Че си лежевте (за малку)

Колумна на Сашо Кокаланов
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

1.

Хорхе го испративме на 22 кат во една од кулите на Џеваир. Сега ни останува само ревносно да му ја исплаќаме пензијата и трпеливо да го чекаме денот кога неговите пак ќе се вратат на власт и кога Миле пак ќе им го води изборниот штаб.

А тогаш, тој ден кога неговите ќе му ги исклучат лифтовите во кулата, ќе поставиме пунктови на секој кат од влезот за да го уловат моментот кога од Хорхеовите потни жлезди ќе се исцеди последната капка вмронизам.

И дури тогаш и само тогаш ќе можеме да кажеме дека сме добиле нешто за возврат од сите тие фрлени пиомски пари на Хорхета.

2.

Конечно протекоа првите неофицијални информации за мистериозното заминување на премиерот Зоран Заев на одмор. Како што објави Викиликс, премиерот воопшто не е надвор од државата како што нè лажат од неговиот кабинет, туку е во Скопје, на повеќедневен забрзан курс во ЈП „Комунална хигиена“ за ракување со метла.

Но, тоа не е сè. Наводно, откако самиот заклучил дека метлата е слабо, бавно и релативно неефикасно средство за чистење поголеми површини, се очекува да помине и еден ден на обука во Противпожарната бригада за управување со хидранти и водени топови.

А, потоа ќе следува чистката… Во духот на помирувањето, ќе се чисти само во владината коалиција. Ѓубрето во ВМРО ќе го остават нечепнато.

3.

Во таа насока, специјалната обвинителка Катица Јанева успеа битката на ДПМНЕ за неправда и неправна држава да ја сведе на борба за нејзина лична демисија. Вели дека и да бара новиот закон за СЈО нејзин реизбор, таа пак ќе се јави на конкурсот.

Јас, пак, мислам дека проблемот на опозициската партија воопшто не е од персонална природа. Ним не им пречи Катица. Сè што бараат луѓето од ДПМНЕ е да нема пресуди за случаите на СЈО. Ако може и да нема случаи, уште подобро.

Сè што бараат луѓето од ДПМНЕ е да нема пресуди за случаите на СЈО. Ако може и да нема случаи, уште подобро

Притоа, убеден сум дека ако се постигне договор за ова нивно клучно барање, преговарачите од Белата палата воопшто нема да се противат на останувањето на Јанева и на останатите обвинители на своите позиции во СЈО.

Во една таква ситуација, попрво, мислам дека некои од обвинителите ќе побараат некоја поинтересна работа за себе, отколку дека некој ќе бара нивна смена. И Сизиф не би тркалал камен бесконечно, па макар и за добра плата.

4.

Првиот предмет на СЈО „Титаник“, кој специјалците го отворија веднаш по нивното формирање, уште е во доказна постапка. Прв предмет, пак, што влезе во судска процедура е „Насилството во Општина Центар“, но првостепена пресуда нема ниту за него, ниту за другите предмети кои се при крај, а во кои им се суди на функционерите од поранешната власт.

За оние предмети за кои има правосилни пресуди, како предметот „Труст“, во кој е осуден бизнисменот Сеад Кочан, затворските казни сè уште не се извршни, додека казната за поранешната министерка Гордана Јанкулоска е одложена поради тоа што доби бебе.

Случајот „Тенк“, во кој беше осуден поранешниот премиер Никола Груевски, е пред Врховниот суд, а единствената пресуда што заврши со затворска казна за поранешниот помошник-министер за внатрешни работи, Ѓоко Поповски, осуден во случајот „Триста“, беше поништена и предметот е вратен на повторно судење.

„Че си лежите“, во меѓувреме, стана слоган на маркетиншка кампања на производител на душеци.

5.

Верувам дека и писателот-бегалец Никола Груевски поскоро сам ќе се врати, отколку што ќе ни го испорача некоја држава. Еве и Интерпол не ја објавува потерницата, иако министерот Оливер Спасовски тврди дека сите документи се испорачани комплетни и на време.

Работите сега стојат отприлика вака – Интерпол ако не ја објави потерницата, а најверојатно нема, Грујо може да се шета кај сака по светов. Ако, пак, Интерпол ја објави потерницата, дотичниот господин ќе си ужива во гостопримството на Унгарија и на неговиот пријател Виктор Орбан.

Mожеби и на Грујо еден ден, за едно 23 години, едноставно ќе му здодее од гулаш и од дунавска штука и сам ќе се појави во полициската станица Беко

Ако се знае дека Унгарија е речиси четирипати поголема од Македонија и дека Орбан има уште три години мандат (до април 2022), тешко дека ќе му го накршиме нешто многу, дури и да се објави фамозната потерница.

Затоа, наместо меѓународнава драма со Интерпол, која најверојатно нема да има хепи енд за нашата страна, нека ни кажат надлежните како заврши истрагата за бегството и дали некој ќе понесе одговорност.

Со оглед на тоа каков интерес побуди објавениот докторат на Груевски на Саемот на книгата, неговото доаѓање во земјата што ја држеше заробена цела една декада се чини ќе биде по повод инаугурирањето во член на МАНУ, а не за да си ги отслужи затворските казни. Стокхолмски синдром, јебига.

6.

Во петокот, во полициската станица во Орегон сити се прошетал еден навидум мирен и безопасен 62-годишен човек. Кога полициските службеници го прашале дали можат некако да му помогнат, дали бара некого, тој рекол оти не бара никого, дошол да се предаде.

Се испоставило дека тоа е Вејн Артур Силсби, човек кого ФБИ цели 23 години безуспешно го барало со потерница. Му здодеало веќе да се крие, па решил сам да се пријави.

Муабетот ми е, не треба да очајуваме премногу поради ова со потерницата. Ако ДПМНЕ дотогаш не успее да се врати на власт, а партијата на Орбан продолжи неприкосновено да владее со Унгарија, можеби и на Грујо еден ден, за едно 23 години, едноставно ќе му здодее од гулаш и од дунавска штука и сам ќе се појави во полициската станица Беко.

Се надевам само дека до тогаш нема да ги заборавиме сосема стиховите од хит-нумерата „Шутка не ти бега, Никола“.

7.

И божем случајно, баш кога Орбан е на гости кај Трамп во Белата куќа, Викиликс објави видеоматеријали дека снимките од слетувањето на Месечината на Аполо 11 далечната 1969 се направени во пустината Невада. Аха да, случајно.

Сигурен сум дека Орбан и Трамп му работат зад грбот на министерот Спасовски и договараат во некое од холивудските студија да се сними приведувањето на Груевски и неговото наводно испорачување во Шутка. Дечконо од Фчерашни може веќе и добил понуда, a Оливер Спасовски (ако не пушти коса ко Османи) најверојатно ќе го игра Николас Кејџ…