Џинови или лилипутанци

Македонските власти мора да покажат повеќе трпение и разбирање за стравувањата на јавноста од текот и исходот на преговорите со Бугарија. Точно е дека на двете страни има националисти, кои не би можеле да го замислат своето опстојување ако не се хранат со замрзнати конфликти.

Но, не може сѐ да се подведе под национализам. Има илјадници луѓе што сакаат што побргу да се реши спорот со Бугарија и земјава да ги почне преговорите со ЕУ, и нормално е да прашуваат по која цена би можело да се случи тоа. И нормално е да предупредуваат по која цена никако не смее да се случи.

Само некој што не живеел во Македонија и во кожата на еден Македонец може да се исчудува зошто луѓето денес дуваат и на матеница. Затоа што се изгорени. Затоа што секое дете родено по осамостојувањето, прво што можело да научи е дека Грција не ни го признава името. Дека Бугарија ни ја признава државата, ама не и јазикот и идентитетот пред 1945 година. Дека Србија не ни ја признава Црквата.

Генерации македонски деца израснаа низ разни епизоди на мирнодопски битки за македонскиот идентитет. И треба да се има целосно разбирање што денес гласно реагираат: има ли ова крај, што уште треба да направиме за да бидеме прифатени таму каде што географски, историски и културно припаѓаме, и сме – во Европа?

Договорот од Преспа затвори едно тешко прашање по цена на промена на името, но не го засегна идентитетот и јазикот. Договорот со Бугарија – обратно. Од договор што требаше да затвори прашања, се претвори во тотална спротивност, отпосле оптоварен со Декларација на бугарското собрание и Рамковна позиција на владата од октомври 2019 година, документи кои се надвор од духот на Договорот.

Има илјадници луѓе што сакаат што побргу да се реши спорот со Бугарија и земјава да ги почне преговорите со ЕУ, и нормално е да прашуваат по која цена би можело да се случи тоа. И нормално е да предупредуваат по која цена никако не смее да се случи

И нормално е секој да се праша – ако за компромис со Грција беа потребни речиси три децении, колку ќе бидат потребни за решавање на спорот со Бугарија? Ако компромисот со Грција подразбираше географско прецизирање во името на државата, позицијата од која се води Бугарија инсистира на една сложена операција, која илустративно може да се опише како обид за менување наша крв, за потребите на нивната историска интерпретација околу нашето суштествување. Дури и во медицината, терапиското менување крвна плазма се смета за агресивна постапка, која може да доведе до низа последици, а камоли во зовриената сегашност, која, за жал, ја живееме со Бугарија.

Факт е дека разговорите, разбирливо, не може да се одвиваат пред камери. Факт е дека ако се постигне некакво решение, тоа ќе треба да помине или да не помине низ институционалните и филтрите на јавноста. Факт е дека сега атмосферата тековно се релаксира со истакнување во преден план прашања од економијата, инфраструктурата, културата… Ама факт е и дека не може да се избега од историските прашања, кои се претворија во највисокиот ѕид меѓу двете земји. Се виде тоа на 4 февруари.

Има голема „фабричка грешка“ во начинот на кој се третира т.н. заедничка историја. Ако под тоа се подразбираат настани и личности што ги сплотувале и ги сплотуваат народите од двете земји, тогаш зошто Гоце Делчев е претворен во „објект“ околу кој се водат најголемите кавги? Целта беше тие настани да обединуваат, а не да се претвораат во презентација на едностран „поседовен лист“, од тој што се чувствува помоќен затоа што е во ЕУ.  

Она што Грција го разбра во преговорите со Македонија е дека нема договор ако едната страна биде задоволна, а другата не. Или, дека компромис е кога сите се незадоволни на некој начин (Меркел).

За разлика од Грција, Бугарија како да не го разбира тоа. За „резултат“ во разговорите (во историската комисија, на пример) се смета само ако биде прифатено бугарското гледиште. Под параванот на дијалог се форсира монолог. Таквата еднонасочност иритира и кулминира по прашањето на Гоце Делчев. Не постои Македонец што ќе се согласи Гоце да „падне“ на зелената маса. Да му го одземете Делчев на Македонецот е како да сте се обиделе да ја смените неговата ДНК, како да сте му го одзеле домот, борбата, сеќавањето, местото во историјата и правото на слободна македонска држава. Тоа е реалноста.

Не постои таква ЕУ кон која би се стремел кој било македонски граѓанин, ако Гоце биде дел од цената. Оттаму се и стравовите, дека при разговори од асиметрични позиција (Бугарија е членка на ЕУ, ние не), Софија би можела да врши притисок за да навлезе во сферата каде што нема право – интервенции во историското минато и во правото на самоопределување, иако таквото однесување не би имало никаква врска со прокламираните европски вредности.

Не постои Македонец што ќе се согласи Гоце да „падне“ на зелената маса. Да му го одземете Делчев на Македонецот е како да сте се обиделе да ја смените неговата ДНК

Тоа ќе биде латентен мотор за потенцијални нестабилности за кои ЕУ ќе мора да обрне внимание, особено ако некоја страна бега од мултиперспективен пристап во време кога историјата сѐ уште е основна „дрога“ на Балканот. Ако поради историјата досега се војувало, успех ќе може да постигнат тие што ќе ја искористат за помирување, а не за порамнување на сметките (за она во што не успеале да го реализираат преку војна). Во комисијата за сега не се перцепира таков капацитет. И тоа ќе биде проблем. 

Напредок е што во моментов интензивно се состануваат меѓуресорски работни групи од двете земји и добро е нивната работа да резултира со поголема соработка, бидејќи проектите за иднината ќе донесат многу повеќе корист за двата народа отколку копањето ровови во заедничкото минато.

Добро е да се воспостават и подобри врски со Софија, за луѓето од двете земји да комуницираат необременети од минатото, туку од сегашните потреби. Добро е да се отвори авиолинија меѓу Скопје и Софија и добро е да полетаат авионите на „Гуливер“. Но, најдобро ќе биде ако во целиот овој период на разговори не се однесуваме како лилипутанци, туку како еманципаторски џинови, кои со достоинство, аргументи и со култура во односот со соседите ќе покажат како се градат мостови. Сѐ додека во ЕУ има и земји од кои не може многу да се научи за европските вредности, нашата обврска и предност ќе биде да ја покажеме таа разлика.