 и пол годишна казна.
Неговиот адвокат во Хрватска, Слаѓана Чанковиќ, за БИРН изјави дека Васиљковиќ е пуштен на слобода, откако ја издржал својата казна во целост. Ова за хрватските медиуми го потврди и Министерството за правда.
Медиумите објавија дека Васиљковиќ бил префрлен на граничниот премин Бајаково и протеран во Србија, а забранет му е и влез во Европската економска зона 20 години.
Драган Палибрик, адвокат на Васиљковиќ во Србија, за БИРН изјави дека не знае дали Васиљковиќ ќе биде ставен во карантин во Србија.
Имено, во Србија, која досега има 528 потврдени случаи на КОВИД-19, задолжителен е 28 дневен карантин за сите српски граѓани кои се враќаат од странство. Во зависност од земјата од која доаѓаат, тие се ставаат во домашен или во некој објект одреден за државен карантин.
За потсетување, Васиљковиќ беше прогласен за виновен за злосторства извршени на тврдината во Книн, во јуни и јули 1991 година, каде што биле малтретирани хрватски војници и полицајци, како и за злосторства извршени за време на нападот врз полициската станица во Глина и околните села, во јули 1991 година, во кој биле убиени еден цивил и еден новинар.
Василковиќ, во 2015 година, беше екстрадиран во Хрватска од Австралија, каде работел како инструктор за голф под името, Даниел Снеден.
Васиљковиќ во Австралија заминал на 14-годишна возраст, а во Југославија се вратил пред почетокот на конфликтот во деведесеттите години, кога властите во Белград во 1991 година го испратиле во Хрватска, да биде командант на центарот за обука на специјалната паравоена единица на Србија.