Актуелно

Кои се обвинетите од „Диво насеље“

Од невработени, до полицајци, воени ветерани, багерист, новинар, фотограф, психолози и правници е профилот на обвинетите за нападот на полициската станица Гошинце и пукањето во кумановско „Диво насеље“, кои во вторникот седнаа на обвинителна клупа во Кривичниот суд во Скопје.

mia2-3

На обвинетите за „тероризам и за терористичка организација“ им се заканува затвор од најмалку 8 и 10 години затвор, па до доживотен затвор | Фото: МИА

Од 29 обвинети за нападот на полицијата во Куманово во мај 2015 година кога беа убиени 8 полицајци, само неколкумина се со основно образование и невработени, додека другите имаат завршено средно или високо образование и биле вработени во приватни компании или државни институции до денот на нивното апсење.

Судот во Скопје ги прашуваше сите обвинети што работат, какво образование имаат завршено, дали се женети и дали имаат деца.

Сите обвинети се мажи. Обвинителството ги гони за „тероризам и за терористичка организација“ за што им се заканува затвор од најмалку 8 и 10 години затвор, па до доживотен затвор.

„Водачите на групата кои сега се мртви, обезбедиле финансиски средства за нејзино функционирање, набавиле оружје, медицински материјали, изготвиле планови за напад на полициската станица Гошинце, а потоа со украденото оружје од Косово се префрлиле во Македонија и се стационирале во кумановското „Диво насеље“. Рано наутро, на 9 мај 2015 година ја нападнале специјалната полиција која во тој дел на градот требало да изврши претрес трагајќи по оружјето украдено од полициската станица“ – тврди македонското Јавно обвинителство.

Обвинителите не го спомнуваат мотивот, зошто групата сакала да го урива уставниот поредок на Република Македонија. Обвинетите во текот на истрагата молчеле, па евентуално, ова важно прашање треба да се расчисти кога ќе ја даваат својата одбрана во текот на судењето.

На првото судење, сите 29 обвинети изјавија дека не се чувствуваат виновни за делата за кои ги обвинува Јавното обвинителство. Дел од нив тврдеа дека никогаш не биле во Гошинце и во Куманово. Малкумина од нив признаа дека биле припадници на групата, но тврдеа дека не ја нападнале полицијата.

DSC03084

Дел од обвинетите тврдеа дека никогаш не биле во Гошинце и во Куманово. Малкумина од нив признаа дека биле припадници на групата, но тврдеа дека не ја нападнале полицијата | Фото: МИА

Сепак, интересни се нивните професии, работата, семејствата.

Првообвинетиот Сами Укшини е од Ѓаковица, Косово. Има 49 години. Завршил средно образование, работел во приватна фирма, оженет е и има 10-годишно дете.

Анди Красниќи, викан Малишева, чие име претходно било Мухамед Красниќи, е од Приштина, има 46 години, завршил средно образование, сега е невработен, татко е на 6 деца, од кои 2 се малолетни. На прашањето на судот дали се чувствува виновен, одговори: „Апсолутно, не“.

Деме Шеху е роден 1980 година. Живее во село Јуник, на Косово. Рече дека има завршено факултет – Психологија, како и трет степен дипломатија. Женет е и има 2 малолетни деца.

51-годишниот Ќенан Исени од селото Отља, Кумановско, има завршено основно образование и работел на регулација на водите во општината. Татко е на 2 полнолетни деца. Рече дека никогаш не бил во Гошинце и во Куманово, како што пишува во обвинението.

Фадиљ Фејзулаху од Куманово, 45-годишен, невработен, со завршено основно образование, има 4 деца, од кои само едно е полнолетно.

Ирфан Љутвиу е роден 1981 година. Живее во Куманово, на улицата во кој се случи нападот од терористичката група врз полицијата. Има завршено основно образование, работел како фризер, оженет е и татко на 2 малолетни деца.

Фадил Елшани од Сува Река, Косово, невработен, на возраст од 41 година имал завршено средно образование, женет е и татко на 4 малолетни деца.

31-годишниот Есат Кафеџоли од Малишева, Косово, му објасни на судот дека има завршено Високо образование, сега е невработен, разбрал за што го обвинуваат, но тврди дека не е виновен. Не е женет и нема деца.

mia1

Според обвинителството, рано наутро, на 9 мај 2015 година ја нападнале специјалната полиција која во тој дел на градот требало да изврши претрес трагајќи по оружјето украдено од полициската станица | Фото: МИА

Обвинетиот Ардијан Бујари од Сува Река, Косово, има 41 година, завршил средно образование, вработен е во приватна фирма, женет е и има 2 малолетни деца.

Шефќет Халачи (35) од Призрен, Косово, завршил основно образование, не е вработен, женет е и има 3 деца. Лирим Демири од Липково, Кумановско, е најмлад во групата обвинета за тероризам. Роден е 1992 година. Има завршено основно образование, не е вработен, не е женет и нема деца.

42-годишниот Хајруш Авдија е од косовската општина Малишево. Завршил основно образование, работел како автомеханичар, а како што објасни во судницата, во Германија добил и диплома за градежништво. Женет е и има 3 деца, од кои 2 полнолетни. На прекар го викале „Спиро“.

„Кога сум бил мал, сум бил многу слаб и така сум го добил прекарот Спиро“, рече обвинетиот Авдија во судницата на судот во Скопје.

