Поранешниот припадник на Хрватскиот совет за одбрана (ХВО), Саша Савиновиќ, беше осуден на осум години затвор за злосторствo против човештвото, поради учество во убиства и присилна преселба, во регионот на Мостар, во 1993 година.
Џана Брканиќ БИРН Сараево
Судот на Босна и Херцеговина го осуди Саша Савиновиќ, поранешен член на антитерористичката група „Бенко Пенавиќ“ на ХВО, бидејќи од мај 1993 до крајот на истата година, учествувал во прогон, со вршење на убиства и присилна преселба, на бошњачките цивили во регионот на Мостар.
Савиновиќ и тројца други припадници на ХВО, како што е наведено во пресудата, на 15 јули 1993 година, упаднале во стан во кој се наоѓале три жени и едно бебе и ги извадил надвор.
Едно лице, според пресудата, успеало да се спаси, и телата на другите, вклучувајќи го и бебето, биле пронајдени околу половина час подоцна.
„Одбраната во текот на постапката докажуваше дека обвинетиот во времето на извршување на ова дело не можел да биде на самото место, бидејќи бил на линијата на фронтот, но, советот, изведените докази за тие околности, не можеше да ги прифати како точни и објективни“, рече претседателот на судскиот совет, Жељко Mарениќ.
Савиновиќ, според пресудата, влегол во уште еден стан, во кој живееле две женски лица и нивната мајка.
Насилно ги извел од станот и ги однел на линијата што ги делела ХВО и Армијата на Босна и Херцеговина (АБиХ).
Пукајќи околу и над нив, заедно со други војници на ХВО, ги натерал да избегаат кон источната страна на градот под контрола на АБиХ, се вели во пресудата.
„И обвинетиот го потврди своето присуство во станот на семејството“, истакна судијата.
Како рече Марениќ, за кривичното дело злосторство против човештвото, било потребно да се утврди дека имало сеопфатен и систематски напад на ХВО врз бошњачките цивили во областа на Мостар во 1993 година, и дека делата на обвинетиот биле дел од тој напад.
„Советот внимателно и свестрано ги разгледа сите докази и утврди дека обвинетиот го сторил делото изречено во пресудата“, рече Марениќ.
Додаде дека е изречена затворска казна од осум години, што е под законскиот минимум, поради возраста на обвинетиот, неговото однесување по извршувањето на делото и од други причини.
Постои можност на жалба против оваа пресуда.