Господин господин министер

Има разлика меѓу сиромаштија и беда. Иако двата термина во суштина се однесуваат на лоша и тешка егзистенцијална состојба, во преносна смисла зборот беда има потенцијал да означи и нешто различно од немаштијата – беда на духот, на културата, на вредностите, на моралот. 

Ако си сиромашен, не значи и дека си беден во таква смисла. И обратно, некој може да има торби и торби со пари и милиони вреќи брендирана облека, но тие да не можат да ја покријат неговата морална беда. 

Атиџе Муратова, на пример, е сиромашна од егзистенцијален аспект, но во исто време самата е раскошен бренд, каков што не може да купи за пари. Во патот до таа нејзина ризница ние немаме ама баш никаков придонес. И никогаш немаше да дознаеме за нејзиниот живот и принципи, ако не беа креаторите на филмот. А сега сите сакаме да брцнеме во тој мед. 

Зошто? За да ја ублажиме нашата сеопшта беда, заглавена во илузии дека само материјалното богатство носи успех и почит, а сите други се глупаци што навреме „не се снашле“. Тоа е нашата паланечка филозофија. 

И одеднаш ќе се појави таа од некоја бекирлиска недојдија, да ни покаже дека богатството е во нешто друго: во нејзината порака и мисла, во начинот на кој е споена со природата, во начинот на кој се однесува кон луѓето, особено кон оние мали инсекти од чија улога во опрашувањето на растенијата зависи најмалку една третина од храната што ја јадеме. 

За волја на вистината, ние повеќе користиме друга храна. Во нашиот секојдневен речник нема ни нектар, ни мед, ни емпатија, туку пелин. Не успеавме за себе да изградиме бренд „вредни како мравки“ и не се интегриравме во сложна заедница налик на пчелната. 

Кај нас навистина врие како во кошница, ама не од работа, туку од глупости. Ние рефлектираме морална беда, со потенцијал таа да станува сѐ поголема. Не е доказ за тоа само она корона-видео, во кое индивидуален израз на простаклак и ксенофобија фрли дамка врз целата заедница и ја претстави како примитивна. Ниту коњот обесен во камионска приколка. Или оној примитивен член на заедницата што се олеснува во паркот на Жена-борец. 

Ако си сиромашен, не значи и дека си беден. И обратно, некој може да има торби и торби со пари и милиони вреќи брендирана облека, но тие да не можат да ја покријат неговата морална беда

Не се тоа причини за нашата беда. Тоа се последици од хроничноста на бедата во нашата необлагородена заедница, од која е протерана секаква форма на почит, лична култура и стандарди на јавна комуникација. 

Па, видете ја само снимката од разговорот меѓу дополнителниот заменик-министер за земјоделство, Цветан Трипуновски, и градоначалникот на Општина Конче, Благоја Илиев. Темата „култура на однесување“ се отвора откако Илиев му вели на Трипуновски „Јас не те тужам БЕ, јас те гледам во очи“.  

„Како БЕ, со речник БЕ, така ли ве учат во Ес-де-ес?“, прашува Трипуновски. 

Прашањето би било логично, доколку и самиот дополнителен заменик-министер не ословува со БЕ во прашањето, но и во целиот дотогашен  разговор. 

Пред да побара соодветен речник од соговорникот, еве како изгледаа дел од репликите на Трипуновски до Иванов: „Не се нервирај БЕ сега“, „Како БЕ трипол месеци задоцниле?“ „АБЕ градоначалник, земи напрај ги улициве овдека“, „Млад човек си БЕ, не се нервирај, … те гледам БЕ“, АБЕ зашто викаш, кажи ми? Чекај БЕ, АБЕ гласот ќе ти се фати“… 

И по оваа манифестација на „култура“ од страна на Трипуновски, тој без трошка срам го искуди соговорникот за речникот. Потоа имиџот на вистинољубива личност, го потврди со лажно претставување. „Јас сум за тебе министер“, му рече тој на Илиев. 

Со оглед на широката пропусност на кадровските филтри, не се сомневам дека еден ден може и да биде министер. Но, дотогаш ќе мора да се држи до фактите. Дали Трипуновски е министер? Не е. Не е ни заменик-министер. Тој е дополнителен заменик- министер. 

А бидејќи бара законот да важи подеднакво за сите, нека почне од себе: прво да престане лажно да се претставува, за да не ги доведува граѓаните во заблуда. Зашто ако вака се однесува некој што сака да биде министер за земјоделие, (веќе видовме едно реалити шоу во Берово), тогаш подобро е да немаме земјоделие. 

Го разбирам Илиев зошто реторички го прашува Трипуновски – си извадил ли ти пет денари од земјоделие? И тоа не мора ништо да значи. Подобро е некој никогаш да не се фати мотика, отколку да го сее семето на злото. 

Не никнува бедата туку-така. Таа расте кога егоизмот комбиниран со чувство на пониска вредност и несигурност, монструозно ја раѓа потребата другиот да биде понижен, исмеан

Кавгаџиство, тензии, поделби на земјоделците, етикетирања, закани со тужби, не се начин за искажување грижа за земјоделците. Ако постојат докази или индиции за криминал, должност е тие да се пријават до надлежните институции, а не да прават улични претстави. 

За да не слушаме потоа лажни ламентации дека Македонецот бил раскаран и поделен. Тој што го дели точно знае дека семето на злото засадено денес, ќе дојде ред да се жнее утре. Ќе носи некој одговорност за реколтата од нова беда или ќе се правда дека е самоникната?  Не никнува бедата туку-така. 

Расте кога егоизмот комбиниран со чувство на пониска вредност и несигурност, монструозно ја раѓа потребата другиот да биде понижен, цинично комунициран, исмеан. Тоа е ситуација во која сите треба да бидат поставени значително пониско, за главниот протагонист да изгледа што помаркантно во својата замислена политичка големина. 

Појавноста на ваквите симптоми прилично влијае врз предизборниот период. Следејќи ги реакциите за ваквите „јас сум министер“ – драмолетки, видливо е дека тие ја вршат најмолскавичната мобилизација на сите што како неопределени или разочарани сметале да си останат дома на 12 април. 

Токму ваквите реминисценции на Грујовото време, драматично ги премислуваат – не дали да гласаат, туку први да излезат да гласаат против повторување на „веќе виденото“. Така што, можеби некој не извадил ни пет денари од земјоделие, ама со споменатото поведение ќе извади добар процент на гласачи во корист на опонентот. Со свој камен по своја глава.