Дембел чаршија

Деновиве беше објавена вест дека возот на релација Гевгелија – Скопје доцнел во Велес околу два часа, а причина за тоа било проширување на шините на железничката пруга, како последица од високите температури на железничката станица Клисура.

Вестите од овој тип кај нас се третираат како небитни, маргинални, како нешто што засегнало само група патници во критичниот ден, па најчесто завршува со коментари „ајде де, големо чудо, кога ќе поминат горештините, сѐ ќе биде во ред“.

Да, горештините ќе поминат, ама не и „пируетите“ на климатските промени. Затоа, овие навидум „небитни“ вести, во сериозни држави (каква што не сме ние) наидуваат на многу сериозен третман и обемни анализи. Не чекаат да задоцни воз, туку брзаат да донесат стратегии и мерки што ќе им овозможат да се справат со последиците од климатските промени за да ги заштитат своите економии.

Кај нас нема никаква, а камоли сериозна дебата на оваа тема. Темата периферно стигнува до две точки: дали се сервисирани и во функција „ер-тракторите“ за гаснење пожари, и дали има некоја нова хаварија во водостопанската инфраструктура поради што земјоделците пак имаат проблем со наводнување на нивните култури оваа сезона.

Јас не гледам каква било релевантна дебата кај нас за овие многу важни прашања. Сѐ е сведено на една тема – уставни измени

До вчера таков проблем имаше со цевководот Макарија, кој беше нефункционален во време на најголемите горештини, а неговата санација по еден и пол месец беше прогласена за брз и голем успех.

Решавањето на овие проблеми треба да биде навремена и рутинска постапка, а не задоцнет и чекор за фалење. Се разбира, доколку постои трошка свест дека предизвиците од климатските промени се толку големи и далекусежни, што нема да ни дозволат никаков простор за импровизација, во кои штетите ќе ги плаќаат земјоделците. И не само тие.

Научниците во светот одамна се согласни дека екстремните временски промени ќе стануваат почести и поинтензивни. Затоа, во многу земји градежништвото, земјоделството, транспортот и осигурувањето се дел од дејностите што наголемо се подготвуваат да го променат начинот на кој работат, имајќи предвид дека ударите на климатските промени нема да бидат исклучок, туку ќе станат правило.

Градежниот сектор секако е еден од оние на кој ќе му треба радикално реструктурирање, бидејќи екстремните временски услови, не само што  ги погодуваат градилиштата, туку ги оштетуваат и градежните материјали, што носи дополнителни трошоци. Топлинскиот стрес најбргу го скратува животниот век на инфраструктурата, која кај нас и онака не е во добра кондиција. И при поројни дождови и силни ветришта, таа е повторно прва жртва.

Значи, во иднина нема да биде доволно Стојанче Ангелов да нѐ информира на кој мост му се расклатил столб. Ќе мора да се менуваат стандардите за проектирање инфраструктурни објекти и да се приспособат на новите екстремни ситуации. А потоа поредовно да се одржува веќе изграденото и да има почести контроли на патиштата, мостовите, хидротехничките објекти, браните, цевководите и речните корита.

Екстремните горештини во земјоделскиот сектор водат кон пропаѓање на посевите, повисоки цени и кон несигурност во производството на храна. Загубите на светски осигурителни компании поради катастрофи поврзани со екстремни горештини или штети од шумски пожари двојно се зголемиле само во последните четири години.

Оттука, јасно е дека економската битка во иднина ќе се фокусира главно на приспособување кон климатските промени, што не исклучува и релоцирање на одредени бизниси од места што се најмногу погодени од временските екстреми.

Јас не гледам каква било релевантна дебата кај нас за овие многу важни прашања. Сѐ е сведено на една тема – уставни измени – а дури и за неа не се дебатира на каков било структуриран и сериозен начин, туку е сведена на меѓусебни обвинувања меѓу власта и опозицијата, со крајно византиска реторика.

Дури и кога постои објективна оправданост уставните измени да се актуелна тема, тоа не значи дека сѐ друго треба да запре. Не може да исклучиме дебата и за овие теми, кои од многу аспекти се исто така важни за земјава и за нејзиниот напредок, токму кон ЕУ.

Словенија одамна е членка на ЕУ, но климатските промени не прашуваат во кој клуб членуваш. Оваа наша пријателска земја, во изминативе денови неколкупати ги почувствува страотните последици од климатски промени, за жал, и со човечки жртви. Штетите врз инфраструктурата, врз станбениот и земјоделскиот фонд, допрва ќе се утврдуваат.

Убаво е што министерката за одбрана, Славјанка Петровска најави подготвеност да ѝ помогнеме на Словенија. „Со големо жалење ја следиме состојбата во Словенија, која ја погоди големо невреме и поплави. Не можеме да го гледаме ова, а да не понудиме помош“, порача Петровска.

Да ѝ подадеме рака на Словенија, ама да си подадеме рака и себеси. Ваквите прашања не се решаваат со надеж дека ќе бидеме заобиколени

Сето тоа е во ред. Но, кога еднаш со големо жалење ќе ја погледнеме и состојбата во Македонија? Колку ние сме подготвени да превенираме последици од удар на климатската „мечка“ ако таа заигра и пред нашата врата? Особено кога знаеме дека и еден малку посилен дожд целосно го парализира Скопје, на пример, а камоли поголемо невреме.

Проблемот е што ние одамна кај нас не гледаме проблем. Затоа ни економските ресори на Владата, ни градежниците, ни земјоделците, ни осигурителните компании, па ни работниците што работат во неклиматизирани услови, не дискутираат гласно за овие прашања, иако секој ги чувствува штетите парцијално.

Според податоците од американскиот колеџ Дартмут, екстремните горештини ја чинеле глобалната економија речиси 16 трилиони долари за период од 21 година (сметано од почетокот на 90-тите години на минатиот век). Колкава е цената што ја плаќаме ние само поради помала продуктивност (ограничување работа во одредени дејности за време на екстремни горештини, ослободување од работа на одредени категории вработени итн.)? Нема таков податок.

Нема анализа или план како дејностите што се најмногу погодени од климатските промени да се прилагодат на поекстремните температури, да ги ублажат ризиците, да ги намалат штетите врз приходот, а тоа да не биде по цена на здравјето и правата на работниците што работат на отворено и се изложени на најголем ризик од смрт, повреди и намалена продуктивност.

Да ѝ подадеме рака на Словенија, ама да си подадеме рака и себеси. Ваквите прашања не се решаваат со надеж дека ќе бидеме заобиколени. Со надеж за таква околност, со неработење и со неподготовка, не се презентираме како организирана држава, туку како дембел чаршија, која нема ни амбиции, ни труд да стане нешто повеќе од тоа.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија