Еден од најголемите, ако не и најголемиот земјотрес забележен во пишаната европска историја на катастрофи, е оној што го погодил Лисабон на 1 ноември (Денот на сите свети) во 1755 година. Се проценува дека според сегашното мерење, неговата сила била девет степени според Рихтеровата скала. Земјотресот траел седум минути.
Веднаш потоа следел уште еден со речиси иста сила, а по два часа и трет. Загинале 40.000 луѓе, односно една петтина од тогашното население на Лисабон, а 85 проценти од сите градби биле уништени. Веднаш по земјотресот следело цунами со бранови високи до 20 метри. Областите што не биле погодени од земјотресот ги зафатиле пожари што траеле пет дена.
Општествени тектонски движења
Оваа катастрофа, всушност, била вистински земјотрес и во европската научна, политичка, па и општествена мисла. Волтер, на пример, го „искористил“ земјотресот да се „пресмета“ со Лајбниц и неговите истомисленици, побивајќи ја тезата дека ова е „најдобриот од сите можни светови.“
Земјотресот му овозможува на Жан Жак Русо, кој е восхитен од „благородниот дивјак“, да ја засили критиката на технолошкиот напредок и животот во градовите што го отуѓува човекот од неговата природа и од природата, воопшто. За земјотресот во Лисабон пишува и Кант, развивајќи одредени концепти во естетиката и обидувајќи се да го разбере земјотресот на научен начин.
Без оглед што ќе се испостави дека неговата теза дека земјотресите се резултат на движењето на подземните врели гасови е погрешна, тоа е, сепак, прв обид научно да се протолкува оваа појава и, секако, зачеток на идната сеизмолошка наука. Конечно, лисабонскиот земјотрес е причината што европското просветителство почна посериозно да се сомнева во сликата на добронамерниот и семоќен бог.
Овој земјотрес ги промени и принципите и наративите на урбанизмот. Лисабон, онаков каков што е денес, е токму резултат на катастрофата. Граден е од нула, со широки булевари и големи плоштади, токму како обид да се намалат последиците од евентуалната идна природна непогода.
Се разбира дека катастрофата има и сериозни општествени последици. Урнати се бројни раскошни палати, вклучувајќи ги тука и библиотеките. Кралската резиденција е префрлена надвор од градот. Уништени се сите историски извори и географски записи за португалските освојувања, вклучувајќи ги и оние на Васко де Гама. Како резултат на тоа, Португалија нагло ги прекинува своите колонизаторски амбиции.
Скопје не се сеќава
Приказната за лисабонскиот земјотрес е ставена тука само како контекст на скопската катаклизма од пред 63 години. За скопскиот земјотрес, веројатно, е сѐ напишано. И самиот имам напишано бројни текстови, па дури и две сценарија за документарни филмови поврзани со оваа тема.
Звучи парадоксално, ама скопскиот земјотрес, всушност, го означи почетокот на времето на оптимизмот. Тоа беше еден вид расчистување со старото и почеток на новото модерно доба. Слично како и Лисабон, и Скопје доби сосема нов лик, лик на модерна, урбана метропола со широки булевари и цврсти, бетонски градби.
Но, за разлика од Лисабон, кој практично никогаш не ја заборави својата катастрофа, Скопје уште на стартот од изградбата го ревидираше планот на Кензо Танге за централното градско подрачје. Иако централната идеја е останата иста, да се сочува неурнатото централно подрачје, како некој вид историско сеќавање и околу него да се изгради таканаречениот Градски ѕид, изведбата е нешто поинаква од првобитната замисла (првенствено во намалување на катноста и бројот на кулите).
Но, како и да е, отприлика требаше да помине половина век од катастрофата, па таа практично да падне во целосен општествен заборав. И тоа во намерен заборав. Отстранети се речиси сите артефакти и споменични обележја што ја чуваа меморијата за несреќата, за нејзините последици и за раѓањето на новото време.
Старата железничка станица, сега Музеј на град Скопје, тој „природен“ споменик на скопската катастрофа, одамна го изгуби својот оригинален лик. Па, и оној легендарен часовник, застанат на 5 и 17, времето на земјотресот, сега е невидлив во своето опкружување. Дури и еден скопски градоначалник, во својата предизборна кампања, ветуваше дека ќе го „поправи“ часовникот и дека тој ќе покажува точно време и ќе „свири“ на секој час (!).
