Вести

Институциите соучесници во нападот на ЛГБТИ

Ако нема јавна осуда од премиерот и министерката за внатрешни работи, како и брзо расветлување на случајот и гонење на сторителите, тоа ќе значи охрабрување и соучесништво од страна на државата во насилството, хомофобијата и говорот на омраза

Кочо Андоновски и Славчо Димитров  | Фото: Г.Ризаов

Кочо Андоновски и Славчо Димитров | Фото: Г.Ризаов

Институциите на системот го охрабруваат и се соучесници во насилството против ЛГБТИ Центарот за поддршка

со тоа што тенденциозно не ги казнуваат сторителите на ваквите грозоморни чинови. Ова е пораката на Националната мрежа против хомофобија и трансфобија (НМХТ) на денешната прес-конференција која ја одржаа пред Јавното обвинителство на Македонија.

Тие најостро го осудија нападот врз кафе барот „Дамар“ во Старата скопска чаршија на прославата на втората годишнина од отворањето на ЛГБТИ Центарот за поддршка. Ја прашуваат владата „до кога ќе продолжи потценувањето на насилството кое е дел од секојдневниот живот на ЛГБТИ луѓето. До кога ќе продолжиме да се преправаме дека овие луѓе не постојат, дека секојдневно не се соочуваат со реални закани по животот“.

„Беше комплетна шок ситуација“, вели Славчо Димитров од ЛГБТИ Центарот присетувајќи се што сè се случи на 23 октомври околу 21:30 часот во Старата скопска чаршија. „Во еден момент стоевме до влезната врата и наеднаш дечкото што стоеше надвор влета внатре, а некој со качулка го гонеше и го удираше. Претходно, истиот тој ја удри со шише во главата девојката која стоеше надвор. Штом ја затворивме вратата, почна канонадата“, вели Димитров.

Тогаш сите што биле присутни истрчале во задниот дел на кафулето бидејќи предниот дел го демолирале пред нивните очи. Некои се криеле зад шанкот, некои под масите. Внатре биле 60-ина, а надвор околу 30 маскирани лица. Насекаде летале камења, стаклени шишиња, па дури и гајби. Дел од напаѓачите дофрлиле на aлбански јазик дека „на педерите не им е местото овде“.

Кочо Андоновски, програмски директор на ЛГБТИ Центарот за поддршка, исто така, бил присутен на прославата на две годишнината од постоењето на нивната организација.

„Сцената беше застрашувачка. Целиот бев со стакло. Скоро сите сме изгребани од стакла. На една девојка и беше скршено шише од главата и ја однесовме во Ургентниот центар на скопскиот Клинички центар“, вели Андоновски.

Девојката била нападната и со боксови, вели Андоновски, па затоа таа сега има болки во ‘рбетот и ќе оди на дополнително снимање.

НМХТ, која е мрежа од 20 невладини организации, побара од Јавното обинителство и Министерството за внатрешни работи да почнат ефективна истрага и судска постапка против сторителите. Бараат истрага и против говорот на омраза кој претходеше и следеше по нападот, велејќи дека со тоа што сторителите поминуваат неказнето, се охрабруваат ваквите напади.

„Ова насилство сега е последица на тоа што претходните напади не се расчистени, не се уапсени сторителите и не се казнети. И со тоа државата станува соучесник затоа што тие поминуваат неказнето“, вели Андоновски.

„Луѓето се ужаснати и не можат да веруваат дека ова се случува во 21 век“, потенцира тој.

Се бара одговорност за нападот во „Дамар“| Фото: Г.Ризаов

По нападот во „Дамар“ се бара одговорност| Фото: Г.Ризаов

Во своето соопштение, НХМТ побара јавна осуда од премиерот Никола Груевски и од министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска за хомофобичното насилство и за омразата против ЛГБТИ луѓето. Потоа, бараат брзо разјаснување на случајот, откривање на сторителите и ефикасна судска постапка за насилство, предизвикување општа опасност и расна и друга дискриминација преку прогонување на организации или поединци поради нивното залагање за рамноправност меѓу луѓето.

Бараат и судска постапка против сторителите на предхотните пет напади врз ЛГБТИ Центарот во Старата скопска чаршија, како и кривична истрага за говорот на омраза кој следеше на социјалните мрежи по нападот. Исто така, се бара истрага за предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа против медиумите кои пред настанот објавуваа содржини со говор на омраза против ЛГБТИ луѓето.

Од НМХТ велат дека објаснувањето за настанот во билтенот на МВР е нецелосно, неточно и не ја прикажува целата слика. „Нема информација дека нападот е за време на прославата на две годишнината, ниту дека е шести напад врз Центарот во чаршијата, што претставува криминален тренд кој бара поинакво постапување“, велат во соопштението.

Исто така, во билтенот не се споменати пораките кои ги извикуваа напаѓачите, а беа директно насочени против геј популацијата. Целиот настан е окарактеризиран како насилство, а всушност, според НМХТ ги исполнува условите за делото „Предизвикување општа опасност по животот на присутните, расна и друга дискриминација“.