Од градежната авантура наречена Скопје 2014 до трошоците за РЕК Битола; од горивото за ЈСП до финансирањето на новиот објект на Македонската филхармонија – државата најмногу пари троши во градежништвото и енергетиката.
Според податоците на Електронскиот систем за јавни набавки, во последните пет години 1300 државни институции потрошиле околу 4,3 милијарди евра низ 110.000 договори.
Центарот за граѓански комуникации направи рангирање и анализа на стоте најголеми договори од 2010 до 2014 година, кои сочинуваат дури 22% од целокупната потрошена сума со цел да се предочи кои се најголемите склучени зделки и со кои фирми се склучени договорите.
Најголемите играчи кои стојат зад најголемите договори се: АД ЕЛЕМ, Службата за општи и заедички работи на Владата, министерствата за здравство и за култура, ЈСП Скопје, ЈП за државни патишта, АЕК, Град Скопје…, а пак петте фирми кои склучиле договори со највисоки суми се: ДГУ Пелистер Битола, Babcock Borsing Steinmuller-Germany, АД Гранит, Транс Мет Скопје и АД Бетон Скопје.
Во договорите од „Топ 100“ склучени на суми од 2,8 до 104 милиони евра доминираат набавки од енергетиката и градежништвото, но интригира фактот што највредните договори се склучени меѓу 33 државни институции и 60-тина фирми.
Има ли концентрација на јавните набавки кај неколку субјекти, што содржат договорите и како биле склучени, има ли резултати од нив – се само некои од прашањата на кои ќе биде предизвик додатно да се одговори.
Истражувањата на БИРН и Центарот за граѓански комуникации на тема „Топ 100 договори“ и базата на податоци креирана за потребите на ова истражување наскоро ќе бидат објавени на Призма.