Окружниот суд во Загреб неправосилно го осуди поранешниот офицер на ВРС, Дане Лукаиќ, на шест години затвор, за физичко малтретирање на затвореници во логорот Мањача, за време на војната во БиХ, објавија локалните медиуми.
Пресудата беше јавно објавена денеска, откако обвинителството и одбраната во понеделникот ги презентираа своите завршни зборови.
Регионалната телевизија Н1, објави дека обвинителството истакнало оти е неприфатлива одбраната на Лукаиќ, оти тој „секогаш бил против примена на сила”.
„Илузорно е да се очекува дека Лукаиќ, со оглед на неговата положба во логорот, не бил свесен за злоставувањето и мачењето во Мањача”, рекол, според Н1, обвинителот, Роберт Петровечки.
Лукаиќ се товари дека на неговите подредени припадници на ВРС во логорот Мањача, кој се наоѓаше во близина на Бања Лука, БиХ, им наредил физички да малтретираат и да повредат двајца заробени припадници на Хрватскиот совет за одбрана (ХВО), и тројца заробени членови на Хрватските одбранбени сили (ХОС).
Обвинетиот се товари и оти лично му нанел сериозни телесни повреди на еден од наведените членови на ХОС.
Според обвинителството, тој, од средината на јуни до 16 септември 1992 година, бил водач на оперативен тим на органите за безбедност, задолжен за собирање на разузнавачки информации од воените затвореници.
На оваа првостепена пресуда може да се поднесе жалба.
Хрватската полиција го уапси Лукаиќ во јуни минатата година, при влез во Хрватска. Неговото судење е едно од ретките во оваа земја, кое се одвива во присуство на обвинетиот.
Логорот Мањача, со кој управуваа босанските Срби, беше оперативен од 1991 до 1992 година, но и краток период во 1995. Повеќето од затворениците биле војници и цивили од бошњачка и од хрватска националност.