ЕУ за тебе, мало морген

Колумна на Сашо Кокаланов
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

1.

Македонија и нам сличните западнобалкански селендри долго време се обидувавме да го увериме остатокот од светот дека реформите не ги правиме поради и заради евроатлантските интеграции, или барем не само поради нив, ами пред сè заради себеси и заради добробитот на нашите граѓани. Фала богу што не успеавме да ги убедиме во тоа, зашто сега токму фактот дека функционираме според принципот „колку пари, толку музика“ ни е најголем аргумент да не се зезаат со нас и да ни ја испорачаат робата што „скапо“ сме си ја платиле.

Или во превод, на сила е заканата: ако не ни испорачате датум за преговори (во случајот на Косово – безвизен режим) – нема реформи, нема демократизација, нема мир и стабилност. Притоа, Албанија и Косово се џилитат со проектот Голема Албанија, а ние, бидејќи проектот Голема Македонија е пресмешен за да биде закана за кого било, се закануваме со тоа дека ќе го вратиме ВМРО на власт.

Еди Рама и косовските лидери тврдат дека го имаат минирано теренот и сега преговараат со кренати запалени чакмаци како да се на концерт на Леонард Коен. Заев, пак, има поинаква тактика, утре на средба со германската канцеларка Меркел ќе ја понуди на послужавник сопствената глава.

Дали ваквата камикази-дипломатија ќе даде добар резултат? Па, зависи што сметаме добар резултат. Дали, на пример, ремито е добар резултат? Дали ново ветување за датум евентуално во октомври или ноември со уште неколку попатни услови за континуитет во реформите  е добар резултат?

Но, дури и да даде некаков резултат поврзан со датумот, ваквата реторика е самоубиствена на домашен план. Поставете си едно просто прашање – кого вистински казнувате со историски бис на национализмот, автократијата и заробената држава, Меркел или граѓаните?

Датумот е чиста симболика. Не е гаранција за ништо. Можеш да ги почнеш преговорите уште летово, на пример, а никогаш да не ги завршиш. А можеш да ги почнеш и вгодина, а да ги завршиш за пет години. Но, веќе сум го напишал ова – за жал нам датумот за преговори ни е поважен од самите преговори и метаморфозите што тие треба да ни ги донесат.

Со други зборови, и ова лето ќе се занимаваме повеќе со семиологија, помалку со суштина.

2.

Средбата, значи, е утре, а надежите, одговорот за датумот се дека нема да биде мало морген.

Зашто, другата страна на медалот е дека ако имавме дил, а и самата ЕУ нè убедуваше дека го имаме, ваков тип екстемпорација во нивната изведба каков што ни приредуваат со игриве околу датумот е исто така едно големо разочарување.

Како им беше тој слоганот на кампањата финансирана од ЕУ, а интензивирана пред референдумот за Преспа – „ЕУ за тебе“, така? За сега на крајот од тој долг и мачен процес во кој ние жртвувавме некои работи, меѓу другото и она малку правна држава што го имавме, да го сменат слоган во онаа сурова вистина на реал-политиката „ЕУ само за себе“?

ЕУ за себе, ние за никаде. Тоа е тоа. Политиката е курва, нели, а меѓународната политика е, сепак, политика.

3.

Македонска класика – сите луѓе преговараат за датум за одмор, а ние не одиме на одмор зашто чекаме датум за преговори.

4.

Во ваква атмосфера, вестите дека денеска продолжува некое од судењата за предметите на СЈО само дополнително нервираат, како секојдневни реминисценции на онаа народната „Не умри магаре крај зелена трева“. 

Особено иритантно е судењето за предметот „Талир“, што се однесува на незаконското финансирање на ВМРО ДПМНЕ. Во него се обвинети екс-премиерот Никола Груевски, поранешниот генерален секретар на владата, Кирил Божиновски и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески. 

Се товарат за „злоупотреба на службената положба и овластувања“ и за „перење пари“, а истовремено со вестите за „судењето“ ги читаме и вестите како првообвинетиот си ги „пере“ парите во водите на Дунав, крстосувајќи по луксузни бродови и дегустирајќи скапи балатонски вина.

Сите се прават луди и збунети, сите ја чекаат средбата Заев-Меркел за да знаат што да работат и кој пат да го фатат, зошто исклучок би биле судиите? Во правосудството, барем, копулацијата на лудите и збунетите не им паѓа многу тешко, тоа таму има долга и поприлично порнографска традиција, таму лудите и збунетите се парат како полжави во хермафродитски чин, во кој не се знае кој е луд, а кој збунет.

5.

Добро, ако е за утеха, кај оставката на Груевски што пратениците едноумно му ја констатираа, нема многу дилеми кој е луд, а кои се збунети.

6.

Должиме и едно мало дополнение на тезата дека сите во државата го чекаат исходот од средбата Заев-Меркел. Не, сите. На ДУИ им е сеедно, ним исходот ништо не им менува.

Нивниот „ДУИнг бизнис“ си тече без посериозен застој. Советникот во Општина Охрид од нивните редови ја завршува изградбата на објектот кај Чинарот, за која нема дозвола од институциите, а е на земјиштето што е во државна сопственост.

Наместо поставување урбана опрема, во заштитеното јадро на Охрид е изграден објект од бетон, што претставува тврда градба.

Прво датум, после ќе рушиме. Ако нема датум, нека седи.

7.

За крај нешто од рубриката верувале или не. Вгодина ќе имало попис.

Тоа, инаку, и во африканските земји е една нормална и непомпезна статистичка операција. Но, не и кај нас.

Ако има предвремени избори, на пример, се сомневам дека ќе има и попис, иако едното со другото не би требало да има никаква врска. Сепак, за општество со капацитети како нашите, кристално чисти избори и кристално чист попис би било ту мач за во една година.

Но, дури и ако нема предвремени, пописот виси поради политички калкулации. Власта наводно ќе попишувала иселени како да се овде, а ВМРО наводно ќе бојкотирале.

Уште тоа не сме го виделе до сега, партија да бојкотира попис. Што ќе му порачаат на членството – не отворајте на непознати, а ако ви влезат дома лајте дека не сте таму?

Сè на сè, заплетов околу пописот може да се сумира во една брзозборка: Попис, дата, вода пијам.