Хрватското Министерство за надворешни и европски прашања, испрати протестна нота до Амбасадата на Србија во Загреб, изразувајќи „најостар протест поради откривањето на спомен-плочата на Младен Братиќ, командант на силите на поранешна ЈНА и придружните српски паравоени единици, во нападот на Вуковар“.
Спомен-плочата на генералот Братиќ, командант на новосадскиот корпус на ЈНА, кој беше убиен во нападот на Вуковар, во ноември 1991 година, беше откриена денеска во Нови Сад, како дел од одбележувањето на Денот на првата бригада на копнената војска на Србија.
„Ова е скандалозно и ние најостро го осудуваме … Тој е всушност воен злосторник, загина напаѓајќи туѓа земја, нашата земја“, изјави хрватскиот министер за надворешни работи, Гордан Грлиќ Радман, истакнувајќи дека овој инцидент не придонесува за подобрување на меѓусоседските односи.
„Тоа што во Нови Сад се открива споменик на човекот кој беше командант во Вуковар, во кој беа убиени 2.200 луѓе, ќе биде предмет на официјален протест и тоа веќе му го кажав на српскиот претседател Вучиќ“, порача хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, од Женева, каде што со Вучиќ присуствува на Светскиот економски форум.
Вучиќ одговори дека Хрватска има улици што го носат името на Миле Будак, усташки министер од Втората светска војна.
„Новинарите од Србија ме прашаа како не им е срам на хрватските новинари да ме прашуваат за ова, кога во Хрватска има улици што го носат името на Миле Будак“, нагласи Вучиќ.
Во четвртокот, коалицијата на невладини организации, Граѓанска Војводина, ја осуди најавата за откривање на спомен-плочата.
„Ова е уште еден во низата чекори, со кои Министерството за одбрана и Војската на Србија, ги исмеваат жртвите на воените злосторства, етничкото чистење и геноцидот во 1990-тите години од 20 век. Со промовирање на книги на осудени воени злосторници, со подигнување на спомен-плочи и слични ревизионистички потези, Војската на Србија по втор пат ги убива жртвите на воените злосторства и ги претвора животите на нивните семејства во уште поголем пекол“, порача Граѓанска Војводина.
Министерството за одбрана на Република Србија, во октомври го искористи Белградскиот саем на книгата, за да промовира книга на поранешниот генерал, Небојша Павковиќ, кој беше осуден за воени злосторства и беше домаќин на настан на кој присуствуваа двајца воени злосторници.
Во ноември, Вуковар ја одбележува годишнината од падот на градот, кога во 1991 година илјадници несрби беа протерани или транспортирани во логори во Србија, а стотици беа егзекутирани на Овчара и на други места.