Бетим Кабаши (24) е од Призрен. Завршил средно економско образование, не е вработен, не е женет и нема деца. Рече дека не е виновен за напад врз македонската полиција како што пишува во обвинението.

Генци Сефа (43) е од Лушње, Албанија, и живее во Урошевац. Завршил Воена академија во Тирана и Правен факултет, отсек криминалистика, во Приштина. Сега е пензионер, воен инвалид. Женет е, има едно малолетно дете.

„Жалам за настанот од мај, не негирам дека сум дел од групата, но не сум виновен за тероризам за што ме обвинуваат“, наведе Сефа во судницата.

Ландрит Рустемај од Ѓаковица Косово, на возраст од 25 години, завршил средно образование, не е вработен, не е женет. И тој пред судот рече дека не се чувствува виновен.

Енвер Хоџа Клајн (45), викан Џиџи, роден е во Крефелд СР Германија, а по потекло е од Косово (германски државјанин). Рече дека е новинар, а во Германија работел и како преведувач во полицијата за странци. Женет е и има 2 деца.

Руфки Догани од Скопје, кој сега живее во Качаник, завршил основно образование, бил вработен во приватна фирма, женет е и има 3 деца. Со завршено основно образование и невработен е и обвинетиот Насуф Бекири, 28-годишен, од селото Брест. Тој сега живее во Арачиново. Рече дека знае за што е обвинет, но не се чувствува виновен.

Мирсад Керими (30) од Сува Река, Косово, завршил факултет за компјутери и информатика, не е женет. Вели дека не се чувствува виновен.

„Не разбрав за што ме обвинуваат. Се спомнува тероризам. Мислам дека со ова обвинение, некој сака да ја покрие вистината со правдата“ рече Керими.

mia4

Најголем број од обвинетите, косовски државјани, ѝ се предадоа на полицијата по целодневното пукање на 9 мај 2015 година | Фото: МИА

Валдет Зекај (38) од Пеќ, Косово, вели дека работи како фотограф. Женет е и имал 7 деца, сите малолетни.

На листата на обвинети е и Бајрам Елшани од Сува Река (роден 1977 година). Има завршено основно образование, не е женет и нема деца. И тој вели дека не се чувствува виновен.

Неџбедин Љика од Тетово завршил Факултет за физичка култура. Има 37 години. Привремено живее во Призрен. Не е вработен, женет е и има 2 малолетни деца.

27-годишниот Лирим Красничи од Урошевац, живее во Германија, завршил средно образование, а работи како багерист (возач на багер). Женет е и има 1 малолетно дете. Севдаиљ Мифтари по потекло е од кумановското село Черкези, со привремен престој во Витина, Косово, невработен е, со завршено основно образование. Има 31 година, женет е и има 6 малолетни деца.

„Во обвинението пишува дека се пукало на 9 и 10 мај. Имаше пукање само на 9 мај, но не и на 10 мај“, рече Мифтари во судницата.

Фатмир Речица, 30-годишен жител на Липљан, Косово, студира на Правен факултет. Оженет е и има 3 деца. Бек Бајра (37 години) од Гњилане, Косово, на крај е со студиите на Факултетот за физичка култура. Невработен е, не е женет и нема деца.

„Разбрав за што сум обвинет. Терорист сум само затоа што сум Албанец. Терорист не сум и нема да бидам“, рече Бајра на прашањето на судот: „Дали разбрал за што го обвинуваат и дали се чувствува виновен“?

Фејзула Рушитовски од село Брест е 27-от на листата обвинети. Има 26 години, завршил основно образование, не е вработен, женет е и има 2 деца.

Бесник Ајдини од Куманово (46 години) имал завршено основно образование, повремено работел приватно, женет е и има 4 малолетни деца.

„Немам никаква поврзаност со настаните и со групата“, рече Ајдини.

mia3

Во нападот во Куманово загинаа 8 македонски полицајци и 10 припадници на вооружената група | Фото: МИА

Последен на листата на обвинети е Арсим Бајрами од Ваксинце, Кумановско. Има 33 години, завршил Факултет за јавна администрација на државниот тетовски универзитет и бил вработен како полицаец во МВР. Женет е и има 2 малолетни деца.

„Барам да ми каже обвинителството според кои докази сум виновен. За што сум 9 месеци во притвор“, рече Бајрами.

Адвокатот Шазивар Исеини, на почетокот од судскиот процес остро го нападна обвинението, наведувајќи дека Овинителството не ја завршило истрагата, не ги испрашало обвинетите и на тој начин сакале да ја прикријат вистината.

„Дали станува збор за тероризам, каде е опишано кој ја формирал групата, кој каква улога имал во неа, дали полицајците во станицата во Гошинце спиеле кога дошла групата и ги совладала или имаме друга вистина? Дали некој со вакво обвинение во кое не е утврден мотивот сака да ја скрие вистината за случајов“ реагираше адвокатот Исеини, кој беше судија во Основниот суд Скопје 1, каде што ѝ се суди на групата за тероризам, но по пензионирањето продолжи да работи како адвокат.

Најголем број од обвинетите, косовски државјани, ѝ се предадоа на полицијата по целодневното пукање на 9 мај 2015 година, а македонските државјани, како нивна логистика, беа уапсени дополнително. Во нападот во Куманово загинаа 8 македонски полицајци и 10 припадници на вооружената група.