Во извештајот кој ги анализира екстремистичките содржини и говорот на омраза на ТикТок, објавен од ИСД, се предупредува дека некои креатори на содржини ја користат оваа платформа за да ги величат воените злосторници, да го промовираат геноцидот, да го негираат холокаустот и за да шират расистички и антисемитски идеи.
„Две од десетте најгледани видеа со 655.800 и 233.000 прегледи, содржат коментари кои ги исмеваат жртвите и го негираат постоењето на босанскиот геноцид и на холокаустот“, се вели во извештајот.
Во него, врз основа на анализата извршена на примерок од 1.030 видеа, се вели дека во повеќе од 240 видеа се изразува поддршка на организации или поединци, поврзани со екстремизмот или тероризмот.
Исто така, се наведува дека 246 видеа содржат пофалби, промоции и величања на луѓе како што се Ратко Младиќ, Брентон Тарант, Адолф Хитлер или ИСИЛ.
Искажувањето на антимуслиманска омраза на оваа социјална мрежа, врз основа на извештајот, главно содржи објави поврзани со војните во поранешна Југославија и убиствата на Бошњаците.
„Ова вклучуваше содржини за геноцидот во Сребреница во 1995 година, негирање на овој настан и величење на одговорните, како што е осудениот воен злосторник, Ратко Младиќ. Песните што го слават Младиќ беа вообичаени во нашиот примерок“, се вели во анализата.
Биле забележани и снимки кои промовираат расистички стереотипи што ги прикажуваат сите муслимани како поддржувачи на тероризмот, пропагандни снимки на ИСИЛ и 26 објави кои го негираат постоењето на холокаустот.
„Креаторите на содржини кои промовираат омраза и екстремизам, ги користат системските карактеристики на платформата, за да ја зголемат видливоста на нивната содржина, вклучувајќи ги и напорите да се искористи алгоритамската промоција на одредени хаштагови, за постигнување на прегледи и ангажман“, се вели во извештајот.
Тактиките за избегнување на отстранувањето на постовите се едноставни, но ефикасни, се вели во извештајот, во кој се додава дека со таквите стратегии, на корисниците на кои претходно им бил забранет пристапот, им се овозможува враќање на ТикТок со речиси идентични кориснички имиња, користење на функциите за приватност и на стратешките ограничувања на коментарите или на алтернативните правописи за хаштаговите, како и на изгледот на видеомрежата на профилите, за промовирање на омраза.
Во извештајот се посочува дека екстремистичките содржини недоследно се отстрануваат од оваа платформа и дека многу објави што содржат говор на омраза, не биле брзо отстранети.
Од TикToк велат дека преземаат чекори за отстранување на екстремистичките содржини и на профилите на корисниците, кои објавуваат таква содржина.
Како што истакнуваат, компанијата „категорично го забранува“ екстремизмот и говорот на омраза, и го отстранува целиот материјал со кој се крши нејзината политика.