Регион

Светскиот еврејски конгрес ја повикува Хрватска на дебата за Холокаустот

Светскиот еврејски конгрес сака да иницира дебата за ревизионизмот на холокаустот во Хрватска, со цел да поттикне признавање на злосторствата извршени во концентрациониот логор Јасеновац, во Втората светска војна, изјави за БИРН професор, Менахем Розенсафт.

Свен Милекиќ, Загреб

Американскиот професор по право, Менахем З. Розенсафт, во интервју за БИРН вели дека Светскиот еврејски конгрес – меѓународна организација која ги застапува еврејските заедници – сака во Хрватска да покрене дискусија во врска со злосторствата извршени во концентрациониот логор Јасеновац, за време на Втората светска војна.

Розенсафт неодамна го привлече вниманието на медиумите, со својата статија „Хрватска бесрамно се обидува да ги исфрли од историјата своите злосторства во холокаустот”, објавена во еврејското списание „Таблет“. Тој смета дека Хрватска мора да се соочи со фактите, а не да го ревидира сопственото минато.

Изразува загриженост што хрватските политички лидер, до својот народ испраќаат различни пораки, зависно од тоа дали зборуваат во странство или дома.

„Историското сеќавање, историската точност, не можат да се сменат во зависност од тоа која е публиката”, вели тој.

„Во оваа смисла, го цениме она што хрватските лидери го рекоа за холокаустот во Израел, но, во исто време сме и загрижени што истите зборови не се употребуваат во Хрватска, за хрватската јавност”, додава Розенсафт.

Розенсафт, главен советник на Светскиот еврејски конгрес, е познат научник кој го предава предметот Закон за геноцидот на универзитетите Колумбија и Корнел.

Конгресот во моментов е ангажиран во меѓународна кампања против ревизионизмот на холокаустот и минимизирање на извршените злосторства, особено во Јасеновац.

Помеѓу 1941 и 1945 година, со спроведување на расни закони против Србите, Евреите и Ромите, хрватското фашистичко усташко движење, во концентрациониот логор Јасеновац, уби повеќе од 83.000 луѓе.

Иако злосторствата извршени во Јасеновац го имале неговото внимание, Розенсафт вели дека уште повеќе се заинтересирал, кога еврејската заедница во Хрватска, официјално ги бојкотирала комеморациите одржани на спомен-обележјето во Јасеновац.

За потсетување, последните две години, еврејската и српската заедница во Хрватска, одбија да присуствуваат на комеморациите во Јасеновац, во знак на протест, против, како што соопштија, заживувањето на фашистичките вредности во хрватската политика.

Розенсафт вели дека кампањата на Конгресот не е „кампања против Хрватска”, туку обид да се сврте вниманието на јавноста, во и надвор од Хрватска, на прашањето за холокаустот, онака како што тој бил спроведен во Хрватска.

Оваа расправа може да доведе до организирање на одредени настани, како конференции или дури и воспоставување на меѓународна комисија за утврдување на фактите за Јасеновац, додава тој.

Според податоците на истражувачите од спомен-обележјето Јасеновац, бројот на жртвите во овој логор изнесува 83.145 лица.

Сепак, оваа бројка во Хрватска и во Србија значително се намалува или се зголемува, иако повеќето историчари се согласуваат дека вкупниот број на жртви е околу 100.000.

„Бројот на жртви не треба да биде предмет на политичка дебата меѓу Хрватите, Србите и Евреите, туку треба да биде утврден од независни и меѓународно признати историчари и научници, било од Музејот на холокаустот во Вашингтон или од Јад Вашем во Ерусалим, вклучувајќи ги и историчарите од Хрватска и од Србија, претставниците на хрватската еврејска заедница, како и претставниците на Ромите, кои, исто така, страдале во Јасеновац“, потенцира Розенсафт.

Истакнува дека „геноцидот и злосторствата (против Србите, Евреите, Ромите и антифашистите) извршени во Јасеновац, никогаш не треба да се политизираат”.

Светскиот еврејски конгрес бара историска точност и деполитизација на сеќавањето на холокаустот, додаде тој.

„Од овој аспект, навистина нема разлика помеѓу Евреите, Србите и Ромите, тие биле убиени на исто место, биле убиени од страна на ист сторител и заслужуваат достоинството, да се паметат и споменот на нив да се одбележува со пристојност и вистина”, вели Розенсафт.

Во 2015 година, хрватската претседателка, Колинда Грабар-Китаровиќ, беше во посета на Израел, при што го посети и Јад Вашем во Ерусалим и изрази жалење за Евреи кои биле убиени од раката на усташите.

Сепак, Грабар-Китаровиќ, никогаш не присуствувала на официјалните комеморации во Јасеновац, иако беше во лична ненајавена посета на ова место, што предизвика загриженост кај здруженијата на жртвите.

Ситуацијата во Хрватска со ревизионистичките идеи за холокаустот, е дел од поширокиот тренд во Централна и Источна Европа, рече Розенсафт.

Луѓето треба да бидат едуцирани за извршените злосторства и за тоа кој е одговорен за нив, како што беше тоа направено во Германија, по Втората светска војна, додаде тој.

Злосторствата во Јасеновац, ги извршија усташите, тие не беа под директива, ниту пак наметнати од Германците, истакна тој.

„Никому не му служи ако се сугерира дека злосторствата во Јасеновац биле извршени од некои непознати лица. Убиствата и мачењата во Јасеновац, ги вршеа усташите. Знаеме кои биле тие, ги знаеме нивните имиња и знаеме кои биле командантите. Точно знаеме кој е одговорен, тоа не е мистерија“, рече Розенсафт.

Се осврна и на документарниот филм „Јасеновац – вистината”, на контроверзниот режисер, Јаков Седлар, кој, според многумина, вклучувајќи ја и израелската амбасадорка во Загреб, во филмот ги минимизира злосторствата извршени во Јасеновац.

На премиерата во Загреб во 2016 година, тогашниот министер за култура, Златко Хасанбеговиќ рече дека документарниот филм “е најдобар пат конечно да се фрли светлина на бројни контроверзни места од хрватската историја“.

Розенсафт не се согласува со ова, што не е чудно: „Кога, со поддршка на министер, се прикажува филм, во кој се минимизираат ужасите извршени во Јасеновац, тоа не помага”, нагласува тој.

Не сака да зборува за наградата што град Загреб му ја додели на Седлар во април.

„Не е наша работа да коментираме внатрешни работи”, вели тој. „Сѐ што можам да кажам е дека никој нема овластување, да оддава признание на филм или книга кои ги искривуваат фактите”.