Амнестија да, помирување не

Колумна на Сашо Кокаланов

Пратениците најдоа решение како да се направи трговијата со гласови за амнестија и, да немате дилеми, таа ќе се направи. И судството ќе му се покори на договореното. Сè може да се истргува кога има пазарна волја, тоа е просто едно многу старо начело, постаро и од државата, а не, пак, од правната држава.

Да, не ни е сеедно. Верувам дека уште помалку им е сеедно на оние со дупнатите глави, на директните жртви, кои сега треба да дадат амин за дилот.

Истовремено, не знам што толку глумиме зачуденост. Ако патот кон пеколот е поплочен со добри намери, патот кон нормална држава очигледно е поплочен со болни компромиси.

Има нешто поесенцијално од самиот компромис, а тоа се токму намерите. Не на учесниците на крвавиот четврток, туку на овие што сега ќе кренат рака за амнестија.

Дали владејачкото мнозинство тоа го направило за себе, за лична корист, дали им ја шитнале слободата на своите колеги од противничкиот табор за пари?

Каде живееме, ништо, нели не треба априори да се исклучи, ама во конкретниов случај, јас немам сомнежи дека идејата не е родена во некоја автохтона македонска крчма за коруптивни зделки, туку е отсекување на гангренозната нога, за да се спаси животот.

Знам, ќе речете дека еден компромис води во друг, тој во трет, третиот во четврт итн. и се создава спирала, бесконечна низа од паѓања на коленици за да се отвори уште некоја врата на патот кон нормалноста. И знам дека ќе речете оти на крајот ќе имаме направено толку многу компромиси, што целта кон која сме тргнале попат ја изгубила целосно смислата.

Не велам дека не сте во право. Не велам дека има гаранции оти ова е последниот болен компромис, дека вратата што се отвора е последната пред да зачекориме во фамилија, во која системот на вредности е заокружен еднаш засекогаш и нема сила што може да го предизвика. Да не се лажеме, ни ЕУ и НАТО, каде што сме пошле, не се таков систем на вредности – утврден, блиндиран, имун на будалетинки од најразличен вид.

Ако сакаме, сепак, да погледнеме подалеку, зад ова, сепак, има некоја повисока цел. За некои таму утре, кои ќе живеат во држава во која нема да треба да се прават компромиси.

Ако сте решиле да амнестирате, барем направете го тоа низ легална процедура, со закон. А не преку изјави и интервјуа, како последново на Ахмети, во кое му порачува на судството да судело внимателно

Правната држава не ја учиш од книга и потоа само си ја спроведуваш на дело. Правна држава се учи правејќи ја. Негде ќе газиш на тврдо, негде на гнила штица, негде ќе поминеш понатаму, негде ќе скршиш нога.

Или како што рекол мудриот борец Али, ако може да се добие пеницилин од мувлосан леб, сигурно ќе биде нешто и од нас. Мухамед Али, да се разбереме, не Али Ахмети.

Ако сте решиле да амнестирате, барем направете го тоа низ легална процедура, со закон. А не преку изјави и интервјуа, како последново на Ахмети, во кое му порачува на судството да судело внимателно.

Амнестијата е упад, краток спој во правната држава што нема да ја убие (ќе видиме дали ќе ја направи посилна). Но, пораки да „се суди внимателно“ се куршум в чело на правната држава. Убиство со умисла, можеби и со лична и партиска корист.

Пак ќе речам, кога имаш злосторничко здружение и криминал од вакви размери, правда е кога секој одговара за тоа што го сторил. Организаторот за организирање и поттикнување, насилникот за насилство, хушкачот за хушкање, крадецот за крадење, помагачот за помагање…

Арно ама, во нашиот случај, со вакви кревки институции и судски систем на стаклени нозе, тоа се граничи со утопија.

Колку и да нѐ боли, ако сме чесни до крај, ќе признаеме дека не ние, туку човештвото како такво и на многу поголеми предизвици за правдата од овој нашиов одговарало – селективно.  

Светот не ги осуди и не им пресуди на сите фашисти на планетата. Тоа беше невозможно. Помирете се со фактот дека нема да завршат со судска пресуда ниту на ова наше злосторничко здружение, фашизам во обид или како и да го класифицира историјата.

Колку и да не боли, ако сме чесни до крај, ќе признаеме дека не ние, туку човештвото како такво и на многу поголеми предизвици за правдата од овој нашиов одговарало – селективно

Правдата понекогаш е требење ориз. Некое камче ќе остане, ќе ви го скрши забот, ама тоа се пломбира и вози Мишко понатаму. Но, имаме задача да бидеме искрени, барем со себе.

Зашто тоа што нервира во целава ситуација, дури многу повеќе и од самата неизбежна амнестија, е недостигот од храброст работите да се наречат со вистинското име и да не се користат еуфемизми што ни ја навредуваат интелигенцијата.

Античката будала Никола Груевски реши да направи споменик на Александар Македонски за да ја нервира Грција и го нарече „Воин на коњ“. Актуелниот премиер Зоран Заев реши да им даде амнестија на пратеници за да добие мнозинство за да го реши спорот со Грција. И ја нарече „помирување“.

Зошто? Некој таму очигледно проценил дека амнестија звучи лошо, а помирување е прифатливо за сечие уво.

Баш спротивно е. Амнестија е простување. Кога има простување, јасно е кој згрешил и кој кому простува.

Се помируваат, пак, двајца раскарани. Се забораваат причините на кавгата, се заборава кавгата, се смируваат и одат понатаму. Не може да се договорат кој е виновен, па си простуваат меѓусебно.

Зошто да се помириме? Ќе се амнестираме, ама нема да се помириме.