Ако не можеме во ЕУ, можеме како ЕУ!

Во екот на најголемите воени судири во некогашна Југославија, кандидатот за Нобелова награда на Американското друштво на економисти и веројатно најзначајниот економски стручњак од овие простори, Бранко Хорват, предлагаше економска соработка меѓу закрвавените републики и преку тоа практично обнова на Југославија. Оваа идеја, со извесна доза на гнасење, беше отфрлена од сите тогашни фактори на просторот на Југославија, а богами и од голем дел од надворешните политички фактори.

Интересно е дека осведочениот левичар Бранко Хорват до крајот на својот живот се залагаше за оваа идеја, тврдејќи дека е можно коегзистирање на социјализмот, демократијата и пазарната економија во еден општествен систем.

Што се однесува до нас тука, ние наизменично, во зависност од контекстот, се повикуваме и на „Голема Србија“ и на „Голема Албанија“

На овие идеи на Хорват ме потсети неодамнешното официјализирање на иницијативата „Отворен Балкан“, односно најавеното поврзување на Албанија, Македонија и Србија во една економска зона. Поточно ме потсетија синхронизираните напади на оваа иницијатива во сите три засегнати држави.

Дел од албанската критичка јавност потпишувањето на меморандумите во Скопје ги смета за своевидна капитулација на Рама пред Вучиќ и отворање врата за српска доминација на овие простори. Се разбира, критиките во српската јавност одат во спротивна насока, гледајќи во реализацијата на „Отворен Балкан“ реализирање на идејата „Голема Албанија“ на мала врата. Што се однесува до нас тука, ние наизменично, во зависност од контекстот, се повикуваме и на „Голема Србија“ и на „Голема Албанија“.

Се разбира дека сите три држави имаат свои политички, а првенствено економски интереси, во реализирањето на „Отворениот Балкан“, но некои прашања сепак остануваат отворени. На пример, со осамостојувањето на Косово, Србија практично нема граница со Албанија. Тоа значи дека „Отворен Балкан“ ќе ја подразбира Македонија како главен транзит за реализирање на слободниот проток на луѓе и стока преку границите. Односно дека вака поставениот „Отворен Балкан“ може да ја смести Македонија во централна позиција, односно со значајно влијание на балканските простори.

Но, од друга страна може да ја стави и во позиција на фрагилна мета на нападите на хегемонистичките политики на нејзините соседи, кои, сведоци сме, сѐ уште опстојуваат на балканската политичка сцена.

Скепса кон оваа идеја изразува и германскиот аналитичар Франц-Лотар Алтман, кој важи за стручњак за односите во регионот. Тој вели: „Зошто наместо Мини Шенген не се работи на заеднички регионален пазар, за што е постигната согласност во 2020 година, под „чадорот“ на таканаречениот Берлински процес? Заедничкиот регионален пазар ги подразбира истите цели како и Мини Шенген, но тука би биле вклучени и држави-членки на ЕУ, што би требало да биде значајно за воспоставување на поширока економска зона меѓу Европската Унија и земјите на Западен Балкан, со економски врски, слични на оние што ЕУ ги има со Исланд и Норвешка. Значи, зошто обиди да се ‘измисли’ нова ‘алатка за соработка’, наместо да се интензивираат повиците кон Европската Унија да му пружи поддршка на овој регион и зошто поквалитетно не се искористи веќе постоечкиот Совет за регионална соработка (RCC)“.

Факт е меѓутоа дека идејата за „Отворен Балкан“ доаѓа токму од заморот од „интензивирање повици кон ЕУ да му пружи поддршка на овој регион“. Од друга страна, факт е и дека идејата за „Отворен Балкан“ не може да се реализира без конкретна (финансиска) поддршка од ЕУ. Тука првенствено мислиме на инфраструктурното поврзување меѓу земјите и обезбедување логистика во реализацијата на проектот. Иако идеите за Мини Шенген одамна доаѓаа и од Брисел, овој пат ЕУ упадливо молчи околу конкретизацијата на идејата.

Во оваа смисла на Македонија никако не и оди во прилог неодамна направениот преседан, изградбата на авто-патишта да ѝ ја препушти на една американска компанија, без распишување јавни тендери. Без оглед на затоплувањето на односите меѓу САД и ЕУ, прашање е како на ова практично исклучување на ЕУ од изградбата на македонските инфраструктурни проекти ќе гледа бриселската администрација и дали ќе биде подготвена да ги отвори своите фондови за сметка на една американска компанија. Конечно, дали овој потег, како и целата иницијатива „Отворен Балкан“ ќе се сфати како своевидно дистанцирање од ЕУ и обидите да влеземе во оваа заедница?

Според Алтман, голем хендикеп на идејата е отсуството на Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина во нејзината реализација, кои „не сакаа или не можеа да се приклучат“. Наводно сите три земји имаат отворени покани, но со оглед на напнатите односи меѓу и во државите, особено меѓу Србија и Косово, останува нејасно како овие земји ќе можат непосредно да се поврзат, кога не се ни признаваат меѓу себе.

Пораката на скопскиот трилатерален самит Заев – Рама – Вучиќ е јасна: „Ако не можеме во ЕУ, можеме како ЕУ“. Само што треба да биде јасно дека без ЕУ нема да можеме како ЕУ!

Од друга страна, токму примерот на Европската Унија покажува дека некогаш вековните непријатели не само што можат да соработуваат меѓу себе, туку и да бидат рамноправни партнери.

Како и да е, зголемувањето на пазарот на стоки и труд врз територијата на трите држави што ги потпишаа скопските меморандуми, секако ќе значи силен замаец во економскиот развој на регионот и поголема конкурентност кон другите пазари. А веројатно и поголема можност за привлекување на инвестиции.

Пораката на скопскиот трилатерален самит Заев – Рама – Вучиќ е јасна: „Ако не можеме во ЕУ, можеме како ЕУ“. Само што треба да биде јасно дека без ЕУ нема да можеме како ЕУ!

Сепак, со оглед на бројните напади на иницијативата од сите страни, особено од оние центри кои ја препознаваат сопствената загрозеност со промената на состојбите, склон сум да помислам дека има смисла да се работи на неа. Којзнае што ќе се случуваше ако своевремено беа прифатени идеите на Бранко Хорват.