Черечењето на едно убиство

Како да не беше доволна свирепоста на претепувањето на младиот хрватски ракометар Денис Тот, туку ова грозоморно убиство мораше да ни ги покаже и сите медиумски, институционални, политички, па и општествени патологии од кои боледува нашето општество.

Хронологијата отприлика оди вака. Наводно, веста за претепувањето на несреќниот ракометар прв ја објавува хрватскиот „Вечерњи лист“ на својата интернет-страница. Во веста, објавена на 7 април во 23.15 часот, се наведува дека ракометарот има „повеќе фрактури и бројни други повреди, веројатно настанати откако го тепале со тапи предмети, но и со раце и нозе…“. „Вечерњи лист“ ја потврдува информацијата кај братот на ракометарот, ракометниот голман Борис Тот, и уште неслужбено наведува дека претепувањето се случило во ноќниот клуб „Привилиџ“.

Изутрината, на 8 април, веста, би рекле сосема некритички, ја пренесуваат неколку овдешни портали. Нема проверки, нема дополнителни информации, а некои дури и не го споменуваат ни „Вечерњи лист“ како извор на информацијата. Има само „бркање кликови“. И тоа без оглед што станува збор за исклучително сензитивна информација.

Сепак, нешто подоцна, државната информативна агенција МИА, користејќи ја веста од „Вечерњи лист“, добива потврда од ракометниот клуб Бутел, каде што настапуваше сега веќе починатиот ракометар, дека нивниот играч е претепан и дека се наоѓа во критична состојба.

Наспроти тоа, „Фокус“, на тој 8 април, во 10.16 часот, повикувајќи се на директорката на КАРИЛ, д-р Маја Мојсова, објавува дека на телото на Тот нема видливи траги од насилство. Набргу потоа стасува и официјалното соопштение на Министерството за внатрешни работи, во кое се потврдува дека во Клиничкиот центар „во бессознание, без видливи траги на насилство е донесен Д.Т.“

Тоа попладне, несреќниот Тот починува во Клиничкиот центар. Фактот дека ракометарот е таму донесен без срцева акција е доволна причина, не само за шпекулација, туку и за тврдењето дека човекот умрел од последици на срцев удар. Оваа информација, додуша означена како неофицијална („од болнички кругови“) ја објавуваат и македонските медиуми. Информацијата е пренесена и на семејството на ракометарот, па неговиот брат, со очигледна доверба кон овдешните официјални органи, ги демантира хрватските медиуми, нарекувајќи ги информациите за претепувањето – шпекулации. Се разбира, македонските портали, повторно би рекле сосема некритички, го пренесуваат овој демант и така го затвораат кругот на општото дезинформирање.

Реакциите на социјалните мрежи се жестоки. Се разбира, насочени се кон медиумите. Традиционалната недоверба кон субјектите што го пополнуваат овдешниот медиумски простор добива на интензитет.

Сѐ додека не се појавија официјалните резултати од обдукцијата. А тие се појавија следниот ден, во саботата, на 9 април, и го потврдија она што медиумите го пишуваа – Денис Тот е претепан до смрт! Сега гневот на јавноста се префрла врз институциите. Не толку дамнешното трауматично искуство со смртта на Мартин Нешкоски го буди сомневањето дека насилната смрт сакала – да се прикрие! Оваа шпекулација добива на интензитет откога се дознава дека првообвинетиот од тројцата осомничени е во бегство. Наводно е предупреден и оставен му е простор за да се тргне на „сигурно место“.

И како да не е доволна целата оваа конфузија, во „игранката без граници“, би рекле „некрофилски“, влегуваат и двете најголеми македонски политички партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи се една со друга околу тоа на која политичка опција бил поблизок осомничениот бегалец!? Небаре е тоа некаков клучен аргумент во целата приказна.

Медиумите кои напросто уживаат во сензационализмот на вестите од „црната хроника“ и во кои какви било вести од културата, на пример, се вечно протерани, не прават ништо друго, освен што негуваат публика, која расте со сфаќањето дека криминалот се исплаќа и дека тука се станува важен човек ако покажеш сила.

Анатомијата на ова убиство јасно ја покажува неподносливата леснотија со која сите општествени фактори влегоа во „расчистувањето на случајот“. Медиумите (чест на исклучоците) се затрчаа по сензационализам, шпекулации и некритични копи/пејст објавувања, заборавајќи го притоа „златното правило“ на проверка на информациите. Се разбира дека медиумите не се истражни органи, ниту, пак, новинарите се истражители, ама, сепак, Скопје, како и да изгледа, не е толку голем град. Претпоставувам дека не е премногу тешко да се стапи во контакт со сопственикот на ноќниот клуб „Привилиџ“, или со обезбедувањето, или со некој од вработените, или од гостите… Ама, не. Зошто да се „одработи“ сторијата, кога може да се заврши и без многу напор? И тоа многу побргу и со повеќе „кликови“.

Слободен сум да кажам дека убиството на Денис Тот е посреден резултат на ваквата медиумска практика. Медиумите, кои напросто уживаат во сензационализмот на вестите од „црната хроника“ и во кои какви било вести од културата, на пример, се вечно протерани, не прават ништо друго, освен што негуваат публика, која расте со сфаќањето дека криминалот се исплаќа и дека тука се станува важен човек ако покажеш сила. И тоа со клоцање по главата на веќе паднат човек.

Но, она што најмногу збунува се реакциите на Клиничкиот центар и на МВР. Наводно, случајот го пријавил човек од обезбедувањето на клубот. Камерите покажале дека имало и таксист во близина. Млад човек лежи во бессознание на јавен простор. И доволно е да се констатира дека „на телото нема видливи траги на насилство“ за да се донесе заклучок. Што правиме ако, зборувајќи хипотетички, човекот бил отруен во клубот? Повторно ќе се истрчуваме со изјави дека „има срцев застој“ и врз база на тоа ќе донесуваме заклучоци?

Но, она што, сепак, е најморничаво е собирањето политички поени врз морничавото убиство. Всушност, во општеството во кое живееме, и тоа не е никакво изненадување. Однесувањето на партиите, всушност, покажува дека насилничките и криминалните кругови навистина не им се туѓи и дека на овој или на оној начин, кај нас криминалот и насилството се заштитени категории.