Ги заболе нив за Мичел

Колумна на Сашо Кокаланов

Белиот дворец сѐ уште нема реакција на брутално директното писмо од САД до ВМРО-ДПМНЕ и до нејзиниот формален лидер Христијан Мицкоски. Веројатно е дадено во канцеларијата за толкување и превод во „Палома бјанка“ кај овластениот судски преведувач Никола Груевски, па ќе следува партиски став.

А можно е овластениот судски преведувач намерно да забави со преводот и да почека да помине гласањето во парламентот, по што никому веќе нема ни да му биде важно како Мицкоски ги толкува пораките од стратешкиот партнер на нашата држава.

Во меѓувреме, има јасна инструкција да се пуштат на најјако лагите дека ако ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, ќе постигнеле нов, подобар договор со Грција. Зашто, како што добро знаеме, до сега никогаш не биле на власт и немале можност да испреговараат таков „подобар договор“.

За време на 11-годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, во Грција се сменија многу политички елити. Практично, сите најрелевантни. Беа на власт и сестринската на ДПМНЕ – Нова демократија, и социјалдемократската ПАСОК, а ја дочекаа и левичарската Сириза. Со ниедна од нив не успеаја да постигнат „поповолен договор“. На што тогаш ги темелат сега очекувањата (лагите) дека ќе испреговарале подобар договор, дека на власт во Атина ќе дојде Виножито од Лерин?

За време на 11-годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, во Грција се сменија многу политички елити. Практично, сите најрелевантни. Беа на власт и сестринската на ДПМНЕ – Нова демократија, и социјалдемократската ПАСОК, а ја дочекаа и левичарската Сириза. Со ниедна од нив не успеаја да постигнат „поповолен договор“

Прво, не верувам дека дури ни преговарачот Метју Нимиц ќе успеат да го вратат од пензија на преговарачка маса, а не, пак, кој било од Грција. За да променат нешто во договорот, ќе мора од нешто друго да се откажат. Мицкоски е математички прецизен во изјавите што сака да добие во „новиот договор“ – да нема уставни промени и да нема ерга омнес формула, но е дилетантски и манипулаторски непрецизен во сокривањето од што е подготвен да се откаже. Од македонскиот јазик? Или од правото да се нарекуваме Македонци? Или можеби од двете, зашто промената на ерга омнес во договорот е речиси неможна, или, ајде да не бидеме исклучиви, е можна само по многу, многу висока цена.

Второ, ако не го спроведеме овој договор, зошто некој би седнал со нас на маса да преговара за нов? За и тој да не го спроведеме?

Заборавате дека Договорот од Преспа има политичка цена и за другата страна. Ципрас ќе изгуби гласови на идните избори затоа што го потпишал. Губи гласови за нешто што потоа кај нас пропаднало. Па, не знам, обидете се, можеби ќе најдете нова будала што ќе губи гласови за нешто што, исто така, ќе пропадне.

И што откако, хипотетички, ќе го истргувате идентитетот за да нема ерга омнес? Ќе направите референдум за новиот договор? Ќе го поддржат милион гласачи? Тешко таа работа – ако за договор што гарантира македонски идентитет гласаа 610.000 гласачи, треба да си луд или глуп, или и двете заедно, да веруваш дека за договор што не ја содржи оваа гаранција, ќе излезат милионче.

Македонската страна во преговорите, да не заборавиме, беше во нерамноправна положба со контрапартнерот, зашто е надвор од сојузите каде што сака да влезе. Тоа нема да се промени. Знаете што ќе се промени? Ќе биде уште понерамноправна.

Сега за оние аспекти од компромисот што нам ни беа најважни, имавме адвокат во нашите поддржувачи од меѓународната заедница. Тие ни помагаа и ние да добиеме нешто што ќе ни даде достоинствен излез од јазолот за кој не сме виновни, ама е врзан околу нашиот врат. Во нови преговори, ВМРО-ДПМНЕ ќе влезе без адвокати и помагачи, со главен меѓународен сојузник Виктор Орбан (ги заболе Грците за Орбан). И толку. Зашто вториот по моќ сојузник им е Милорад Додик.

