Друже полиграф, кажи дека не лажам

Колумна на Сашо Кокаланов

Ако згрешам, нека изгорам – пееше легендарниот Пепи Бафтировски. Стиховите пеат за носталгијата по родниот крај и за враќањето дома, но уште првата строфа има силна еколошка димензија: ти не плачи мајко што сум далеку и сам, и не кревај магли

Дали токму овој стих стои испечатен на А4-лист хартија над секое биро во Министерството за животна средина и во канцеларијата на локалните власти, на пример во Скопје, Битола и во Тетово? Не знам, ама очигледно дека таму се силно убедени дека Пепи ним им се обраќаше кога велеше „мајко“. И не ја креваат маглата по ниедна цена.

И не се сосема во криво. Многу граѓани навистина го спомнуваат овој збор (мајката), додуша во поинаква конотација, додека се обидуваат да дишат поретко пробивајќи се облакот од ПМ-честици. И не само мајки, се спомнуваат и шајки…

Сакам да кажам, во услови кога борбата против загадувањето ни е потпрена главно на молитви до боговите и нивната милост да ни испратат ветер во скопската и во другите најзагадени котлини, а власта нема дури здрава, издржана и осмислена приказна со која ќе нѐ убеди дека има сериозен, макар и многу долгорочен план за оваа работа, не може човек да не им се израдува на ваквите ветровити утра како денешново.

Сино небо над Скопје. Чудо. Фантастично. Воздух. Дишеш полека, да не го шокираш организмот со неочекувани дози кислород. Ниту со дишењето не смее да се претера.

Нејсе, се чини дека додека кревањето на маглата во Македонија во метеоролошко-еколошка смисла е инцидент, но затоа кревањето на една друга магла се случува темелно и неповратно.

Општествено-политичко-криминалната завеса околу 27 април и обидот за државен удар, неуспешен се разбира, впрочем како и сè во Македонија, се крена, но не како што се крева завеса во театар, туку како да се откачила корнизата. И зад завесата ете ти го Хорхе, фатен на препад, влетан во туѓа сцена како вол во купус, гол и ненашминкан, здрвен како фикус се ѕвери во гледалиштето, вџашен и тој од непланираната средба со публиката.

Е па, драги публикуме, еве ви го Хорхе разголен од сведоштвата на учесниците во крвавиот четврток. Спремен да му закачите над срамните делови не смоквин лист, ама кривична пријава.

Овие актуелниве немаат приказна (засивува некако шарената приказна од маглата). Ама затоа оние претходните, заедно со нивниот денешен рецидив Хорхе, имаа голема шарена лага.

Притоа, да се разбереме, приказна и лага не е исто. На пример, замислата дека „лавот е крал на животните“ е приказна, додека извикот „внимавај, лав!“ ако нема лав во близина е лага. И луѓето и мајмуните знаат да лажат, но само човекот знае да создава приказни.

Сино небо над Скопје. Чудо. Фантастично. Воздух. Дишеш полека, да не го шокираш организмот со неочекувани дози кислород. Ниту со дишењето не смее да се претера

Јувал Ноа Харари, многу популарниот мислител на денешнината (себеси знае да се нарече и историчар на иднината) во своето значајно дело „Сапиенс – кратка историја на човечкиот род“ раскажува дека лагата е тотално безначајна во еволуцијата (за разлика од приказните).

„Лагата не е ништо посебно. И зелените мајмуни и шимпанзата лажат. Еден зелен мајмун, на пример, е забележан како извикува: Внимавајте! Лав! (на мајмунски јазик) кога немало никаков лав во околината. Сосем очекувано, овој извик го преплашува другиот мајмун кој ја испушта штотуку најдената банана, а лажгото си ја присвојува наградата за себе“.

Со други зборови, како рекол народниот мудрец, на лагата ѝ се кратки нозете. И шу прајме сеа со мајмуниве што сакаа да ни направат една мала граѓанска војна и со нивните лаги дека иде лавот?

Е па, балканските политичари си најдоа една неверојатно корисна играчка за вакви прилики, за обвистинување на нивните приказни, пардон лаги, особено кога таа играчка е во нивни раце. Полиграфот!

