Етничкиот тотем

  • 10
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Не го разбирам молчењето или одобрувањето на предлогот на БЕСА за вклучување на етничката припадност во личните карти. Дваесет години по конфликтот од 2001 година и Охридскиот договор, по сите напори за исклучувањето какви било причини и околности кои правата на помалите етнички заедници би ги довеле во подреденост, и по законот за употреба на јазиците, овој предлог нѐ враќа во некоја примордијалност, кон прапочетокот на темата за која мислевме дека е затворена.

Можеби тоа е резултат на фактот што некогашната ОНА, трансформирана во ДУИ, ги монополизираше заслугите за Охридскиот договор, кој со години се наметнува како партија мајка/матица во албанскиот блок, дури и со став дека на Албанците не им се потребни толку партии. Со тоа како директно да им наметна потреба на другите партии на Албанците да си трагаат по свој етнички трофеј, по значка на партискиот ревер, со која пред гласачите би парирале со свој учинок и придонес кон етничката кауза.

Каква врска има дали во личната карта ќе пишува дека сте Македонец, Албанец, Ром, Србин, Турчин, Влав или Бошњак, и каква додадена вредност му носи тоа на вашиот и чиј било живот, ако тоа е „шарен балон“, замена за сѐ што нема, а реално ни треба

Не е грев да се трага по нов наратив, особено ако партиите во албанскиот блок преку тоа најдат начин, преку реални теми да ѝ парираат на партијата, која повеќе од една деценија е забетонирана во власта, користејќи ги токму етничките ловорики.

Но, прашањето е – зар разликата не треба да се направи со различност во понудата? Зошто изборот повторно мора да биде од атарот на етнички теми?

Не е демоде, туку тотално анахроно ако две децении зборуваме за интеграција, за еднаквост, за важноста на граѓанското пред етничкото, а добиваме предлог етничката припадност да ни биде запишана во личната карта. Со која цел? Што ќе биде следно – запишување и верска определба, или тетовирање на етничката припадност на чело?  

Како БЕСА ќе го „продаде“ овој предлог, и како заедно со коалициските партнери СДСМ и ДУИ ќе го оправдаат, во време кога националната стратегија на владата е „Едно општество за сите“. Што бара „нацртана“ етничката припадност во документ за идентификација?

Поразително е ако е целта да се направи етничка контратежа за категоријата државјанство. Се срамат ли Албанците од македонското државјанство? Небаре е тоа хороскопски знак, па за читање на ѕвездените пораки нужно е да го потенцираат и подзнакот.

Би сакала да го слушнам ставот на ДУИ, партија во чие име стожерен е терминот интеграција. Во балкански услови и прилики, јасно е дека името воопшто не мора да биде гаранција за намерите, исто како што и „националното единство“, во името на ДПМНЕ, владите на таа партија го претворија во огромни поделби по сите основи, до тој степен што сегашното партиско раководство допрва треба да се бори за елементарно внатрепартиско единство.

Ќе поддржи ли ДУИ интеграција со етничка диференцијација во личните карти? Ќе поддржи ли потези што нè враќааат во времиња пред Охридскиот договор, бидејќи се јалови „битки“ што ја трошат општествената енергија во процеси што немаат никаква врска со потребите на граѓаните.

Малку ли има проблеми на чие решавање партиите може да брилираат – образование, економија, здравство, култура, развојни политики, животна средина, инфраструктура…

Трчањето по брз рејтинг преку ставање во погон на етнички теми, без вистинска потреба, не е знак на политичка зрелост. Обратно.

Каква врска има дали во личната карта ќе пишува дека сте Македонец, Албанец, Ром, Србин, Турчин, Влав или Бошњак, и каква додадена вредност му носи тоа на вашиот и чиј било живот, ако тоа е „шарен балон“, замена за сѐ што нема, а реално ни треба.

Не е демоде, туку тотално анахроно ако две децении зборуваме за интеграција, за еднаквост, за важноста на граѓанското пред етничкото, а добиваме предлог етничката припадност да ни биде запишана во личната карта. Со која цел?

Стари демократии, кои ваквите детски болести ги прележале пред многу години, но и нови, бележат многу индивидуални протести на предлози за етничко бележење (особено за време на пописи), што често резултира со изјаснување како „ескими“ или „останати“. Тоа е изворна форма на отпор кон употребата на граѓаните во пополнувањето етнички графи за политички потреби. Сите тие практично ѝ пркосат на едностраноста и еднодимензионалноста, испраќајќи порака дека се зaлагаат за интеркултурален модел на општество, во кое различностите се обединуваат и се надополнуваат, а не се постројуваат во посебни графи.

Второво е типично за нееманципирани партиски врхушки, кои не гледаат подалеку од етничкото трло, кои имаат ограничена перцепција на актуелните потреби, на геополитиката, но и недостиг од подготовка за глобалните промени.

Додека тие се посветени во цртањето на веѓите на посакуваниот етнички тотем, граѓаните надвор од документите за идентификација си ги цртаат вистинските коти на нивната реална припадност во графите на животното секојдневие: вакцинирани – невакцинирани, вработени – навработени, гладни или сити, почитувани или непочитувани, удостоени или не, почестени со вистината или измамени, инфраструктурно поврзани или не.

Кога ќе дојдат избори, ќе гласаат сите овие категории на задоволни или незадоволни. Нема да гласаат личните карти. Тие само ќе бидат приложени.