Не знам како поинаку да се прочита пораката од Вашингтон дека, цитирам: „и покрај тврдењата дека можел да се постигне некаков ‘подобар договор’, ние не веруваме дека тоа е можно“, освен како недвосмислено укажување дека во една таква нова авантура ќе сме сами, без пријатели, зашто никој не е толку шлакнат да си троши време и да седи со нас на маса за нови јалови, повеќедецениски преговори.

Повеќе од една деценија го лажевте Западот дека ќе го решите спорот, само што не сте стасале до компромис, дека активно преговарате итн, итн, сега сте како овчарчето во приказната за лажните тревоги за волкот. Сега и искрено да сакате нов договор, никој нема да ви верува.

Македонија нема план „Б“, но дали сте сосема сигурни дека и меѓународната заедница е исто така без план „Б“ за нас. Јас не би бил толку сигурен.

Во право е резонирањето на потпретседателот на Мицкоски, Александар Николовски, дека ако Договорот од Преспа пропадне, нема белки НАТО и ЕУ да кренат раце од нас. Нема, не. Сигурно нема да нè послужат на „тацна“ и да нè испорачаат во Москва со реченицата: „Еве ви ги овие, правете што сакате со нив“. Но, размислете малку со тоа тиквите, ако не сакаме да се интегрираме во едно парче, дали самите не им испраќаме порака да нѐ интегрираат парче по парче.

Во таков случај, ни името, ни идентитетот, ни ерга омнес – ќе бидеме премногу во ерга гомнес за да се грижиме за овие аспекти на нашето постоење. Или ако повеќе сакате, ќе се занимаваме со самото наше постоење, а не со различните негови аспекти.

И да, не мислам дека Мицкоски, Николоски или нивниот генерал Груевски, ниту кој било од нивните пратеници, верува во можноста за подобар договор. Ниту, пак, некој во партијата се занимавал со тоа прашање на таков начин.

Во нови преговори, ВМРО-ДПМНЕ ќе влезе без адвокати и помагачи, со главен меѓународен сојузник Виктор Орбан (ги заболе Грците за Орбан). И толку. Зашто вториот по моќ сојузник им е Милорад Додик

Нивната цел е победа на избори и на името, тие како и во изминативе 15 години гледаат на ова прашање како на фино средство за остварување на таа цел. А по изборите, секако дека нема да седнат со грчката страна за да го подобруваат договорот, туку прво што ќе направат, ќе биде да ги празнат ќелиите на затворите од криминалците во своите редови.

Приоритет ќе е да се обезбеди слободата на Груевски, секако, па потоа хиерархиски надолу. Кога ќе ги исчисти од затворските казни, Мицкоски „ќе ја плати политичката цена“ и ќе си замине. Не е будала човекот да преговара со Грција, си има мали централи човекот, ќе си се стави на електричен погон, а електричната столица ќе му ја остават на некој друг, на некое жртвено јарче што ќе седне и ќе потпише евентуално многу пострашна капитулација. Или, пак, ќе седне амнестираниот Груевски и ќе си бидеме Албанија под Енвер Хоџа или Република Српска во најдобар случај.

Ова е планот „А“, „Б“, „В“… и „Ш“ на ДПМНЕ. Затоа писмата на Мичел не ги загрижуваат. Замислете, САД му порачуваат „да ги тргнеле настрана партиските интереси со цел унапредување на заедничките стратешки интереси и обезбедување посветла иднина за вашите граѓани во европското семејство на народи.“

Веројатно, овие редови ги чита Мицко со благо смешкање, зашто баш го заболе него дури и за партиските интереси. Него го интересира фамилијата што го поставила, а во писмото ништо добро не ѝ се нуди на фамилијата. Тука почнува и завршува интересот за писмото од Мичел во дворецот.

Но, тука почнуваат и проблемите зашто надежта дека амандманите ќе поминат, всушност, е базирана токму не тоа дека ВМРО-ДПМНЕ не е партија, дека е банда без команда, дека таму секој сам за себе преговара, секој сам за себе се пазари (освен Мицкоски, де, кој се пазари во име на Груевски).

Јасно е дека од крајот на процесов (да не речам крајот на неделава) зависи дали оваа банда ќе добие третман на здружение на граѓани или на злосторничко здружение. А, како што гледаме од парцијалнава амнестија што им се нуди под клупа, можеби ќе биде и такво и онакво здружение, деновиве кај нив секој сам си вади членска карта.