Регион

Повеќе од 3.000 нови ветерани регистрирани во Хрватска

Ветерани на деветтиот баталјон на ХОС, „Рафаел витез Бобан“, во април 2018 година во Сплит, на одбележувањето на 27-годишнината од формирањето на овој баталјон. Фото: Свен Милекиќ

Министерството на хрватските бранители соопшти дека бројот на лица кои добиле официјален статус на бранител, од март 2020 до 30 ноември оваа година, е зголемен за 3.324, објави во неделата index.hr.

„Во моментов во евиденцијата имаме 426.956 бранители“, соопшти Министерството на хрватските бранители, иако податоците за вкупниот број бранители кои index.hr ги доби од Министерствата за одбрана и за внатрешни работи, покажуваат дека нивниот број е уште повисок.

Од Министерството на хрватските бранители наведуваат дека причината за зголемувањето на бројот на бранителите, лежи во тоа што некои бранители, до измените на Законот за правата на хрватските бранителите од Татковинска војна и членовите на нивните семејства, немале право на официјална регистрација.

Откако пред четири години, Владата на премиерот, Андреј Пленковиќ, го усвои законот, со статусот бранител, се стекнале 7.075 лица, објаснуваат од Министерството.

Статусот на ветерани обезбедува голем број права, вклучувајќи здравствено осигурување, пензии и предност при вработување.

Пленковиќ во саботата им се заблагодари на ветераните за нивниот придонес во создавањето на слободна и независна Хрватска и истакна дека правата на хрватските ветерани никогаш не смеат да се решаваат со протести – алудирајќи на протестите од 2015 година, кога на власт беше претходната влада предводена од Зоран Милановиќ, со кои се бараше усвојување на уставен закон, кој ќе ги гарантира правата на бранителите.

Пленковиќ додаде дека во последните пет години неговиот кабинет ги зголемил средствата за бранителите за околу 500 милиони евра.

„Бранителите водеа две битки: првата беше битката за слобода на Хрватска и тие дадоа најмногу што можеа и имаа во тој момент, а многу бранители дадоа најмногу – своите животи, а повеќе од животот за Татковината не може да се даде“, рече тој.

„Втората битка е битката за достоинство на бранителите и сите оние кои дадоа најмногу за Хрватска“, нагласи Пленковиќ.