Бирократска магла

Оваа колумна е чиста, исчистена во „генералка“ и проверена. Помина државната администрација и преку неа, така што и таа како и целата држава е во магла.

Има, значи, некоја симболика, да не кажам карма во реализацијата на идејата јавната администрација да се пушти на чистење на ѓубрето по државава. Како да се потврдува правилото дека сѐ што ќе дофати бирократот се претвора во едно големо – ништо. 

Ми се чини дека веднаш штом се разотидоа луѓето-чистачи, во чии добри намери воопшто не се сомневам, времето, најблаго речено, се раскашави. Просто, човек да ги замоли повеќе да не чистат. Можеби нема да биде толку загадено.

Целата акција на мобилизација на администрацијата за работи што не се во нејзин домен, неподносливо ме потсетува на една цела серија италијански филмови, во кои главен лик е стереотипниот бирократ Фантоци. Во еден од тие филмови се појавува фамозниот „бирократски“ облак, од кого врне дожд само врз административците, додека сите наоколу уживаат во сонце.

Кај нас, барем ако станува збор за Скопје, се чини дека не постои само бирократски облак, туку и бирократска магла. И таа е некако доминантна. И сега очекувам љубопитниот читател да праша зошто овие бирократско-атмосферски појави не се концентрираат само врз административците, како што е тоа случај кај Фантоци. 

Одговорот, сепак, е многу едноставен – сите сме ние администрација и сите ние, следствено, живееме во иста магла. И во иста загаденост. Што би рекле старите: Хигиената е половина здравје. Другата половина е болест.

Но, ајде да не бидеме премногу саркастични кон една, сепак, благородна акција. Да се обидеме да ги пронајдеме добрите страни. Ама тешко ни оди. Добро, еве една добра страна: министерот за администрација Дамјан Манчевски конечно пред себе има начин да го разреши прашањето на прекубројната администрација – нека ги стимулира прекубројните да отворат приватни комунални претпријатија, кога овие, јавните, веќе не ги бива. 

Ама кога, и вака и онака, е магла, не мора администрацијата да ја ограничува сопствената иницијатива само на јавната хигиена. Замислете каков одѕив би имала кај гласачите една стартап владина агенција, која би се викала „Чистиме по куќи“

И ако ме прашувате мене, како што никогаш не ме прашувате, оваа идеја и не мора да звучи толку лошо како што звучи на прв и втор поглед. Имено, државата повторно може да ги дава истите пари за истите административци како што ги даваше до сега, а барем ќе има некој ќар од тоа. 

Плус административците ќе работат за свој интерес, а не за интересот на оние за кои работат сега, односно за граѓаните, и уште поодносно за оние за кои не работат, а примаат плата. Натаму, нема да мора министерот за викенд да излегува на „генералка“ и да издава наредби на своите потчинети да го следат во амбисот. Добро, има и некои негативности во целата работа. Кој ќе живее, бре, цело време во оваа административна магла. 

Ама кога, и вака и онака, е магла, не мора администрацијата да ја ограничува сопствената иницијатива само на јавната хигиена. Замислете каков одѕив би имала кај гласачите една стартап владина агенција, која би се викала „Чистиме по куќи“. И сите услуги што ги нуди оваа агенција да бидат бесплатни, односно платени од нашите даноци и од скенираните фискални сметки. Веќе сега ми изгледа дека само небото ќе биде лимит на една ваква претприемачка иницијатива. 

Не само што ќе се најде работа за оние што седат по дома и примаат плата, туку оваа корпорација ќе отвори можност за вработување на она што остана невработено во државните јасли, и тоа со стриктно почитување на етничко-партиско-роднинскиот пристап. Башка идејата нуди низа развојни можности. 

На пример, освен за јавната и домашната хигиена, владината агенција може да се грижи и за хигиената на фантазијата, па сите да сонуваме исто и исто да планираме. Се разбира, тука е и менталната хигиена – вистински предизвик за владиниот претприемачки дух. Убеден сум дека успешно ќе се справат и со ова искушение. И покрај маглата што е секаде околу нас.

Администрацијата, значи, се придружи на граѓанската иницијатива со симболично име „Не биди ѓубре“. Тоа е онаа иницијатива, чиј препознатлив лик е актерката Ирена Ристиќ. Тоа е онаа активистка што собираше отпушоци пред зградата на Владата. И таа која е прибрана во полициската станица „Беко“, а потоа пратена во болницата во Бардовци на здравствена проверка, а сега радо виден партнер во „приближувањето“ на администрацијата до „народот“. 

Можеби овој опис е малку превоопштен и веројатно и самата Ирена Ристиќ не би се сложила со него (барем не во целост), првенствено затоа што излегувањето на терен на административците со нејзините активисти е некој вид круна за нејзината долготрајна битка против валканиот град и валканата држава. 

Сите сме ние администрација и сите ние, следствено, живееме во иста магла. И во иста загаденост. Што би рекле старите: Хигиената е половина здравје. Другата половина е болест

Но, освен оваа сатисфакција и евентуално нешто почист град во магла, која е придобивката на Ристиќ и на нејзините компањони? Не знам. Можеби е ова доволна сатисфакција. Знам само која е придобивката (или придобивките) на администрацијата, а следствено и на нивните работодавачи, односно Владата на РС Македонија. 

Тие, административците, всушност „во најава“ одработуваа еден работен ден од следната календарска година. Добро, се знае дека тој работен ден е 2 јануари, некогаш стекнат празник, а потоа брутално одземен. 

Значи, за разлика од сите останати смртници што вака-така ќе ја слават Нова година во работниот 31 декември и на 2 јануари ќе се појават на работа (вклучувајќи ги тука и членовите на иницијативата „Не биди ѓубре“), административците тој ден ќе одмораат. 

Втора работа што ми ги забоде очите е изјавата на некој раководител, кој, правдајќи го отсуството на своите раководни колеги, на некој од медиумите отприлика рече дека наредбата не била да излезат сите од неговата институција, туку само администрацијата!

Или што би рекол стариот добар Орвел: сите административци се еднакви, само што некои се поеднакви од другите. Иако тука повеќе прилега некој цитат од Јосипа Лисац. На пример: „Магла, магла секаде околу нас…“