Дедо Мраз: Порано за Нова година виткавте сарми, сега виткате палми!

Колумна на Џ Пулицемер

Од ладната Лапонија деновиве во Скопје со санката долета Дедо Мраз. Го фативме на заминување, половина час пред да се врати на север со празните торби. Прифати интервју под услов прво да ги види прашањата, бидејќи сакал добро да се подготви. Разговорот го водевме во едно од кафулињата на скопскиот плоштад откако направивме селфи со мермерниот Цар Самоил. Некој од нашиве политичари го убедил дека тоа е неговиот споменик, баш и не се сеќава кој бил тој, некој на Ж.

dedo_mraz

Дедо Мраз е единствениот дар-ориентед функционер во целиот свет / ФОТО: www.foter.com

„Добро бе, да не го запаливте самиот ѓавол и сега му испарува душата? Очите ме печат, не се дише! Сè е сменето, има разлика“, коментира дедото за воздухот во Скопје и срка од зелениот чај што си го зачини со масло од марихуана за превентивни здравствени цели.

Се пошегува дека скопјани за Нова година обично виткале сарми, ама сега виткаат палми.

Дедо Мраз се чуди зошто во центарот освен палмите не може да најде асално дрво, да ги врзе ирвасите и тазе жолто фарбаната санка. Додека минувал низ улица „Македонија“, едно мало детенце покажало со прстот кон жолтата санка и колку што го држело гласчето вреснало: „Странски службиии!“.

„И на граница ме зезаа за тоа“, додава Дедо Мраз и раскажува оти таму заглавил, неколку часа сè било блокирано, бидејќи царинарниците нашле пиштол и хируршки ракавици кај еден поприлично доблесен патник.

На пат наваму се збунил кога во Србија видел табла со ФИРОМ, помислил дека го згрешил правецот, меѓутоа сфатил дека е на вистинското место кога на граница го сретнал еврокомесарот Јоханес Хан.

„Човекот изгледа спржено, ко сите договори да му пропаднале.“

На влез од Скопје го пречекал Саше Политико со камерче во рацете и го прашал дали се срами зашто им носи пакетчиња на Трендо, Јанко Бурек и на министерот Пешевски.

„Не го удрив, го изигнорирав. Момчето не разбира, јас сум дар-ориентед.“

Еден и единствен, ама со неколку лични карти

Наспроти неговите очекувања, Владата не го возела во „мерцедесот“ вреден половина милион евра, иако луксузниот автомобил, според зборовите на премиерот, е наменет исклучиво за високи странски делегации.

„Сакав да комбинирам, таму каде што ме чекаат куп новинари да одам со санката, а на подолга релација да одам со ‘мерцедесот, па некаде по пат ќе се префрлев во санката.“

Како вистински домаќини, прво го прашавме дедото како е, како го држи здравјето и дали можеби има некаков проблем по стари години.

„Ме фативте неспремен за ова прашање. Луѓето брзаат да го добијат подарокот и ретко кој ме прашува за здравјето, затоа ме затековте. Со здравјето сум одлично, освен по некоја настинка и синусите.“

Откако чајот со масло од канабис му ги згреа коските, интервјуто го продолживме со прашање за растот на БДП (Божиќните дарови и подароци) и за тоа како нашава земја котира во споредба со развиениот свет. Нè интересираше и дали сега тој дели повеќе и поскапи подароци од времето на СДСМ.

„Во категоријата раст на БДП (Божиќни дарови и подароци) вие сте втори во Европа и први во светот. А што се однесува за времето на СДСМ, можам само да кажам дека сега повеќе подарувам чоколади отколку леб.“

„Во категоријата раст на БДП (Божиќни дарови и подароци) сте први во светот“

И кога сме на теренот на економијата, тука Дедо Мраз има една сериозна забелешка. Тој разбира оти Македонија е пазарна економија и оти повеќе луѓе може да работат иста работа и да се натпреваруваат со услугите, меѓутоа дедото потенцира дека иако скапо потплатил за да го одржи монополот, сепак премиерот Никола Груевски упорно му се „меша во штипки“.
„Ако не ми верувате дека подмачкав за да имам монопол, прашајте го Слободан Богоевски, тој посредуваше. И кај Вицето сум давал!“

Тој е дециден дека Груевски не може пред Нова година тукутака да се расфрла со бесплатни автобуски и авио билети, повисоки плати на судии и со евтини куќи за младите.

