Регион

Иницијативата за укинување на специјалниот суд, пред Владата на Косово

Дие Морина, Приштина

Од состанокот на претседателството на Собранието на Косово. Фото: БИРН

Претставници на политичките партии во Косово, на состанокот на претседателството на Собранието, кој се одржа во понеделник, одлучија да го испратат нацрт-законот на разгледување до Владата, во обид да ја протуркаат иницијативата за укинување на Специјализираните совети, пред кои треба да им се суди на поранешни припадници на Ослободителната војска на Косово (ОВК), за воени злосторства извршени за време и по војната во Косово.

„Сè што е направено е процедурално“, изјави по состанокот, Кадри Весели, за медиумите.

„Сега (законот) е во рацете на Владата“, рече Глаук Коњуфца, од опозициската Ветевендосје (Самоопределување), потврдувајќи дека „иницијативата се бутка напред“.

Владата има 30 дена да даде мислење и одговор до претседателството на Собранието.

Иницијативата да се оспори законот дојде откако ветераните на ОВК покренаа петиција, барајќи измени во законот, кој го оценија како „дискриминаторски”, поради тоа што судот ќе им суди само на поранешни припадници на ОВК, но не и на припадници на српските сили.

Иницијативата ја поддржаа партиите во владејачката коалиција на Косово – Демократската партија на Косово (ПДК), Алијансата за иднината на Косово (ААК) и Иницијативата за Косово (НИСМА).

САД и ЕУ остро го осудија обидот за укинување на законот и предупредија дека доколку иницијативата успее, Косово би можело да биде изолирано.

Иницијативата за укинување на судот, до претседателството на Собранието, првично ја поднесоа група пратеници, на 22 декември, но таа не помина, бидејќи немаше кворум.

На 17 јануари беше направен втор обид, но и тој не успее, бидејќи, во услови на меѓународен притисок, повторно немаше кворум.

Шефот на пратеничката група на опозициската Демократска лига на Косово, ЛДК, Авдулах Хоти, ја напушти денешната средба на претседателството на Собранието. Тој повтори дека неговата партија е против обидите за укинување на законот.

„Нашата позиција е позната. ЛДК се противи на укинувањето. Денес ова беше на дневен ред. Ајде да видиме како парламентарното мнозинство ќе продолжи со работа“, рече Хоти.

Пред новиот специјален суд, ќе бидат разгледани случаите што произлегуваат од извештајот на Специјалниот истражен тим на ЕУ, СИТФ. Во извештајот се наведува дека неименувани претставници на ОВК ќе се соочат со обвиненија за „кампања на прогон“ на Србите, Ромите и косовските Албанци.

Иако со седиште во Хаг, Специјализираните совети се дел од правниот систем на Косово, но се независни од косовското судство и во нив се ангажирани меѓународни судии и обвинители.

Законот за основање на Специјализираните совети беше усвоен во 2015 година под притисок на САД и ЕУ.

Првите обвиненија се очекуваат оваа година.