Изложбата на БИРН, „Last Despatches“, посветена на новинарите, фотографите и другите медиумски работници, кои ги загубија животите во војните во 90-тите во поранешна Југославија, се отвора вечерва во Сараево.
На изложбата ќе биде претставена и книгата на БИРН, „Last Despatches“, која, преку интервјуа со семејствата, колегите и пријателите, носи приказни за 20 убиени новинари.
Настанот се одржува во Сараево, во просториите кои од следната година ќе бидат регионален музеј на БИРН, наречен Репортерска куќа, посветена на новинарите и медиумските прашања, на војните во поранешна Југославија и на предизвиците на современото новинарство.
Изложбата и книгата се базираат на долготрајниот серијал на БИРН, „Last Despatches“, кој документира дел од судбината на околу 155 новинари и медиумски работници, кои загинаа за време и веднаш по конфликтот.
Дел од нив беа странски дописници, но повеќето се граѓани на некогаш завојуваните републики. Некои биле убиени додека известувале од првите редови на фронтот, други на улиците во нивните родни места, а трети во канцелариите на нивните редакции.
„Она што е тешко да се поверува е дека досега, во врска со сите овие убиства, само едно лице е осудено за одговорност. Отсуството на други осудителни пресуди покажува дека неказнивоста на насилството врз новинарите и другите медиумски работници, траело со децении по завршувањето на војните во Југославија“, истакна регионалната директорка на БИРН, Марија Ристиќ.
„Изложбата ги раскажува приказните на некои од овие новинари кои храбро известуваа за војната и нејзините последици, разоткривајќи ги злосторствата и кршењето на човековите права и покрај ризиците со кои се соочувале. Taa е обележје за изгубените колеги и почит кон нивната работа, но и потсетување дека за да изградиме слободни општества, ни се потребни слободни медиуми“, додаде Ристиќ.
Местото на кое ќе се одржи изложбата во Сараево, следната година ќе стане нов музејски и општествен простор, под работен наслов, Репортерска куќа. Тоа ќе биде првиот регионален музеј на Балканот, кој ќе раскаже сеопфатна приказна за распадот на поранешна Југославија и за војните што избувнаа за време на тој распад.
Музејот ќе понуди уверлив наратив заснован на факти, но нема да биде само место за наследството на воената историја. Тој ќе послужи и како простор за собирање на новинарите и одржување на дискусии за критичните прашања со кои се соочуваат општествата во Југоисточна и Централна Европа, за размена на идеи со експерти кои доаѓаат надвор од регионот, за развој на квалитетно новинарство и истражувачко известување, како и за улогата на медиумите во конфликтите и превенција на конфликтите.
Изложбата „Last Despatches“ ќе биде отворена секој ден од 12.00 до 20.00 часот на улицата „Ферхадија“ бр. 10 во Сараево, од 15 до 19 декември.