Груевски и да не биде во Владата, опозицијата до април не ќе може да ги елиминира неговите девијантни методи кои функционираат во системот. И кога „де јуре“ ќе биде отсутен, „де факто“ ќе биде присутен. Со еден збор, Груевски во Владата е помалку опасен од вкоренетиот груевизам во системот!
Лажна е дилемата што ја окупира јавноста деновиве – дали Влада со Груевски или Влада без него ќе ја стабилизира европската иднина на Македонија до предвремените избори во април 2016 година. Од тоа, пак, зависи дали разговорите во Брисел опозицијата ќе ги смета за успешни или ќе го радикализира своето вонинституционално дејствување.
И да остане и да не остане Груевски персонално во составот на некоја транзициска влада, состојбата за опозицијата ќе биде иста, бидејќи во старт си дозволи една клучна грешка и влезе во опасна замка. Навистина е нејасно врз основа на кои анализи и потреби на сегашниот момент, СДСМ условно се согласи да има предвремени избори до крајот на април 2016 година!?
Да се согласите на такво нешто значи дека прифаќате да ги санирате системските девијации што се таложеле цели 25 години, за само десет месеци. И притоа да заборавите дека летото е на прагот, дека клучните преговори реално не се почнати ниту може да се предвиди кога и како ќе завршат. Да заборавите дека во еден од летните месеци на колективен одмор одат и судството и парламентот, но и бриселската администрација, која пак, овде треба да мониторира одредени процеси и активности.
Тоа практично значи дека до први септември планираните активности оперативно ќе се соочат со изгубено и непродуктивно време. Ако половината од март и цел април ги ставиме на контото за подготовка на изборите и за кампања, реалното време што останува за ресетирање на институционалниот систем е само шест и пол месеци.
Што може да се направи за толку кратко време? Ништо значајно. Можеби единствено да се прочисти избирачкиот список, иако не е сигурно со каков квалитет ќе се направи и тоа во толку кус рок, дотолку повеќе што ситуацијата налага контролата да се врши „од врата на врата“.
Но, според изјавата на лидерот на СДСМ, нема ништо поважно од отсуството на Груевски од транзициската влада и од обезбедувањето можност за фер избори. „Потенцирам: Само слободната волја на граѓаните изразена на избори може да ѝ даде одлична шанса на Македонија“, рече Заев.
Да, тоа е точно. Но, таа волја не може да се обезбеди само со прочистување на избирачкиот список. Од него ќе бидат елиминирани починатите лица или лажните гласачи, но не и методите за манипулирање со избирачката волја. Тие методи не се во списокот туку во полугите на системот, кој преодната влада нема да има време да го чисти од длабоката инфекција со вирусите на партизацијата. Ќе има ли време за квалитни промени во изборната регулатива? Не. Ќе има ли време за формирање некаков независен суд што ќе почне истрага за сознанијата од аудио-снимките? Не. Ќе има ли време за кадровски промени на лица за кои има јасни индиции дека се инволвирани и во незаконски активности поврзани со изборите? Не.
Значи, Груевски и да не биде Владата, во системот ќе останат несанкционирано да функционираат сите негови девијантни методи. И кога „де јуре“ ќе биде отсутен, тој „де факто“ ќе биде присутен. Со еден збор, Груевски во Владата е помалку опасен од вкоренетиот груевизам во системот!
Тоа значи дека нема да биде спречена можноста некој нов Коста да украде оригинални гласачки списоци за некој нов Миле да види кој не гласал во првиот круг, па да го притиснат пред вториот. Нема да биде исклучена можноста некој „патриот“ повторно да има клуч од депото каде што се сместени црните вреќи со гласачки списоци. Нема да биде спречена можноста непријавен, дониран и неевидентиран кеш да циркулира од партиски штабови до гласачки џебови.
Ова за да се санкционира, потребна е подготовка на законски измени, дебата и гласање, а според стандардите, таа постапка мора да заврши неколку месеци пред изборите. Тоа време опозицијата реално (ќе) го нема, а, за жал не го ни (по)бара.
Сега Груевски е во многу поволна позиција. Може сите да ги изненади и доброволно да се откаже од учество во каква било влада, а во транзицискиот период да си работи на терен, да го одврзе ќесето таму што пошироко и да си ги зацврсти коруптивните методи што подлабоко.
Потоа одморен и релаксиран во април ќе се појави на изборен мегдан. Тоа задоволство ќе му го овозможи токму опозицијата, која брзајќи по нови избори, а не по нови принципи на владеење, се откажува од времето за квалитетно ресетирање на системот, особено на правосудниот, и за негово ставање на нови, независни шини.
Со тоа потенцијално ќе му овозможи на Груевски да остане истражно нечепнат, судски негонет и слободен граѓанин, кој по десет месеци ќе дојде да си ја земе омилената играчка што опозицијата во еден период неправедно му ја одземала преку „креирани и монтирани непријатности“.
Без оглед што договорот за избори во април 2016 година нема да важи ако не се постигне конечен договор во Брисел, поразително е чувството дека опозицијата им дава приоритет на предвремените избори, а не на почетокот на фундаменталните промени кои треба да започнат веднаш.
Досега беше разбирливо зошто власта сака да ги минимизира или целосно да ги елиминира сознанијата од „бомбите“, но не е разбирливо кога опозицијата давајќи им примат на изборите посредно предизвикува таков ефект.
Нејзин приоритет мора да биде формирање преодна влада која ќе го врати легитимитетот на институциите, мерит-системот во раководењето со нив и која ќе обезбеди услови за почеток на процесот за испитување на одговорноста на сите инволвирани во криминални дејства и узурпирање на институциите.
За да се стават на колосек сите овие активности, потребни се најмалку две години, а не десет или шест и пол месеци. Дури потоа може да се зборува за избори.
Најважни избори за Македонија се оние на кои таа ќе се избори за институционална и функционална демократија. Таа битка не се добива еднаш на четири години туку е битка што трае секој ден. Кој не го разбира тоа на следните вонредни избори може да биде само извонредно поразен.
На крајот, сакам да ја потсетам опозицијата, дека дури и расипан часовник два пати во денот покажува точно време. Опозицијата мора да си го погледне часовникот и да си ги помести заглавените стрелки. Ако не сака да ѝ истече времето пред воопшто да ѝ започне, треба да разбере дека „април“ не е вистинското време туку многу повеќе невреме.