Регион

Како e oдземено сеќавањето на холокаустот во посткомунистичките земји

Некои згради се речиси урнати, додека други се претворени во деловни простори, како механичарска работилница за поправка на автомобили, продавница, некакво складиште, напуштено и зараснато детско игралиште што изгледа депресивно, седиште на месен комитет на владеачката партија. Трговскиот центар Ушќе, блеска низ крошните. Приказната за логорот Сајмиште, за холокаустот во Србија, останува скоро целосно надвор од сеќавањето на јавноста.

А сепак, сликите од холокаустот се насекаде. Така, во Историскиот музеј на Србија, во 2014 година, беше поставена долгонајавуваната изложба „Во името на народот – политичка репресија во Србија 1944-1953“. Целта, според најавите, беше да се претстават нови историски документи и докази за комунистичките злосторства, почнувајќи од атентати, киднапирања, притворања во логори, до колективизација, политички судења и репресија.

Но, на изложбата, всушност, беа прикажани случајни и целосно деконтексуализирани фотографии на „жртви на комунизмот“, меѓу кои има невини луѓе, но и многу докажани фашистички соработници, членови на квислиншката влада, на десничарската милиција и на четничкото движење.

Највпечатлив визуелен артефакт на изложбата беше добро познатата фотографија на затвореници од концентрациониот логор Бухенвалд, меѓу кои е и Ели Визел, што ја фотографирал американскиот војник, Хари Милер, при ослободувањето на логорот, во април 1945 година. На белградската изложба, оваа канонска слика, беше поставена во делот посветен на комунистичкиот логор за политички затвореници, Голи Оток, со опис дека таа е „пример за животните услови на затворениците на Голи Оток“.

Сепак, и после ова откритие, фотографијата остана дел од изложбата. Таа беше таму и во мај 2014 година, кога јас ја посетив изложбата. Набргу потоа, како одговор на негодувањето на историчарите на холокаустот, беше додадено објаснувањето: „Креветите на кат на затворениците во логорот Дахау“.

Тоа што никој не сакаше да се заморува со тоа што фотографијата всушност беше од Бухенвалд, а не од Дахау, е показател за рамнодушноста кон холокаустот во Србија.

Нерешеното фашистичко наследство во Хрватска

Споменикот „Камен цвет“ во спомен-подрачјето Јасеновац. Фото: БИРН/Ања Владисављевиќ.

Во Хрватска, која има многу проблематичен однос со своето минато од Втората светска војна, како и со нерешеното наследство на усташкиот фашистички режим, Јасеновац, концентрациониот логор и логорот на смртта во кој на грозоморен начин беа убиени 85.000 Срби, Евреи и Роми, и натаму е најзначајното, но и најспорното место на зачувување на сеќавањата за холокаустот.

Во последниве неколку години, во Хрватска се појави нов наратив, кој тврди дека приказната за Јасеновац е „преувеличена“ и дека бројот на жртви е фабрикуван од југословенската комунистичка, а подоцна српската националистичка, пропаганда.

Овој наратив дополнително преминува во тврдење дека Јасеновац воопшто не бил фашистички логор, туку место што го воделе комунистите и кое служело за „масовно егзекутирање на хрватските патриоти“, по Втората светска војна. Овој наратив го промовираат бројни ревизионисти на историјата, како што е новиот истражувачки „институт“ кој има за цел да ја утврди вистината за овој „комунистички“ логор.

Овој ревизионизам стана толку распространет и поддржан од државата, што во 2018 година хрватската претседателка, Колинда Грабар Китаровиќ, повика на формирање на меѓународна комисија за утврдување на вистината за логорот, за периодот 1941-1945, „но и после тоа“, што укажува дека наративот за Јасеновац, како повоен комунистички логор, е прифатен од носителите на политичка моќ.

Исто така, во обид да се избришат фашистичките злосторства и да се искористат фотографиите од нив за да претстават вистинските или замислените злосторства на комунизмот, на местото на логорот, Стара Градишка, дел од логорскиот комплекс Јасеновац, хрватската Влада, во 2011 година, постави спомен-плоча „во знак на сеќавање на политичките затвореници, жртви на комунистичкиот режим, убиени во затворот Стара Градишка“.