„Дедо Мраз е еден и единствен, иако Чаушот од Чаир направил неколку лични карти со мојот лик.“

Народот ќе одлучи кој е вистинскиот Дедо Мраз

Дедото со задоволство секоја година ја посетува Македонија, бидејќи, како што тврди, тој има иста судбина како оваа библиската земја на Балканот. Постоеле мрачни сили што тврдат дека ниту тој, ниту Македонците, не постојат.

„Само вие знаете како е кога ве негираат.“

Ја искористивме оваа прилика и да ја разјасниме мистеријата зошто го исфрлија од новоформираното движење ФРОДЕМ.

„Доста со тие шпекулации! Прво и основно никогаш не сум бил дел од ФРОДЕМ, за потоа да ме исфрлат. Тоа е Јове Кекеновски, постојано нè мешаат.“ .

Најпознатиот дедо на светот е лут, зашто и неговиот телефон е прислушуван. Не го интересира дали го шпионирала УБК на Сашо Мијалков или странска служба во корист на Зоран Заев, тој бара Катица Јанева транспарентно да го реши случајот и виновниците да бидат исправени пред судот на правдата.

„Уште тогаш му реков на Заев слободно да објави сè што има за мене. Во Пржино предложив предвремени Божиќни празници, на 25 декември со фиксни Нова и Стара нова година. И на предвремениот Божиќ народот ќе одлучеше кој е вистинскиот Дедо Мраз.“

Откако ја претресовме политичката ситуација полека преминавме на главната тема за којашто сакаме да зборуваме со даровитиот човек од северна Финска. Побаравме ексклузивно, но не и скандалозно, да ни открие какви подароци донел.

За најголемиот дискофил меѓу политичарите и најголемиот политичар меѓу дискофилите, претседателот Ѓорѓе Иванов, Дедо Мраз ја носи плочата Sound Of SIlence од дуото Simon and Garfunkel.

„Голем фан сум на Хорхе. Редовно му ги читам колумните во „Коза ностра“, ме фасцинира неговото молчење. Многумина молчеле, ќе молчат и по него, меѓутоа никој така интензивно, гласно и содржински. Човекот молчи и око не му намигнува.“

Дедо Мраз не ја заборавил и ексминистерката Гордана Јанкулоска. Таа и сопартијците кои ѝ се сожители во зградата на „Димче Мирчев“ 20, како Силвана Бонева, за Нова година ќе добијат патосници со ликот на Зоран Заев, за да си ги бришат нозете од него секогаш кога ќе влегуваат во новите станови.

„Мислам дека ништо не би ја направило Гоца посреќна. Евентуално некое ново тефтерче и тоа за рецепти, бидејќи сега е домаќинка.“

Полн со импресии и со PM 10-честички, Дедо Мраз се збогуваше со Македонија.

Нејзиниот колега надвор од Владата, Миле Јанакиески, годинава нема ништо да добие, бидејќи бил лош. Сепак, Миле свиткал А4-формат и му пратил писмо на Дедо Мраз и побарал неколку ситници, меѓутоа ни тоа не помогнало.
Писмо стигнало и од Жерновски, човекот си побарал врвци за чевлите, меѓутоа Дедо Мраз се сомневал дека дописот му го подметнал Груевски, па затоа му донел играчка булдожер, барем малку да си поигра.

Малку невообичаено, Баба Мразица преку нејзиниот сопруг му пратила на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, волнен пуловер, самата го исплела во боите на историското ВМРО.

„Прочитала некаде дека човеков е нон-стоп на браникот на државата, па му прати џемперче за да не настине“, објасни Дедо Мраз.

Успешно роуд-шоу

Полн со импресии и со PM 10-честички, Дедо Мраз заокружи уште едно импресивно патување, сретна многу стари и стекна нови пријатели и речиси за сите имаше подарок. Од Македонија ќе однесе убави сеќавања, папка со прислушувани разговори и казна за брзо возење.

„Од каде да знам дека дозволената брзина е 50, а не 60 километри на час? Менувате закони ко чорапи.“

*Интервјуто е вистинско, само Дедо Мраз е измислен.