Еве конечно една работа која Александар Вучиќ не ја презеде (и усоврши) од ВМРО, туку тие сега ја копираат од него. Вучиќ уште во далечната 2015 година се сети на оваа моќна алатка.

Беше тоа афера во која Вучиќ беше посредно обвинет дека ги „хушка“ своите медиумски мегафони против останатите медиуми и дека така на некој начин политички (а и не само политички) ги рекетира. Вообичаена ситуација во една диктатура од балканска провиниенција, ништо страшно, ама на Вучиќ му беше важно да се си го исчисти образот, зашто тој е нели светец.

На толку набавки на опрема во државава, од медицинска, па сè до опрема за прислушување, не знам како Груевски не се сети да набави и еден полиграф подесен за политички функционери

Господинот тогашен српски премиер, а денес претседател, фино-лепо си отиде кај својот министер за полиција и доброволно се подвргна (убав српски збор) на полиграфско испитување.

Прашањата сам си ги напиша од дома, испитувањето го направи во интимна атмосфера, во кругот на најблиските соработници, по што министерот за внатрешни работи во неговата влада, патем и од неговата партија, свика спектакуларна прес-конференција и им соопшти на новинарите дека Вучиќ на сите прашања одговорил со „не“, а апаратот на сите одговори извикал: „Тако је! Жива истина!“

Солиден дел од јавноста поверува во ова. Зошто да не, па премиер е, не ќе нè лаже.

На толку набавки на опрема во државава, од медицинска па сè до опрема за прислушување, не знам како Груевски не се сети да набави и еден полиграф подесен за политички функционери. Ќе можеше вечерта пред да избега да направи и еден полиграф во полиција дали планира да бега. Ќе си одговореше „не”, апаратот ќе потврдеше, власта ќе беше уште порелакс, и човекот ќе избегнеше незгодни, долги рути до Будимпешта и преоблекувања во женско.

Е па, драги публикуме, еве ви го Хорхе разголен од сведоштвата на учесниците во крвавиот четврток. Спремен да му закачите над срамните делови не смоквин лист, ама кривична пријава

Како и да е, тоа што Грујо го заборави, не значи дека полиграфот не е тема на конспиративните состаноци во вилата на претседателот Хорхе на Водно.

Фатени со спуштени гаќи на 27 април, полиграфот ним им е да се биде или не, џа или бу, Шутка ил Топаана… Па ќе го прочитате деновиве, меѓу другото, и ова:

„Минатата година во Основното јавно обвинителство испративме збир на извештаи во врска со случајот 27 април, пред, за и потоа, вклучително и моите активности кои беа предмет на јавен интерес. Единствено што не е испратено е позитивното полиграфско тестирање за отфрлање на гласините, обвинувањата и потврда на автентичноста на моите изјави во извештаите“, ни порачува во писмената изјава Синиша Алексовски, советникот во кабинетот на претседателот на Македонија, по сведочењата на обвинети за неговата улога во минатогодишните собраниски настани и за тврдењата дека ветувал воена состојба и апсење на тогашните опозиционери.

Е па, другари, збирката извештаи е океј, ама тоа полиграфското зошто го заборавите. Сега полиграфот под мишка и правец на телевизија за да ѝ демонстрирате на нацијата дека зборувате „само вистина“. Сигурно ќе ви поверува.

Но, тоа не значи дека нема да треба да се јавите со пижамчиња таму каде што царот не оди пеш кога ќе падне од престолот. Зашто, за жал, полиграфот е супер пи-ар алатка, ама не помага многу во судските постапки.

Откако испитувањата во САД од 1997 покажаа точност од само 61%, веќе следната година Врховниот суд на САД не ги прифаќа за релевантни какви било информации добиени со полиграфско испитување. Кажете драгичка, слично е и во нашето законодавство – полиграфот не претставува доказен материјал, туку само евентуално индиција во кој правец да се продолжи истрагата.

Ништо, помирете се дека че си лежите. Или можеби нема да си лежите зашто че се помирите.

Уф… Друже полиграфе, кое од овие две е вистина, еден, два, три, кажи сега ти!