Јадрото на градот, она што Кензо Танге сакаше да го сочува, со проектот „Скопје 2014“ е девастирано до непрепознатливост. Бетонот и фасадите, кои требаше да влеат сигурност кај граѓаните, се заменети со стиропор што лесно може да се потпали дури и од надворешните температури во скопските жешки лета. Скопје, од нова модерна урбана метропола, ја доби титулата на престолнина на кичот од која во догледно време, а веројатно и никогаш, нема да се ослободи.
Она што не успеа да го направи своевремено Пиколомини, а ни катаклизмата од 1963 година, успеавме да го направиме ние. Упорно и настојчиво. Од поетското мото „Градот убав пак ќе никне“, со неподнослива леснотија поминавме на „Градот убав пак ќе рикне.“
Садевме палми на Вардар, градевме беспотребни кич мостови со смешни фигури, кои, наместо да ја асоцираат „славната“ историја, предизвикуваат потсмев кај случајните минувачи. Го наполнивме градот со коњи и лавови, небаре се тоа најважните животни во нашето битисување.
Многу фекалии протекоа низ Вардар од планот на Кензо Танге досега. Многу урбанистички планови, многу ГУП-ови и ДУП-ови се променија. Широките булевари станаа претесни од паркирани автомобили. Новата железничка станица, тој симбол на новото Скопје, остана како споменик на нашата корупција. Ја запаливме шалтер-салата на Поштата, уште еден од симболите на новото Скопје.
Секој поголем дожд ни носи некаква поплава, и тоа без ниту една река да се излее. Затоа што водата е вода и таа мора некаде да тече. Мора, или да ја впие земјата, или барем да се излие во некаква атмосферска канализација. Скопје, иако страдал и страда од поплави, не прави атмосферски канализации и не негува зелени површини.
Водно се изгради од подножјето, па до врвот. Не помина ниту една генерација, а она што се пошумуваше сега се сече. Старата чаршија одамна не личи на себе. И она што се градеше по земјотресот, како Саемот, на пример, успеавме да го уништиме.
Толку од и за визиите на овдешните градски татковски и корумпирани политичари. Ако е заслужен земјотресот за сегашниот воодушевувачки изглед на Лисабон, за грдата слика на Скопје не можеме да го обвиниме скопскиот земјотрес. Маркичките и дивоградбите не ги инсталираше земјотресот. „Бизнис ориентед“ плановите не ги носеше земјотресот. Ние премолчевме.
Втората заборавена димензија на скопскиот земјотрес е солидарноста. Никогаш, ни порано, ни подоцна, светот не се обедини толку во помошта на еден настрадан град. Обединетите нации го направија својот прв интернационален фонд за помош, кој потоа прерасна во Програма за помош на земјите во развој (UNDP). За првпат во историја, во мирнодопски услови се сретнаа американската и советската војска. Не знам дали се сретнале повторно. Скопскиот земјотрес, со голема брзина, го придвижи светскиот детант.
Тогаш Скопје беше буквален центар на светот. Имавме пријатели секаде. Од Јапонија до Венецуела. Денес, и Скопје, и Македонија се на далечните маргини на Европа. Топоними што влегуваат во фокусот само по некои големи несреќи од типот на онаа во Кочани или преку бизарни самоубиства по затворите во кофи со вода.
За Скопје тогаш пишуваа од Сартр до Моравија. Најголемите светски умови размислуваа за неговата иднина. Скопје беше симболот на надеж и победа на човекот над природните катастрофи. Не привикувам никакви несреќи, ама, скраја да е, ако ова трусно подрачје повторно го зафати некоја таква непогода, што мислите – ќе се обедини ли повторно светот?
Или ќе бидеме само една кратка вест, забиена некаде меѓу текстовите за мајмунчето Панч што го слави првиот роденден и изгледот на Мадона на Светското фудбалско првенство? Прашањето е реторичко. Не мора да одговорите. Доволно е само да размислите.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија











