Државата и нејзините театри

Од денес во соседна Србија се отвораат театрите и киносалите, а дозволено е и организирањето концерти. Што се однесува до поголемите сали и настаните на отворено, максималниот број посетители може да изнесува 500 луѓе. Се разбира, со строго почитување на протоколите – задолжително носење маски и задолжителна дистанца. Тоа, конкретно за театрите во најдобар случај значи работа со половина капацитет, а често и помалку затоа што се предвидува да се продаваат седишта по цик-цак систем, односно секое второ седиште мора да биде празно.

Во некои земји (Норвешка) дури се размислува во театрите да се укине физичката дистанца, со објаснување дека во спротивно не може во целост да се доживее уметничкиот впечаток, а со претпоставка дека секој е одговорен за своето и за здравјето на другите.

Можеби состојбата со корона вирусот во Србија не може да се квалификува како премногу лоша, меѓутоа никако не може да се каже и дека е добра. Сепак, ете, за разлика од кај нас, тие се решија истовремено да ги пуштат театрите и кината, а богами и концертите. Кај нас, ете, концертите, додуша, само на отворено, функционираат веќе еден месец. И гледаме како!

Во време кога на ниво на државата се прокламира слоганот „купувајте домашно“, овдешните концертни промотори, без трошка солидарност за своите колеги и без никакво чувство за моментот, решиле дека не им се исплаќа да ангажираат „домашно“

Јас знам дека, меѓу другото, и концертите се важни за колективното ментално здравје. Знам дека, иако можеби статистички малубројна, и тука постои цела една индустрија што се занимава токму со организирање концерти и слични настани и дека со пандемијата, таа беше меѓу најзагрозените индустрии, па затоа и лично се заложував за допуштање организација на концерти. Меѓу другото, и затоа што и изведувачите и уметниците, исто така, влегуваат во најзагрозените категории од корона кризата.

Како и да е, почетокот на „концертната сезона“ го обележа скандалот со (не)настапувањето на Жељко Јоксимовиќ во рамките на Охридско лето и откажувањето на охридскиот концерт на Аца Лукас. Но, затоа, како што читателот знае, тука се концертите на Петар Грашо, Амира Медуњанин, Жељко Бебек…, па и отворањето на Охридско лето со пејачи од регионот.

Ако ви се чини нешто чудно во овој список, тогаш сте сосема во право. Меѓу наброените нема ниту еден домашен изведувач или уметник. Во време кога на ниво на државата се прокламира слоганот „купувајте домашно“, овдешните концертни промотори, без трошка солидарност за своите колеги и без никакво чувство за моментот, решиле дека не им се исплаќа да ангажираат „домашно“. Или, не знам, не нашле квалитет меѓу овдешните музичари на нивото на еден Грашо, на пример!

Да се разбереме, немам ништо против тука да настапуваат и Грашо, и Лукас, и кој било. Напротив, секогаш сум се залагал за отвореност, па ако некому нешто не му се допаѓа или не му е по вкусот (како што наброените не се по мој вкус) не мора да оди и да ги гледа, меѓутоа прашањето е тука многу покомплексно од она за вкусовите.

Еве, само како илустрација да го споменеме прашањето на хонорарите. Јас навистина не знам колку тие изнесуваат, ама кумулативно земено, нивниот збир веројатно и не е толку мала сума. Можам да замислам колку настапи на наши изведувачи ќе можеа да се организираат за парите за организација на овие два-три концерти, и на тој начин да му се помогне на домашниот квалитет. На крајот на краиштата, тие пари ќе останеа во земјава и на тој начин ќе се „купуваше домашно“.

На овој начин добивме само потенцијален (и прилично веројатен) „кластер Грашо“. Слушам муабети дека луѓето се сами виновни што се туркале на концертот на Грашо, ги пееле на глас песните и не носеле маски. Демек, ние сме неодговорен и недисциплиниран народ и сѐ што ни се случува сме го заслужиле. Ова ќе беше точно во случај публиката да беше информирана дека ќе бидат продадени 2.000 наместо 600 влезници и дека нема да биде можно да се држи физичка дистанца. Вака, при платени прилично скапи билети, луѓето решиле да ризикуваат.

За разлика од публиката што оди на концерти на Грашо, проценето е дека театарската публика и организаторите на театарските претстави, значи театрите, се неодговорни за своето здравје, па за пуштање на театрите и киносалите уште не се размислува

Но, ете, здравствените и останатите власти процениле дека концертните организатори се одговорни лица и дека луѓето што одат по концерти на Грашо и на Лукас знаат да се грижат за своето и за туѓото здравје, па сега ќе поднесуваат кривични пријави и ќе преземаат слични мерки, небаре тоа нешто ќе промени во овдешната практика.

Значи, за разлика од публиката што оди на концерти на Грашо, проценето е дека театарската публика и организаторите на театарските претстави, значи театрите, се неодговорни за своето здравје, па за пуштање на театрите и киносалите уште не се размислува.

За волја на вистината, кај нас и посетата на театрите знае да биде опасна по здравјето, особено ако присуствувате на перформанси на навивачки групи, како што беше оној во Македонскиот народен театар. Конечно, и овие потенцијални кластер-концерти не се одржуваат на друго место, туку – во театри! Додуша, во амфитеатри, ама, сепак, театри.

Театрите кај нас се државни институции. Тоа значи дека државата, во принцип, секогаш ги ползува театрите за остварување на некои свои краткорочни или долгорочни цели. Во тој клуч можеме да ги гледаме и навивачките дивеења во МНТ и концертот на Грашо во Хераклеја. Тоа некому му одговара – од политички причини.

Недопуштањето, пак, театрите да ја извршуваат својата основна дејност, исто така може да се гледа низ истиот клуч – остварување некои краткорочни или долгорочни цели на политичката опција што ја раководи државата.

Театарот, сам по себе, секогаш се обраќа на државата. Тој, по својата суштина, или ја контекстуализира или ја проблематизира државата и нејзиното уредување. Се чини дека денес е најопасна по здравјето која било од овие две опции. Опасно е да ја контекстуализираш, а уште поопасно е да ја проблематизираш државата што те плаќа.

Не е на одмет да потсетиме дека театарот по својата природа нема своја татковина. Да, тој е роден во античка Атина, ама е роден заедно или како производ на демократијата. Не постои театар без демократија. И обратно. Иднината на театарот е иднината на демократијата. Сегашноста на театарот е сегашност на демократијата.

Ќе се отворат и нашите државни театри. Тогаш кога ќе се процени дека нема повеќе да бидат опасни по колективното здравје!