Употребата на зборот затвор, а не логор, е значајно, затоа што го насочува сеќавањето на предвоениот и на повоениот период, кога ова место се користело како обичен затвор за сторителите на кривични дела, наместо на усташкиот логор на смртта од Втората светска војна, во кој беа убиени повеќе од 12.000 Срби, Евреи, Роми и други непријатели на Независната Држава Хрватска (НДХ), вклучувајќи и голем број на жени и на деца.

Во 2007 година, на оваа локација, беше поставена друга спомен-плоча, во чест на хрватските затвореници во српските логори во периодот на војната, 1991-1995 година. Третата спомен-плоча е од 1996 година, со која се чествуваат „хрватските патриоти“, затворени на ова место, во „кралска и во комунистичка Југославија“.

Но, ниту еден официјален знак не укажува дека оваа локација, во Втората светска војна, била голем концентрационен логор, во кој татко ми како дете бил интерниран.

Сепак, ова присвојување на местата и сеќавањата на холокаустот, не е автохтон постјугословенски изум.

Ваквото „валкање на историјата“ се јавува ширум Источна Европа и стана вид на „дисторзирано сеќавање“, кое го филтрира и замаглува секое сериозно упатување на сопствената одговорност за масовните злосторства во последните војни, но која, исто така, ги замаглува и сеќавањата што не му одговараат на моменталниот политички момент, како оние за раширените нацистички злосторства над комунистите и партизаните.

Овој вид на сеќавање на холокаустот, како што се сугерира и во мојата книга „Жолта ѕвезда, Црвена ѕвезда: Сеќавање на холокаустот после комунизмот“, најдобро може да се дефинира како присвојување на сеќавањата, каде сеќавањето на холокаустот се користи за да се запамтат разни страдања, како оние за време на комунизмот или страдањата предизвикани поради етничко насилство на друга група.

Во целиот регион, владите ги користеа спомениците, музеите и спомен-обележјата, за да го усогласат сеќавањето на холокаустот на национална основа и да го искористат за создавање на ново визуелно сеќавање на минатато од 20 век, со кое ги поддржуваат сопствените митови за нацијата.

Во посткомунистичка Европа, длабоката, чесна и сеопфатна дискусија и сеќавање на холокаустот, честопати се соочува со отпор, а позиционирањето на еврејските жртви над жртвите на другите етнички групи од регионалното мнозинство, на се поотворен презир.

Бидејќи во Источна Европа скоро нема Евреи, посткомунистичките национални идентитети беа изградени најпрво на отфрлање на комунистичкиот панационален идентитет (каде што организацискиот наратив беше лојалност кон социјализмот, а не кон етничката припадност), при што идентитетот сега го формира етничкото мнозинство, и оттука тој почива на многу хомогени основи, оставајќи речиси нималку простор за вклучување на малцинските наративи.

Но, се отфрла и фокусот на еврејското страдање, бидејќи ова води до дискусија за обемното и длабоко локално соучесништво во холокаустот и за материјалната и политичка корист од целосното исчезнување на Евреите. Со децении, еврејските бизниси, куќи и имоти беа ограбувани, изложени на комунистички напади, и тие полека се апсорбираа во општата економија, со тешки и спорадични обиди за реституција.

Оттука, обидот за вистинско сеќавање на холокаустот, отвора прашања на кои современите општества не сакаат да одговорат.

Поради ова, и по повеќе од 75 години откако големиот, темен, сив камион на белградското Сајмиште ги затвори своите врати за последен пат, сеќавањето на холокаустот останува нерешено, оспорено и инструментализирано.

Јелена Суботиќ е професор по политички науки на Државниот универзитет во Џорџија во Атланта. Автор е книгата „Одземање на правдата: Справување со минатото на Балканот“ и „Жолта ѕвезда, црвена ѕвезда: сеќавање на холокаустот после комунизмот“, објавена овој месец од Корнел Јуниверсити Прес.