Големата карантинска преселба

  • 8
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

За време на карантинскиот викенд се изнаслушав муабети за „моралниот лик“ на скопјаните што го напуштиле својот град и избегале низ Републиката да „шират корона“, додека остатокот на населението „послушно“ се придржува до насоките од Владата и седи во „домашен притвор“ осумдесет и кусур часови.

Овие реакции, кои често одеа и одат на границата на хистерија, повикувајќи ги властите да го затворат Скопје за враќање на „непослушните“ скопјани во главниот град, покажуваат прилична доза на непознавање на функционирањето на македонската метропола, па и на македонското општество во целина.

Прво (1), најголемиот дел од жителите што го напуштија Скопје, всушност се на привремена работа во главниот град и, едноставно, за викендот се вратија дома.

Второ (2), најавите за продолжен празничен карантински викенд, во услови на „византиска“ комуникација на високите политички елити со плебсот, не можеа да се сфатат никако поинаку, освен како повик: бегајте, бре, луѓе што подалеку од жариштето на епидемијата.

И, трето (3), најгласни во повиците за линч не беа „најпослушните“, затоа што послушноста не оди заедно со протестирањето и викањето, туку оние што немаа каде да избегаат и кои, сходно на тоа, под око ги гледаат оние што имаат каде да одат или, уште повеќе, оние што имаат да си платат продолжен викенд некаде по излетничките места.

Се разбира, на најголем удар се оние највидливите – политичарите!. Тука, пред сѐ, мислам на генералниот секретар на владејачката СДСМ, Љупчо Николовски, кој наводно, преку социјалните мрежи, ги повикал граѓаните да ги почитуваат мерките, а потоа се „пофалил“ на истите тие мрежи со сопствена фотографија од Берово.

Ако градскиот татко не е со градот тогаш кога на градот му е најтешко, тогаш сериозно се поставува прашањето зошто му треба на Скопје воопшто градоначалник

Овој пример, всушност, е прецизен пример на погоре кажаното. Имено, Љупчо Николовски не е ништо друго, туку типичен претставник токму на оној слој луѓе што се наоѓаат на привремена работа во Скопје. Човекот е од Крива Паланка. Претпоставувам дека таму има семејна куќа, а со оглед на неговата возраст, многу веројатно е дека таму живеат и неговите родители. Значи, човекот не направил ништо друго, туку како примерен семеен човек – се вратил дома да го помине викендот во кругот на семејството, како што тоа обично се вели. Е, сега, кога е веќе во Крива Паланка, каде што беше на сила релативно полесен полициски час, зошто да не тркне до Берово, каде што, меѓу другото, се наоѓаат и дел од неговите гласачи.

За да се воспостави некаква политичка рамнотежа и политичка коректност во целата антиполитичка хајка, се појавува и името на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски, кој наводно викендот го поминал во својот роден Охрид. Се разбира дека сето она што беше кажано за генсекот на СДСМ, важи и за потпретседателот на најголемата опозициска партија.

Иако станува збор за јавни личности, тие не се јавни функционери (или барем во моментот не се), односно не примаат плата од „народни пари“, односно од буџетот, па така нивното однесување и не би требало да се гледа никако поинаку, освен како однесување на луѓе од внатрешноста што животот ги донел на „печалба“ во македонската метропола.

Јас не знам дали претседателот на СДСМ, Зоран Заев, го поминал овој викенд во кругот на своето семејство, односно во неговата родна Струмица, меѓутоа истите принципи важат и за некогашниот македонски премиер. Е, сега, работите малку се комплицираат со фактот дека во неговата партија постои цел кластер на ковид-19, особено што неговиот потпретседател Мухамед Зекири е позитивен на корона вирусот, ама белки му е направена онаа фамозна епидемиолошка анкета, или како тоа веќе се вика, и утврдено е дека човекот не е носител на вирусот. Барем не на овој актуелен вирус.

За разлика од лидерот на владејачката партија, за лидерот на опозицијата и премиер во најава Кристијан Мицкоски, со голема доза на сигурност може да се претпостави каде го поминал викендот. Или во теретана или во кафеана! Или во некое друго место каде што со уредби е забрането да се оди. На човекот просто му тргна да ги проверува границите на толерантноста на системот и за тоа подробно да ја известува јавноста.

Со зголемувањето на бројот на заболените и исправањето на кривата на епидемијата, се чини дека се исправа и нашата траекторија на сознанието, позната меѓу луѓето како „од задникот до главата“

Во „случајот теретана“ се јавил кај одговорните лица во МВР да ургира побргу да му се расчисти предметот, зашто, нели, штом е тој во прашање, тоа, самото по себе, е – приоритет! За волја на вистината, и навистина е приоритет, затоа што станува збор за дело со кое се загрозува јавното здравје. Како и да е, во „случајот кафеана“ наводно се јавил во МВР во обид да се сокријат снимките од сигурносните камери, што, со оглед на тоа за кого и за што се работи, во тој момент било – приоритет.

 Што било приоритет? Да се сокрие дека премиерот во најава го крши законот за зачувување на јавното здравје? Сега станува многу појасна неговата грижа за здравјето на граѓаните во случај на спроведување избори. Со оглед на фактот дека човекот е еден од најважните политички фактори во евентуалниот изборен процес, а од друга страна и перманентна опасност по јавното здравје, тогаш евентуалните избори со него навистина можат да бидат опасност по здравјето на граѓаните. Останува да видиме во која насока тогаш ќе интервенира МВР.

Сепак, за разлика од сите овие случаи, еден особено боде очи, а тоа е наводното викендашко заминување во Маврово на скопскиот градоначалник Петре Шилегов. Не дека не знам што ќе направеше ако останеше во градот што го избрал да го води или дека е некаква морална вертикала за скопјани, ама ако навистина го напуштил градот, кој буквално гори како жариште на ковид-19 и кој е буквално затворен од тие причини, за мене е на исто ниво како, на пример, градоначалникот на Скопје, онаа 1963 година, Благој Попов, да избегаше во Грција на викенд за време на скопскиот земјотрес. Ако градскиот татко не е со градот тогаш кога на градот му е најтешко, тогаш сериозно се поставува прашањето зошто му треба на Скопје воопшто градоначалник.

Во меѓувреме, и натаму соборуваме статистички рекорди во регионот, во однос на епидемијата со ковид-19. Она што е добро во целата ситуација, ако нешто воопшто може да биде добро, е фактот дека со зголемувањето на бројот на заболените и исправањето на кривата на епидемијата, се чини дека се исправа и нашата траекторија на сознанието, позната меѓу луѓето како „од задникот до главата“. Долг е тој пат, некаде меѓу 40 и 50 сантиметри и треба месеци и месеци да се изоди, ама, ете, се чини дека и по превисока цена, некако излегуваме од подножјето на сопствените мисловни активности.