А јас упорна…

Колумна на Милка Смилевска

Протест на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ против покачената цена на струјата е регионална вест. И покрај тоа што денот ми почна уште  во 7 часот со снимање на дечињата, кои по шест месеци пауза за првпат тргнаа во градинка, попладне ја снимавме гувернерката на Народна банка за одлагањето на плаќање на кредитите, го дочекавме 18 часот на работа за да го следиме протестот на опозицијата.

Со колегата снимател дојдовме на улицата Македонија, ја фативме најдобрата позиција за тотали, за да се види од повисоко колку реално луѓе дошле на протестот и почнавме да работиме. Фокусот ми беше да снимам неколку граѓани демонстранти, кои ќе ми кажат зошто излегле на протест, што ги мачи, освен покачената цена на струјата.

Видов двајца повозрасни луѓе што доаѓаа кон нас, едниот со црвена маица со грбот на ВМРО-ДПМНЕ, другиот со маска на која беше сонцето од Кутлеш. Едниот не сакаше да зборува, а другиот го убедив. „Ајде, вие“ му реков, „Само одлучете дали со маска или без неа, за да не виси, нема да изгледа убаво на телевизија.“

 Човекот ја намести маската, а јас го прашав:

„Господине, зошто излеговте на протест, зошто протестирате?“

„Се работи за протест против оваа ненародна власт…“, почна да зборува соговорникот, кога во заднина се слушна машки глас со прашањето:

„Да не сте Ал Џазира?“

„Да!“, му одговори колегата снимател.

Мојот соговорник продолжи, „…не само за поскапувањето на струјата и…“

Некој од зад грб ми го турна микрофонот и тој падна на гранитните коцки на улицата Македонија. Се слушна тап звук!

„Што направи, бе“, викнав по човекот на кого му го видов грбот додека полека се оддалечуваше и се губеше во толпата. Го запаметив, крупен во грбот и со малку природна коса, темна, кратка.

Тука веднаш побарав помош од полицијата, која во кордон стоеше зад железните решетки и ја чуваше новата палата „Лазар Поп Трајков“. „Господине, еден човек нѐ нападна, да го приведете…“, реков. Полицаецот ми рече дека не може да го напушти местото каде што стои и да барам помош од други колеги подолу, кај кафулето „Плеј“.

Се вратив назад, видов еден полицаец, му објаснив и тргнавме да го бараме напаѓачот по улицата, меѓу демонстрантите. Се приближивме до местото каде што имаше и други колеги сниматели, кои ги снимаа говорите на учесниците во протестот, гледав, но човекот не можев да го видам.

Полицаецот загуби трпение, ми рече, „јас сум одговорен за група од десетина други колеги, не можам повеќе да го барам човекот што ве нападнал“. Добро, му реков, се помирив, тоа е.

Помислив на работата, да го следам протестот, му се јавив на колегата што остана на местото на инцидентот и го повикав да дојде погоре да го сними говорот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за да го имам материјалот.

Треба да пренесеме преку Ал Џазира Балкан што кажал тој. На крајот на краиштата, тука бевме за да работиме. Дојде колегата, почна да снима, барем материјалот ќе го имам, но место не ме фаќаше.

Решив сама да го побарам човекот што ми го турна микрофонот и нѐ попречи во работата. Почнав да вртам кругови околу местото каде што се обраќаа говорниците и околу кое имаше народ. Во еден момент застанав и вниманието ми го привлече човек што носеше темни наочари и ми се обрати со „ѕе…“.

Тогаш сфатив дека тоа е човекот што ми го турна микрофонот од раце, тој се сврте и почна полека да се движи за да ме избегне, но јас го следев и почнав да го снимам со мобилниот телефон. Кратко потоа пред мене видов полицаец и го пријавив човекот дека ме нападнал.

„Господине“, му реков, „овој ме нападна пред малку, ова момче ме нападна…“.

Тој се бранеше „првпат ја гледам…“.

Јас бев упорна:„ јас сум новинарка од Ал Џазира Балкан, ми го турна микрофонот, ве молам да го легитимирате“.

Полицаецот го замоли за лична карта, побара и јас да дојдам со нив. Во меѓувреме повика и друг колега да земе податоци од мене и ме замолија со нив да одам во полициската станица „Беко“ да го пријавам случајот.

Тргнав со полицаецот во станицата. Кога стигнав, одговорниот уште на влезот почна да ме прашува што се случува додека чекав на клупата пред станицата, што ми изгледаше непрофесионално. Потоа му рече на еден помлад колега да ми земе изјава и влеговме во станицата, во канцеларија број 10 на катот. Им ја дадов личната карта и им раскажав што се случи. Во станицата веќе беше напаѓачот, но во друга канцеларија. Откако ја дадов изјавата и полицаецот го забележа инцидентот, го потпишав и си заминав на работа.

Решив да објавам на социјалните мрежи што се случи и дека напаѓачот заврши во полиција, за да разберат луѓето со слични идеи дека на новинарите и на медиумските работници не може секој да им прави што сака, дека можат да завршат и во станица, барем на неколку часа, и да се соочат со полицијата и со прекршочна пријава.

Откако го објавив статусот на Фејсбук, почнаа да стигнуваат реакции од колеги новинари и од граѓани. Го осудија инцидентот и од Здружението на новинарите и од Синдикатот на медиумски работници. Ми се јавија и од ВМРО-ДПМНЕ и ми рекоа дека им е жал за инцидентот и дека сме имале коректна соработка.

Но, и на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ им забележувам тоа што го искористија инцидентот за меѓусебно да се напаѓаат, при тоа користејќи ја ситуацијата и името на телевизијата каде што работам.

ВМРО-ДПМНЕ го осуди насилството и попречувањето на работата на новинарите и медиумите барајќи од институциите да се расветли настанот, но во исто време споменуваат други случаи што немаат врска со настанот и ме ставаат во некој нивни партиски контекст.

СДСМ напиша дека ВМРО-ДПМНЕ „не смогнала сили ниту да го осуди инцидентот, ниту да се извини на нападнатата новинарка“, што не е точно, тие и го осудија инцидентот во соопштението, и ми се извинија во телефонски разговор.

Токму поради ваквата ситуација и ваквите реакции, новинарите се обесхрабруваат да реагираат бидејќи не сакаме етикети, кои секако ни ги лепат. Не сакаме да нѐ ставате ни во едни, ни во други табори, ние сме само новинари и повеќето од нас во нашата работа сме водени од јавниот интерес.

Се надевам дека ова ќе биде добар пример за сите новинари и медиумски работници, дека без оглед на сѐ треба да реагираме и да не молчиме кога некој ќе нѐ нападне на терен. Да ги натераме институциите да функционираат и да нѐ заштитат и да бидат попрофесионални. Професионални – не партизирани.

Верувам дека полицијата ќе ја заокружи прекршочната пријава и напаѓачот, со тоа што ќе биде даден на суд и ќе треба да плати парична казна, за да разбере дека не се исплати да напаѓа медиуми.

Порака до помладите новинари, и покрај тоа што работите во вонредни околности оптоварени од сите страни, бидете храбри и најголемата инвестиција да биде вашата професионална работа; тоа ќе ви даде добро чувство на крајот на денот и ќе ви помогне долго да се одржите во бурните медиумски води.

Напаѓачот не го тужам приватно, кармата бргу го стигна. А кармата е кучка.